БЗСП бр.7/2026

Не се пронајдени зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.7/2026
Скопје, 21.10.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 21 октомври 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Валентин Кедиоски од Прилеп, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Валентин Кедиоски од Прилеп, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.

Во барањето се наведува дека со Пресудата ГЖ-760/25 од 11.12.2025 година, Апелациониот суд во Битола ја преиначил првостепената Пресуда МАЛВП-388/2024 на Основниот суд во Прилеп и му го одбил тужбеното барање со кое барал да се задолжи тужената Општина Прилеп да му исплати на име стекнување без основ износ од 9.123 денари за наплатена комунална такса за јавно осветлување и одржување за периодот од септември 2017 година, заклучно со месец август 2022 година.

Според наводите, на подносителот му се наплатува комунална такса за јавно осветлување иако кај неговата викенд куќа и пошироко во околината улично осветлување сè уште не е спроведено. Наплатата на непостоечка услуга претставува неосновано одземање на неговите парични средства и прекумерен индивидуален товар со што му се повредува неговото право на сопственост утврдено со член 30 од Уставот. Воедно, тоа е спротивно на праксата на Европскиот суд за човекови права којшто во случајот Стрезовски и други против Северна Македонија од 2020 година, изразил став дека наметнувањето финансиски товар за непостоечка услуга претставува повреда на правото на мирно уживање на имотот. Со така донесената одлука, Апелациониот суд во Битола сторил повреда и на член 9 од Уставот бидејќи го ставил подносителот во нееднаква положба со останатите граѓани на Прилеп затоа што плаќа иста сума за јавно осветлување како и граѓаните кои ја користат оваа услуга. Подносителот наведува дека во неговиот случај бил прекршен член 6 од Законот за комуналните такса којшто предвидува ослободување од плаќање на комунална такса за иматели на броила за мерење на електрична енергија во населени места каде што нема јавно осветлување.

Во барањето се наведува дека пред поднесувањето на тужбата, подносителот писмено се обратил до Општина Прилеп со барање услугата за улично осветлување да се избрише од неговата сметка за струја. Од страна на Општината бил известен дека согласно со Законот за комуналните такси за секое броило за мерење на електрична енергија се плаќа комунална такса за користење и одржување на јавно осветлување и дека Општината ќе го земе предвид неговото барање доколку за тоа постојат финансиски средства. Наведува и дека незадоволен од известувањето, тој повторно се обратил до Општината со истото барање со предупредување дека доколку Општината не го ослободи од плаќање на комуналната такса, случајот ќе го решава по судски пат. Воедно, со претставка се обратил и до Народниот правобранител кој го упатил на судска постапка против Општина Прилеп.

Со поднесок доставен на барање на Уставниот суд, подносителот прецизира дека бара заштита на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, а во врска со начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите независно од нивната имотна и општествена состојба гарантирано со член 9 од Уставот, како и заштита на правото на сопственост од член 30 од Уставот.
Во дополнително доставениот поднесок, подносителот наведува дека повредата на уставните одредби е директна последица на донесената второстепена пресуда на Апелациониот суд во Битола кој вршејќи дискриминација заснована на социјалната категорија „сопственик на викенд куќа”, го ставил во нерамноправна положба во однос на другите граѓани. Ова од причини што Основниот суд во Прилеп со увид на лице место констатирал дека нема јавно осветлување, не само кај него, туку и на главната улица и останатите куќи, меѓутоа Апелациониот суд одлучил дека тој мора да плаќа такса, додека другите граѓани во идентични услови (каде нема осветлување) се ослободени согласно со член 6 од Законот за комуналните такси.

Од наведените причини му предлага на Уставниот суд да утврди повреда на неговите слободи и права и да ја поништи оспорената пресуда на Апелациониот суд во Битола.

Кон барањето подносителот приложи: Пресуда на Основниот суд Прилеп МАЛВП-3/2023 од 27.12.2023 година, Пресуда на Апелациониот суд во Битола ГЖ-760/25 од 11.12.2025 година, барање до Општина Прилеп од 16.02.2022 година, Одговор од Општина Прилеп бр. 11-626/2 од 07.03.2022 година, повторно барање до Општина Прилеп од 09.03.2022 година, Одговор од Народниот правобранител НП бр. 808/22 од 24.08.2022 година и извадок од Законот за комуналните такси.

II

Според член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според став 2 од истиот член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Согласно со став 3 од истиот член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во член 33 од Уставот, е утврдено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно со член 53 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да поднесе барање до Уставниот суд за нивна заштита. Според став 3 на истиот член, барањето може да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни или вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.

Според член 1 од Законот за комуналните такси („Службен весник на Република Македонија” бр. 61/2004, 64/2005, 92/2007, 123/2012, 154/2015, 192/2015 и 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 151/2021) со овој закон се уредуваат комуналните такси што се плаќаат за користење на определени права, предмети и услуги од јавен интерес од локално значење од страна на правните и физичките лица кои вршат дејност и од граѓаните.

Член 3 став 1 точка 10 (предмет на оданочување) од Законот, уредува дека комуналните такси се плаќаат за користење и одржување на јавно осветлување. Според став 3 од истиот член, под корисник на јавно осветлување од став 1 точка 10 на овој член се подразбира секој имател на броило од категоријата „домаќинство” и секој имател на броило од категоријата „останата потрошувачка”.

Согласно со член 4 од истиот закон, обврзник на комунална такса е физичко и правно лице и граѓанинот кои користат определени права, предмети и услуги за чие користење е пропишано плаќање на комунална такса.

Според член 6 став 2 од Законот, се ослободуваат од плаќање на комунална такса од член 3 став 1 точка 10 на овој закон имателите на броила за мерење на електрична енергија во населените места каде што нема јавно осветлување. Согласно со став 3 од истиот член, пасивните населени места од став 1 точка 5 на овој член, дефицитарните занимања и занаетите во умирање од ставот 1 точка 6 на овој член и населените места каде што нема јавно осветлување од став 2 на овој член, ги определува со одлука советот на општината, советот на општините во Градот Скопје и советот на Градот Скопје.

Во член 11 став 2 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 202/2024), е уредено дека сопствени извори на приходи на општината се локалните даноци, надоместоци и такси утврдени со закон.

Согласно со член 22 став 1 точка 4 од истиот закон, општините се надлежни за вршење на комуналната дејност јавно осветлување.

Според член 1 од Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 55/2004, 12/2005, 98/2008 и 149/2014), со овој закон се уредува територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија; се основаат општините како единици на локалната самоуправа; се утврдуваат подрачјата на општините и на Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа; се утврдуваат имињата, седиштата и границите на општините; се определуваат видот и имињата на населените места; се уредува спојувањето, поделбата и промената на границите на општините и на Градот Скопје, како и други прашања што се однесуваат на територијалната организација на локалната самоуправа.

Со член 6 став 1 од Законот, се уредува дека населени места се градовите и селата. Според став 2 од истиот член, град, во смисла на овој закон, е населено место кое има повеќе од 3.000 жители; има развиена структура на дејности, а над 51% од вработените се вон примарните дејности; има изградена урбана физиономија со зони за домување, стопанство, рекреација и јавно зеленило, плоштад, изграден систем на улици и комунални служби и претставува функционално средиште на населените места во опкружувањето. Согласно со став 4 од истиот член, населените места се утврдуваат со овој закон.

Според член 8 став 1 од Законот, секое населено место има име.

Со член 12 од Законот, се утврдени населените места во општините со седиште во град, населените места со седиште во село и населените места во општините во Град Скопје, меѓу кои, со точка 56 од наведениот член и населените места во Општина Прилеп.

III

Согласно со член 54 од Актот на Уставниот суд, барањето се достави на одговор до Апелациониот суд во Битола како доносител на Пресудата на ГЖ-760/25 од 11.12.2025 година, којшто подносителот ја посочува како поединечен акт со кој му е сторена дискриминација.

Во доставениот одговор, Апелациониот суд во Битола ги негира наводите за сторена дискриминација по основ на социјална припадност бидејќи при одлучувањето не се раководел од социјалната припадност и имотниот статус на тужителот, туку според доказите во постапката врз основа на нивна сестрана анализа и со примена на законот којшто ја регулира соодветната материја.

Од приложената документација, Судот ја утврди следната фактичка состојба:

Подносителот живее во Прилеп, а има и викенд куќа којашто се наоѓа на место викано „Поводеници”. Во викенд куќата имало броило за мерење на електрична енергија, па со сметката за потрошена електрична енергија, подносителот бил задолжен и со ставката комунална такса за јавно осветлување.

Подносителот смета дека не треба да ја плаќа оваа јавна давачка бидејќи не ја добива услугата – улично осветлување во местото каде се наоѓа неговата викенд куќа, а бидејќи бил задолжен и ја плаќал, смета дека со тоа Општина Прилеп неосновано се збогатила и со тужба до Основниот суд во Прилеп, барал да биде уважено неговото тужбено барање и да му се вратат уплатените месечни средства со законска затезна камата.

Постапувајќи по тужбата од тужителот Валентин Кедиоски од Прилеп, против тужената Општина Прилеп, за стекнување без основ, со вредност на спорот од 9.123,00 денари, Основниот суд во Прилеп донел Пресуда МАЛВП-3/2023 од 27.12.2023 година, со која го уважил барањето на тужителот и ја задолжил тужената страна да му го исплати на тужителот бараниот износ на име неосновано збогатување за периодот од септември 2017 година заклучно со август 2022 година.

Првостепениот суд утврдил дека викендицата од тужителот се наоѓа во место викано „Поводеници” каде што нема улично осветлување ниту на главниот пат, ниту на соседните парцели во тоа место и со примена на одредбите од член 3 став 1 точка 10 и член 6 став 2 од Законот за комуналните такси и членовите 199, 200 и 203 од Законот за облигационите односи, утврдил дека тужената Општина Прилеп неосновано се стекнала со побаруваниот износ којшто тужителот го платил на име комунална такса за јавно осветлување за локација за која нема јавно осветлување.

Против Пресудата, тужената Општина Прилеп вложила жалба до Апелациониот суд во Битола со наводи дека првостепениот суд погрешно ја утврдил фактичката состојба и погрешно го применил материјалното право.

Имено, во жалбата тужената Општина Прилеп навела дека согласно со Законот за комуналните такси, комунална такса се плаќа за користење и одржување на јавното осветлување и дека оваа такса ја плаќа секој имател на броило од категоријата домаќинство и секој имател на броило од категоријата останата потрошувачка.

Воедно, било наведено дека Законот овозможува ослободување од плаќање на оваа такса за имателите на броила за мерење на електрична енергија во населените места каде што нема јавно осветлување и дека според Законот, ваквите населени места со одлука ги определува советот на општината, советот на општините во Градот Скопје и советот на Градот Скопје. Меѓутоа, во конкретниот случај во однос на подносителот, првостепениот суд погрешно утврдил дека станува збор за населено место каде што нема јавно осветлување поради фактот дека не се работи за „населено место” туку за викенд куќа на простор што не бил регистриран како населено место на што укажувал и самиот тужител, па според тоа, немало можност да се донесе одлука на совет за ослободување на населено место од плаќање на предвидената комунална такса.

Според наводите во жалбата, првостепениот суд точно утврдил дека станува збор за законска обврска за наплата на комунална такса за јавно осветлување, меѓутоа погрешно го применил материјалното право подведувајќи ја законската обврска како облигационен однос и применувајќи ги одредбите од Законот за облигационите односи бидејќи основно начело при создавањето на обврски од облигационен однос е диспозицијата на странките, а обврската за плаќање на комуналната такса е законска обврска, а не диспозиција (слободна волја) на странките.

Одлучувајќи по жалбата, Апелациониот суд во Битола ја донел Пресудата ГЖ-760/25 од 11.12.2025 година, со која ја уважил жалбата, а првостепената пресуда ја преиначил и пресудил на начин што го одбил тужбеното барање од тужителот за исплата на име стекнување без основ износ од 9.123,00 денари за периодот наведен во тужбата, како неосновано.

Во второстепената пресуда Апелациониот суд образложил дека во предметниот случај не станува збор за стекнување без основ бидејќи постоел правен основ за наплата на комуналната такса за јавно осветлување којшто произлегува од Законот за комуналните такси и дека обврската утврдена со Законот не настанува како диспозиција на странките. Второстепениот суд, го имал предвид и фактот дека Законот за комуналните такси предвидува ослободување од плаќање на комунална такса за јавно осветлување на имателите на броила за мерење на електрична енергија во населените места каде што нема јавно осветлување со донесена одлука на советите на општините согласно со утврдените законски критериуми – да станува збор за населено место и во тоа населено место да нема јавно осветлување. Но, според приложените докази местото каде се наоѓа викендицата од тужителот не е регистрирано како населено место, па според тоа воопшто не може да се донесе одлука на совет за ослободување од предвидената комунална такса.

IV

Незадоволен од исходот на спорот, подносителот пред Уставниот суд бара заштита на слободите и права на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.

Барањето е поднесено во рок од 60 дена од приемот на поединечниот акт (второстепената пресуда) посочен како поединечен акт со кој му е сторена дискриминација, со што се исполнети процесните претпоставки предвидени со член 53 став 3 од Актот на Судот за исцрпување на сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт со кој е сторена повредата.

Како аргумент за сторена дискриминација подносителот се повикува на член 6 став 2 од Законот за комуналните такси којшто предвидува ослободување од плаќање комунална такса на имателите на броила за мерење електрична енергија во населените места каде што нема јавно осветлување. Според подносителот, второстепениот суд не го ценел правилно фактот дека кај неговата викенд куќа нема јавно осветлување, а сепак му го одбил тужбеното барање со кое барал да се задолжи тужената Општина Прилеп да му го исплати бараниот износ на име стекнување без основ. Со тоа тој бил дискриминиран по основ на социјалната категорија – сопственик на викенд куќа и му било повредено неговото право на сопственост од член 30 од Уставот и правото на еднаквост од член 9 од Уставот бидејќи со оспорената пресуда бил ставен во нееднаква положба со останатите граѓани на Прилеп кои ја добивале услугата улично осветлување.

Дискриминацијата, како недозволено разликување, подразбира неможност да се оствари конкретно право или да се практикува одредена слобода, односно кога лицето објективно ги исполнува сите правни претпоставки и услови за уживање на правото и практикувањето на слободата, но лицето не може да ги оствари поради одреден негов статус, лична карактеристика или припадност. Воедно, исполнетоста на концептот на дискриминацијата, се согледува преку докази дека лицето било изложено на нееднаков (понеповолен) третман или недоволен третман во споредба со друго лице во иста или слична ситуација.

При оцената дали Апелациониот суд во Битола при одлучувањето се раководел од дискриминаторски побуди, а не на закон засновани причини, Уставниот суд ги имаше предвид погоре цитираните уставни и законски одредби, при што утврди како што е подолу наведено.

Уставната одредба на член 33 на Уставот, упатува на должност на секој да плаќа данок и други јавни давачки при што законодавецот има уставно право со закон да ги утврди даноците и другите јавни давачки коишто ќе ги плаќаат граѓаните, како и начинот на нивното учество во намирувањето на јавните расходи.

Законот за комуналните такси е дециден во уредувањето дека комуналната такса за користење и одржување на јавно осветлување е јавна давачка којашто секој имател на броило од категоријата „домаќинство” и секој имател од категоријата „останата потрошувачка”, е должен да ја плаќа, што значи, статусот на корисник кај заедничката комунална услуга – јавно осветлување, произлегува од самиот факт на поседување имот/броило, а не од техничката опременост на поединечна улица.

Карактеристично за даноците и другите јавни давачки е што тие се плаќаат без директна противуслуга, а средствата се користат за финансирање на јавните потреби, односно за општото добро на заедницата. При ова, постојат со закон утврдени такси коишто се плаќаат како надомест за конкретна јавна услуга како што се административните такси (за издавање уверенија и потврди, лични документи, лиценци, дозволи за работа и сл.), судските такси (за тужби, жалби, судски одлуки, преписи и сл.), како и други комунални такси (за поставување тераса, киоск, привремени објекти, за користење улици при регистрација на возило, за истакнување фирма итн).

Меѓутоа, за разлика од овие такси коишто вообичаено се плаќаат како надомест за конкретна јавна услуга, надоместокот за јавно осветлување како јавна давачка, не претставува надомест за противуслуга и не се наплаќа за осветлување на приватен имот или непосредниот пристап до куќата, туку за функционирање на целиот систем за јавно осветлување на територијата на градот или општината, при што средствата прибрани од оваа јавна давачка се наменети за користење, поставување, изградба и одржување на електричното осветлување на јавните површини (улици, булевари, патишта, плоштади, болници, училишта итн.). Граѓаните кои немаат осветлување пред својот дом, сепак ги користат овие ресурси кога се движат низ јавни површини надвор од нивната улица.

Законодавецот, исто така, има право со закон да воведува даночни ослободувања, намалувања и олеснувања за граѓаните, а во оваа смисла, со член 6 став 2 од Законот за комуналните такси е предвидено ослободување од плаќање на комунална такса за користење и одржување на јавно осветлување на имателите на броила за мерење на електрична енергија во населените места каде што нема јавно осветлување, при што, согласно со став 3 од истиот член, населените места каде што нема јавно осветлување ги определува со одлука советот на општината, советите на општините во Градот Скопје и Советот на Градот Скопје. Воедно, за ослободувањето од плаќање на оваа комунална такса, Законот утврдува два критериуми, да станува збор за населено место и во тоа населено место да нема јавно осветлување.

Според ова, општините имаат законска обврска да обезбедат јавно осветлување во рамки на границите на населените места (каде луѓето трајно живеат, се движат и престојуваат, и каде општината има примарна обврска да воспостави и одржува улично осветлување), но не и надвор од населените места. Населените места во општините со седиште во град, населените места со седиште во село и населените места во општините во Град Скопје, се утврдени со член 12 од Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија.

Во конкретниот случај, Апелациониот суд во Битола, применувајќи го Законот за комуналните такси, утврдил дека прашањето за ослободување од плаќање такса за јавно осветлување е уредено со Законот за комуналните такси и дека истото се врши со одлука на советите на општините согласно со предвидените законски критериуми, имено, да станува збор за населено место и во тоа населено место да нема јавно осветлување. Но, од приложените докази не произлегува дека местото каде се наоѓа викендицата од тужителот е регистрирано како населено место, па според тоа не ни можело да се донесе одлука на совет за ослободување од предвидената комунална такса.

Според Уставниот суд, самата примена на законска одредба од страна на суд во конкретна судска постапка, не се смета за дискриминација под услов судот да постапувал во рамки на својата надлежност, неутрално и без намера да стави некого во понеповолна положба врз основа на некоја лична карактеристика, припадност или статус.

Во конкретниот случај, од приложената документација, се утврди дека второстепениот суд постапувајќи во рамки на своите надлежности, ги испитал и ги зел предвид сите материјални и правни елементи релевантни за решавање на предметниот случај, и детално и јасно во образложението на второстепената пресуда ја објаснил причината за својата одлука да ја преиначи првостепената пресуда утврдувајќи дека не може да станува збор за стекнување без основ бидејќи во конкретниот случај постоел правен основ за наплата на комуналната такса за јавно осветлување, којшто произлегува од Законот за комуналните такси.

Образложението на второстепениот суд дека уличното осветлување не е комерцијален договорен однос (како испораката на електрична енергија до куќа), туку законска обврска, јасно упатува на фактот дека при одлучувањето овој суд не се раководел од статусот, односно припадноста на подносителот, туку од одредбите на Законот за комуналните такси којшто уредува обврска за плаќање на комунална такса за јавно осветлување подеднакво за сите иматели на броило за мерење на електрична енергија, поради што Уставниот суд ги оцени како неосновани наводите дека второстепениот суд со така донесената пресуда го дискриминирал подносителот и го повредил начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите од член 9 на Уставот.

Според Уставниот суд, начелото на еднаквост не е повредено кога законот различно третира субјекти кои се наоѓаат во различна фактичка и правна состојба (населено место со куќи за постојано живеење наспроти локација надвор од населено место). Дискриминација би постоела доколку во исто населено место (каде нема осветлување), едно семејство плаќа, а друго е ослободено, без оправдана основа за различниот третман.

Во конкретниот случај, како неспорен факт било утврдено дека местото викано „Поводеници” каде се наоѓа викенд куќата на подносителот, не е регистрирано како населено место на што укажувал и самиот тужител, што значи станува збор за локација надвор од урбаната зона на Општина Прилеп, а не за населено место каде луѓето трајно живеат и каде општината има примарна обврска да воспостави и одржува улично осветлување.

Неуспехот во спорот поради преиначувањето на првостепената пресуда, односно со одлучувањето на Апелациониот суд во Битола да се одбие тужбено барање Општина Прилеп да му го исплати на подносителот бараниот износ на име стекнување без основ, според Уставниот суд, не може да се доведе во корелација со сторена дискриминација односно различен негов третман во поглед на уживање на конкретно право, односно како што смета дека е различно третиран во правото на мирно уживање на сопственоста гарантирано со член 30 од Уставот.

Имено, иако Уставот со член 30 став 1, ја гарантира сопственоста, во став 2 од истиот член експлицитно е пропишано дека сопственоста создава права и обврски и мора да служи за добро на поединецот и на заедницата. Во контекст на ова, задолжувањето на секој имател на броило за плаќање на оваа јавна давачка не може да се смета за повреда на правото на сопственост коешто не е апсолутно право што произлегува и од став 3 од истиот член којшто овозможува одземање или ограничување на сопственоста и правата коишто произлегуваат од неа кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во конкретниот случај не е спорно дека станува збор за јавна давачка – надоместок за јавно осветлување од јавен интерес на заедницата, утврдена со закон, а карактеристично за даноците и другите јавни давачки е што тие се плаќаат без директна противуслуга и средствата се користат за финансирање на јавните потреби, односно за општото добро на заедницата. Обврската на секој имател на броило за плаќањето на оваа комунална такса во случај на недостаток на инфраструктура за улично осветлување, не може да се смета за неосновано и прекумерно мешање во правото на сопственост. Комуналниот систем е заснован и функционира на принципот на солидарност, па од средствата собрани од имателите на броилата од погусто населените зони се користат за да се развие мрежата во сите останати делови, односно за ширење на мрежата кон оние населени места што ја немаат.

Во конкретниот случај, очигледен е фактот дека интенцијата на барањето е преку утврдена дискриминација да се поништи второстепената пресуда на Апелациониот суд во Битола со цел Општина Прилеп да му ги врати на подносителот претходно уплатените месечни надоместоци за комуналната такса за јавно осветлување, односно да се издејствува исход којшто би го ослободил од идно плаќање на оваа комунална такса којашто со Законот за комуналните такси подеднакво е предвидена за секој имател на броило за мерење на електрична енергија, независно од неговите лични карактеристики, својства или припадност. Доколку подносителот смета дека Законот за комуналните такси е противуставен, легитимен пат за оценка на неговата уставност е со поднесување иницијатива пред Уставниот суд.

Судот, ја имаше предвид посочената пресуда на Европскиот суд за човекови права „Стрезоски и други против Северна Македонија (2020)”, каде Судот во Стразбур утврдил повреда на правото на сопственост во однос на плаќањето на надоместокот за ангажирана топлинска моќност на исклучените сопственици од градската мрежа за парно греење, но истото не може да се доведе во контекст со комуналната такса за јавно осветлување како јавна давачка.

Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот, во конкретниот случај, не утврди дискриминација врз Валентин Кедиоски од Прилеп по основ на социјална припадност со донесената пресуда на Апелациониот суд во Битола.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски