
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.227/2024
Скопје, 30.09.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 30 септември 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на План за парцелација од Урбанистички проект со план за парцелација за корекција на границите на градежната парцела 1.28 од ДУП Крајбрежен појас – локалитет Спортски Општина Ѓорче Петров, Скопје („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.2/2024).
О б р а з л о ж е н и е
I
Томислав Крстевски од Скопје, преку полномошник Ивица Коневски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не е во согласност со членовите 9 и 30 од Уставот на Република Северна Македонија, членовите 5 и 8 од Законот за сопственост и други стварни права, член 63 од Законот за урбанистичко планирање и членовите 6 и 11 од Законот за градежно земјиште.
Имено, се наведува дека со оспорената одлука се врши корекција на границите на градежната парцела 1.28 од Деталниот урбанистички план „Крајбрежен појас – локалитет Спортски“, која претходно ги опфаќала катастарските парцели КП 9249/2 и КП 9245/14, КО Ѓорче Петров 6. Со извршената корекција, катастарската парцела КП 9245/14 се иззема од составот на градежната парцела и се планира како земјиште за општа употреба, односно како дел од тротоарот на станбената улица „Новопроектирана 5“, додека градежната парцела 1.28 ја задржува намената А2 – згради за домување.
Оспорената одлука е донесена во контекст на претходни управни постапки поврзани со Одобрението за градење бр.УП1 27-1320 од 04.12.2020 година и Решението за одобрување на измени во текот на градбата бр.УП1 бр.27-998 од 14.09.2021 година, кои се правосилни. Во врска со овие акти бил поднесен предлог за нивно огласување за ништовни, кој бил одбиен од Општина Ѓорче Петров, по што била поднесена жалба до Министерството за транспорт и врски.
Во иницијативата се наведува дека од решенијата донесени во второстепената постапка произлегува дека правниот претходник на подносителот, како сопственик на КП 9245/14, бил носител на правото на градење на градежната парцела 1.28. Оттука, според подносителот, со донесувањето на оспорената одлука Општината фактички настојувала да го одземе веќе стекнатото право на градење.
Се истакнува дека правото на градење произлегува од правото на сопственост, при што се упатува на член 11 од Законот за градежно земјиште и член 13 од Законот за градење. Според подносителот, секое ограничување или одземање на правото на градење претставува и ограничување на правото на сопственост.
Понатаму, се наведува дека согласно член 63 став 2 од Законот за урбанистичко планирање, со урбанистички проект со план за парцелација може да се поместуваат границите на соседните градежни парцели само поради неусогласеност меѓу градежните и катастарските парцели која не може да се исправи во постапка за техничка грешка, при што не се дозволени измени на останатите параметри утврдени со урбанистичкиот план.
Според наводите, во конкретниот случај не постои таква неусогласеност, ниту техничка грешка што може да ја оправда парцелацијата, туку со оспорената одлука се врши суштинска промена со која се одзема веќе стекнатото право на градење.
Со оспорената одлука се повредува член 9 од Уставот, бидејќи сопственикот на КП 9245/14 се става во нееднаква положба во однос на сопственикот на КП 9249/2, како и член 30 од Уставот, со кој се гарантира правото на сопственост. Според наводите, со изземањето на КП 9245/14 од составот на градежната парцела се повредуваат правото на градење и правата што произлегуваат од веќе изграден објект.
Исто така, оспорената одлука е спротивна на членовите 5 и 8 од Законот за сопственост и други стварни права, бидејќи сопственикот има право својата ствар да ја држи, користи и располага со неа, а другите лица се должни да се воздржат од повреда на неговото право на сопственост. Според подносителот, Општината без согласност на сопственикот ја иззела неговата катастарска парцела од градежната парцела и ја планирала како земјиште за општа употреба.
Од истите причини, подносителот смета дека се повредени и членовите 6 и 11 од Законот за градежно земјиште, бидејќи сопственоста на градежното земјиште го опфаќа и правото на градење.
На крајот, се наведува дека оспорената одлука е донесена по изведена градба врз основа на претходно издадено одобрение за градење, со што, според подносителот, се оневозможува остварувањето на веќе стекнатото право на градење.
Со иницијативата се предлага Судот да ја поништи оспорената одлука, како и да ги стави вон сила поединечните акти донесени врз основа на истата.
II
На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Ѓорче Петров, на седницата одржана на 12 февруари 2024 година, ја донел Одлуката за донесување на План за парцелација од Урбанистички проект со план за парцелација за корекција на границите на градежната парцела 1.28 од ДУП Крајбрежен појас – локалитет Спортски, Општина Ѓорче Петров Скопје („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.2/2024).
Одлуката е донесена врз основа на членовите 36 и 62 од Законот за локалната самоуправа, член 63 став 9 од Законот за урбанистичко планирање и член 16 став 1 точка 14 од Статутот на Општина Ѓорче Петров.
Согласно со член 1 став 1 од Одлуката, со оваа одлука се донесува План за парцелација од Урбанистички проект со план за парцелација за корекција на границите на градежната парцела 1.28 од ДУП Крајбрежен појас, локалитет Спортски терени (Одлука бр. 07-3224/5 од 23.12.2008 година), на КП 9249/2 и КП 9245/14, КО Ѓорче Петров 6 – Ѓорче Петров, Општина Ѓорче Петров, Скопје.
Планот за парцелација, како составен дел од Урбанистички проект со план за парцелација за корекција на границите на градежната парцела 1.28 од ДУП Крајбрежен појас, локалитет Спортски терени (Одлука бр. 07-3224/5 од 23.12.2008 год.), на КП 9249/2 и КП 9245/14, КО Ѓорче Петров 6 – Ѓорче Петров, Општина Ѓорче Петров, Скопје, е изготвен во целост почитувајќи ги одредбите зададени со важечкиот Детален урбанистички план Крајбрежен појас, локалитет Спортски терени (Одлука бр. 07-3224/5 од 23.12.2008 год.), како и согласно со Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 32/20), Правилникот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 225/20, 219/21 и 104/22) и останатата релевантна законска и подзаконска регулатива, според став 2 на истиот член.
Со член 2 од Одлуката е предвидено дека со Планот за парцелација од Урбанистички проект со план за парцелација за корекција на границите на градежната парцела 1.28 од ДУП Крајбрежен појас, локалитет Спортски терени (Одлука бр. 07-3224/5 од 23.12.2008 год.), на КП 9249/2 и КП 9245/14, КО Ѓорче Петров 6 – Ѓорче Петров, Општина Ѓорче Петров Скопје се врши корекција на границите на градежната парцела 1.28, на начин со кој новооформената градежна парцела е со структура на сопственост која обезбедува нејзина реализација, односно се формира нова градежна парцела во склад со член 63 став 1 од Законот и член 57 став 1 од Правилникот.
Согласно со член 3 став 1 од Одлуката, Планот за парцелација од Урбанистички проект со план за парцелација за корекција на границите на градежната парцела 1.28 од ДУП Крајбрежен појас, локалитет Спортски терени (Одлука бр. 07-3224/5 од 23.12.2008 год.), на КП 9249/2 и КП 9245/14, КО Ѓорче Петров 6 – Ѓорче Петров, Општина Ѓорче Петров Скопје е изработен од ДТУ БИЛД УРБАН ДООЕЛ Скопје со технички број 0801-295/22 од октомври 2022 година, додека според став 2 на истиот член, Планот за парцелација е со следната содржина: 1. Опис и образложение на парцелацијата; 2. Графички дел – план за парцелација; 3. Синтезна карта.
Согласно со член 4 од Одлуката, истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“.
III
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, додека според став 2 на истиот член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според став 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Член 51 став 1 од Уставот, уредува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според став 2 на овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Член 110 алинеја 2 од Уставот, утврдува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Со член 2 точка 2 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024) е определено дека „прописи“ се општи акти со кои советот го уредува вршењето на надлежностите на општината.
Според член 22 став 1 точка 1 од овој закон, во надлежност на општините, меѓу другите е урбанистичкото планирање, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.
Согласно со член 62 став 1 од истиот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.
Во член 1 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 32/2020, 111/2023, 73/2024 – автентично толкување, 171/2024, 224/2024, 40/2025, 101/2025, 101/2025 и 127/2025) е утврдено дека со овој закон се уредува системската и хиерархиската уреденост на урбанистичкото планирање во системот на просторното и урбанистичкото планирање, целите и начелата на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот, видовите и содржината на урбанистичките планови, условите за вршење на работите од областа на урбанистичкото планирање, постапките за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови, надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон, како и други работи од областа на урбанистичкото планирање.
Според член 2 точка 34 од Законот, план за парцелација е графички прилог и составен дел на урбанистичкиот план во кој се врши секундарната поделба на градежното земјиште односно во кој се формираат градежните парцели, додека во урбанистичкиот проект планот за парцелација е планско-проектен документ за препарцелација на формирани парцели со ист носител на правото на сопственост.
Согласно со член 56 став 1 точки 1 и 2 од Законот, акти со кои се спроведуваат урбанистичките планови согласно со овој закон се: 1. урбанистички проект и 2. урбанистички проект со план за парцелација.
Според член 5 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 31/2008, 92/2008, 139/2009 и 35/2010), правото на сопственост и другите стварни права се остваруваат врз основа на слободна диспозиција со нужни ограничувања предвидени во Уставот и законите.
Согласно со член 8 од истиот закон, сопственикот има право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице. Секој е должен да се воздржува од повреди на правото на сопственост на друго лице.
Според член 6 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2015, 98/2015, 193/2015, 226/2015, 31/2016, 142/2016 и 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019), сопственоста врз градежното земјиште создава права и обврски и служи за доброто на сопственикот и на заедницата.
Согласно со член 11 став 1 од истиот закон, сопственоста на градежното земјиште на физички и правни лица вклучува и право на градење на земјиштето, користење на земјиштето, како и право на пренесување на правото на градење на други лица, согласно со овој и друг закон.
IV
Имајќи ги предвид наводите во иницијативата, содржината на оспорената одлука, релевантната уставна и законска рамка, како и правните прашања што произлегуваат од оспорената одлука, произлезе анализата како што следи понатаму.
Пред Судот како претходно прашање се постави прашањето за правната природа на актот којшто се оспорува во случајот, односно дали истиот претставува пропис и дали како таков е подобен за уставно-судска оцена.
Потребата од разгледување на ова произлегува од околноста дека оспорената одлука се однесува на конкретна градежна парцела, односно со неа се врши корекција на границите на градежната парцела 1.28 од Деталниот урбанистички план „Крајбрежен појас – локалитет Спортски терени“.
Ваквата околност првично може да упатува на тоа дека станува збор за акт којшто се однесува на конкретна фактичка ситуација и определени субјекти, односно за поединечен акт.
Меѓутоа, при оценувањето на правната природа на оспорената одлука, Судот ја имаше предвид не само нејзината форма и просторниот опфат, туку пред сè нејзината содржина и правното дејство.
Имено, од Законот за локалната самоуправа произлегува дека урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот се во надлежност на општините, при што советите на општините донесуваат прописи за вршење на работите од нивна надлежност. Во конкретниот случај, оспорената одлука е донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров и е објавена во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“.
Од друга страна, од системот воспоставен со Законот за урбанистичко планирање произлегува дека урбанистичките планови и актите за нивно спроведување претставуваат инструменти преку кои се уредуваат организацијата, намената и начинот на користење на просторот, како и условите за изградба на планираните градби. Во таа смисла, планот за парцелација претставува инструмент за разработка и спроведување на планските решенија утврдени со урбанистичкиот план.
Според Судот, околноста што оспорената одлука се однесува на една градежна парцела сама по себе не е доволна за да добие карактер на поединечен акт. Имено, со неа се уредува просторот во рамки на важечкиот детален урбанистички план, а утврденото планско решение има правно дејство коешто не се ограничува само на конкретните сопственици на земјиштето, туку се однесува на сите субјекти кои се должни да го почитуваат и спроведуваат утврдениот плански режим.
Според тоа, оспорената одлука, според својата содржина и правно дејство, има карактер на пропис и како таков е подобен за оценување на неговата уставност и законитост.
Следното прашање коешто Судот го разгледа е законитоста на постапката за донесување на оспорената одлука. Притоа, имајќи предвид дека оспорената одлука е донесена на 12 февруари 2024 година, Судот ја оцени законитоста на постапката според одредбите од Законот за урбанистичко планирање во содржината што била во сила во времето на спроведувањето на постапката и донесувањето на одлуката.
Од член 63, во врска со член 62 од Законот за урбанистичко планирање, произлегува дека изработувањето и донесувањето на урбанистички проект со план за парцелација претставува постапка составена од повеќе меѓусебно поврзани фази.
Согласно со член 63 став 5 од Законот, постапката започнува со барање од сопственикот на градежното земјиште до комисијата за урбанизам, кон кое се приложуваат докази за сопственоста, проектна програма со скица на предложената парцелација и новата диспозиција на површините за изградба, а во случај на неусогласеност меѓу градежните и катастарските парцели и соодветен геодетски елаборат.
Потоа, согласно став 6 на истиот член, комисијата за урбанизам оценува дали предложеното решение овозможува спроведување на урбанистичкиот план без негативно влијание врз останатите урбанистички параметри и, доколку се исполнети условите, дава позитивно мислење за изработка на проектот.
По добивањето на позитивното мислење следува изработувањето урбанистички проект со план за парцелација и негова стручна ревизија од овластени правни лица, согласно со член 63 став 7 од Законот. Постапката за одобрување на проектот, според став 9 на истиот член, се спроведува согласно со член 62 од Законот, синхронично со постапката за донесување на планот за парцелација, којашто се спроведува како скратена и редуцирана постапка за изменување и дополнување на урбанистички план, без потреба од согласноста предвидена во член 51 од Законот. Согласно член 63 став 10, урбанистичкиот проект се одобрува по донесувањето на планот за парцелација.
Во конкретниот случај, од документацијата прибавена во претходната постапка Судот утврди дека ДТУ „БИЛД УРБАН“ ДООЕЛ Скопје, во име на инвеститорите Сефери Алил и ДПТУ „АМБИЕНТ“ ДООЕЛ Скопје, врз основа на нотарски заверено полномошно, поднело барање за одобрување на изработка на урбанистички проект со план за парцелација за корекција на границите на градежната парцела 1.28, заведено под бр. 27-441/1 од 31 мај 2022 година. Постапката била евидентирана и во информацискиот систем е-урбанизам под бр. 43539.
Правниот претходник на подносителот на иницијативата, кој бил сопственик на другата катастарска парцела опфатена со предложената парцелација, не бил подносител на барањето. Меѓутоа, со известувањето бр. 27-441/2 од 2 јуни 2022 година, Општина Ѓорче Петров го известила за поднесеното барање и за можноста во рок од 15 дена да изврши увид во проектната програма со скица на предлог-планот за парцелација, во просториите на надлежното општинско одделение. Според доставените податоци, во определениот рок не бил поднесен приговор.
По истекот на наведениот рок, Комисијата за урбанизам дала позитивно мислење бр. 27-441/5 од 6 јули 2022 година, со кое се одобрува изработката на урбанистичкиот проект со план за парцелација. Потоа, во октомври 2022 година, од ДТУ „БИЛД УРБАН“ ДООЕЛ Скопје бил изработен планот за парцелација, со технички број 0801-295/22, за кој била извршена стручна ревизија од ДППТУ „ФОРМИ Јорго“ ДООЕЛ Битола, со технички број 09-09/251 од октомври 2022 година.
Откако била спроведена стручна ревизија, Комисијата за урбанизам дала второ позитивно мислење бр. 27-441/11 од 17 октомври 2022 година, со предлог планот за парцелација да се достави до Советот на Општина Ѓорче Петров за донесување, а урбанистичкиот проект да биде одобрен од градоначалникот по донесувањето на планот.
Советот на Општина Ѓорче Петров, на 39-тата седница одржана на 12 февруари 2024 година, ја донел оспорената одлука, која била објавена во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр. 2/2024 и влегла во сила осмиот ден од денот на објавувањето.
По донесувањето на одлуката, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров донел Решение за одобрување на урбанистичкиот проект бр. 10-505/1 од 7 март 2024 година, а истиот ден била издадена и потврда за заверка на проектот бр.10-505/2.
Имајќи ги предвид законски пропишаните фази и дејствијата преземени во конкретниот случај, Судот оцени дека биле спроведени фазите на иницирање, изработување, стручна ревизија, разгледување од Комисијата за урбанизам, донесување на планот за парцелација од Советот на Општината и одобрување на урбанистичкиот проект од градоначалникот, поради што од аспект на спроведената постапка не се постави прашањето за законитоста на оспорената одлука, од оваа гледна точка.
Во врска со наводите во иницијативата, Судот најнапред имаше предвид дека урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот претставуваат работи од надлежност на единиците на локалната самоуправа.
Од одредбите на Законот за локалната самоуправа и Законот за урбанистичко планирање произлегува овластувањето на советот на општината да донесува акти со кои се уредува просторот, вклучувајќи ги и плановите за парцелација во законски предвидената постапка.
Оттука, Судот оцени дека Советот на Општина Ѓорче Петров бил надлежен за донесување одлука каква што е оспорената, поради што од аспект на надлежноста на донесувачот не се постави прашањето за нејзината законитост.
Во однос на наводите дека со оспорената одлука се повредува правото на сопственост, Судот имаше предвид дека ова право е гарантирано со член 30 од Уставот, при што неговото одземање или ограничување е дозволено единствено во случај на јавен интерес утврден со закон.
Конкретно, со оспорената одлука се усвојува план за парцелација со кој се врши корекција на границите на градежната парцела 1.28, во рамки на постојниот детален урбанистички план.
Според Судот, при оценувањето на наводите за повреда на правото на сопственост, потребно е да се има предвид правната природа и дејството на планот за парцелација. Имено, со овој план се уредуваат границите на градежните парцели, но со неговото донесување непосредно не се одлучува за носителите на правото на сопственост врз земјиштето, ниту се врши пренос или одземање на тоа право.
Поради ова, самата околност што со оспорената одлука се врши корекција на границите на градежната парцела не значи дека со нејзиното донесување се одлучува за стварни права, вклучувајќи ги и правата на подносителот на иницијативата врз земјиштето што е опфатено со парцелацијата, при што тие прашања, како и прашањето за разрешување на имотно-правните односи, се уредуваат со посебни закони и се предмет на соодветни постапки во кои се обезбедува заштита на сопственичките права.
Во однос на наводите за повреда на правото на градење, беа земени предвид и членовите 6 и 11 од Законот за градежно земјиште, на кои се повикува подносителот на иницијативата.
Од член 6 од овој закон, произлегува дека сопственоста врз градежното земјиште создава права и обврски и служи за доброто на сопственикот и на заедницата, додека согласно со член 11 став 1, сопственоста на градежното земјиште на физички и правни лица го вклучува и правото на градење, користење на земјиштето и пренесување на правото на градење на други лица, согласно со овој и друг закон.
Според Судот, од наведените законски одредби произлегува дека правото на градење е поврзано со правото на сопственост врз градежното земјиште, но неговото остварување е условено со почитување на прописите со кои се уредуваат урбанистичкото планирање и градењето.
Оттука, сопственоста врз определена катастарска парцела сама по себе не подразбира непроменливост на границите на градежната парцела утврдени со урбанистичката документација.
Во конкретниот случај, со оспорената одлука се усвојува план за парцелација со кој се врши корекција на границите на градежната парцела 1.28. Ваквата корекција, сама по себе, не претставува акт со кој непосредно се одзема правото на градење на сопственикот на земјиштето, туку планско решение чиешто спроведување и правни последици се оценуваат согласно со прописите од областа на урбанистичкото планирање и градењето.
При оценувањето на овие наводи, Судот ги имаше предвид и наводите на подносителот дека за предметното земјиште претходно биле издадени правосилни одобренија за градење, врз основа на кои биле преземени дејствија за реализација на градбата.
Во таа смисла, треба да се разликува правното дејство на оспорената одлука од правното дејство на поединечните управни акти со кои е одобрено градењето. Имено, со оспорената одлука не се одлучува за законитоста или важноста на претходно издадените одобренија за градење, ниту со неа непосредно се врши нивно поништување, укинување или изменување.
Прашањата за правното дејство на претходно издадените одобренија, како и за евентуалното влијание на новото планско решение врз нивното извршување, се оценуваат согласно со законските одредби што ги уредуваат градењето и соодветните управни постапки.
Врз основа на ова, Судот оцени дека донесувањето на оспорената одлука не може да се изедначи со непосредно одземање на правото на градење или со престанок на правата утврдени со претходно издадените одобренија за градење.
Во однос на наводите за повреда на член 9 од Уставот, Судот имаше предвид дека уставната гаранција за еднаквост подразбира еднаква правна положба на субјектите кои се наоѓаат во исти или споредливи правни и фактички околности.
Оспорената одлука утврдува планско решение за определен простор, при што различните последици што тоа решение може да ги има врз одделни земјишта и нивните сопственици сами по себе не значат дека е воспоставен нееднаков правен третман.
За утврдување повреда на уставната гаранција за еднаквост потребно е да постои различно постапување кон субјекти во споредлива положба, без објективно и разумно оправдување.
Според Судот, од содржината на оспорената одлука не произлегува заклучок дека со самото донесување на планот за парцелација е воспоставен различен правен режим за субјекти кои се наоѓаат во иста правна и фактичка положба.
Имајќи го предвид претходното, наводите во иницијативата, разгледани од аспект на уставните гаранции за правото на сопственост и еднаквоста, како и правото на градење и правното дејство на претходно издадените одобренија за градење, не даваат основа за утврдување на нивна непосредна повреда со оспорената одлука.
Поради наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на Одлуката за донесување на План за парцелација од Урбанистички проект со план за парцелација за корекција на границите на градежната парцела 1.28 од ДУП Крајбрежен појас – локалитет Спортски Општина Ѓорче Петров, Скопје („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.2/2024), со членовите 9 и 30 од Уставот на Република Северна Македонија, членовите 5 и 8 од Законот за сопственост и други стварни права, член 63 од Законот за урбанистичко планирање и членовите 6 и 11 од Законот за градежно земјиште, од аспект на наводите во иницијативата.
V
Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски