У.бр.196/2025

Не се пронајдени зборови

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.196/2025
Скопје, 23.09.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 23 септември 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 222 став 1 во делот „во јавната здравствена установа каде што се вработени или во друга јавна“ и ставовите 9, 10, 12 и 13 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012, 145/2012, 10/2013, 38/2013, 65/2013, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 101/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016, 93/2017 и 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019, 76/2020, 77/2021, 122/2021, 178/2021, 150/2022, 236/2022, 199/2023, 236/2023, 263/2023, 30/2024, 74/2024, 170/2024 и 31/2026).

Образложение
I

Дарко Тодоровски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредба и одредби од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека истите се спротивни на член 8 став 1, член 9 и член 39 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во однос на член 222 став 1 од Законот, се наведува дека е неуставен делот според кој лекарите можат да вршат дополнителна дејност „во јавната здравствена установа каде што се вработени или во друга јавна“, бидејќи создава конфликт на интереси, којшто го повредува владеењето на правото. Лекарите, користејќи јавни ресурси (простории, опрема и персонал, финансирани со јавни средства), можат да остваруваат приватен профит, при што се јавуваат во двојна улога – како јавни службеници и како приватни даватели на услуги со што се губи границата меѓу јавниот и приватниот интерес.

Дополнително, се укажува дека оваа одредба создава услови за системска корупција и ја нарушува функционалноста на јавното здравство. Наместо да се подобрува квалитетот на услугите во редовното работно време, се создава поттик за нивно одложување и пренасочување кон дополнителна, платена дејност, што доведува до подолги листи на чекање и пад на довербата во системот.

Во однос на член 222 став 12 од овој закон, се наведува дека е спротивен на член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, којшто го утврдува начелото на социјална држава и солидарност. Имено, со оваа одредба се воведува хибриден модел на финансирање на здравствените услуги, при што една иста услуга во јавна установа се плаќа делумно од Фондот за здравствено осигурување, делумно од пациентот и дополнително преку надоместок за медицинскиот тим. На овој начин здравствената заштита престанува да биде универзално право засновано на солидарност и се претвора во услуга зависна од финансиската можност на граѓаните.

Понатаму, се наведува дека оваа одредба е спротивна и на член 9 од Уставот, кој гарантира еднаквост на граѓаните. Со воведувањето можност за дополнително плаќање за побрза услуга, се создава нееднаква положба – граѓаните кои имаат финансиски средства добиваат побрз пристап до здравствени услуги, додека останатите се принудени да чекаат, со што се повредува еднаквоста врз основа на материјалната состојба.

Исто така, според наводите е повреден и член 39 од Уставот, којшто го гарантира правото на здравствена заштита на секој граѓанин, со тоа што пристапот до здравствени услуги се условува со дополнително плаќање, поради што правото се релативизира и станува ограничено за оние кои не можат да си дозволат дополнителни трошоци.

Поради горенаведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел и одредби од Законот за здравствената заштита и истите да ги укине.

II

На седницата Судот утврди дека член 222 став 1 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012, 145/2012, 10/2013, 38/2013, 65/2013, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 101/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016, 93/2017 и 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019, 76/2020, 77/2021, 122/2021, 178/2021, 150/2022, 236/2022, 199/2023, 236/2023, 263/2023, 30/2024, 74/2024, 170/2024 и 31/2026), предвидува дека здравствените работници-специјалисти вработени во јавна здравствена установа кои вршат специјалистичко-консултативна и болничка здравствена дејност, со над две години работно искуство во специјалноста, можат да укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност по редовното работно време и согласно со нивната лиценца за работа во јавната здравствена установа каде што се вработени или во друга јавна или приватна здравствена установа која е регистрирана за истата дејност, при што здравствената услуга ја укажуваат самостојно или во тим, предводен од здравствениот работник-специјалист, составен од здравствени работници и други вработени во здравствената установа во која се врши дополнителната дејност (здравствени соработници и/или помошно-технички лица) кои учествуваат во дополнителната дејност.

Според член 222 став 9 од истиот закон, јавната здравствена установа во која се укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност е должна да ги внесува здравствените услуги во интегрираниот здравствен информатички систем.

Според став 10 на истиот член, ценовникот и начинот на вршењето на дополнителната дејност во јавната здравствена установа во која се укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност ги утврдува директорот на јавната здравствена установа, во согласност со министерот за здравство.

Во став 12 на овој член се предвидува дека цената на здравствените услуги кои се укажуваат како дополнителна дејност во јавна здравствена установа е составена од цената што ја покрива Фондот, надоместокот кој пациентот го плаќа како осигурено лице со лични средства во вкупните здравствени услуги и надоместокот за тимот за дополнителна дејност.

Цената на здравствената услуга, што се укажува како дополнителна дејност во јавна здравствена установа се уплаќа на посебна (наменска) сметка за дополнителна дејност на јавната здравствената установа, според став 13 на истиот член.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно со член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Со член 39 став 1 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Според член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 58 став 2 од Уставот, учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Согласно со член 165 од Законот за здравствената заштита, здравствениот работник, односно здравствениот соработник има право на плата и надоместоци на плата, додатоци на плата и надоместок на трошоци поврзани со работата под услови и критериуми утврдени со закон, колективен договор и договор за вработување.

Во член 222 став 1 од овој закон е пропишано дека здравствените работници – специјалисти вработени во јавна здравствена установа кои вршат специјалистичко-консултативна и болничка здравствена дејност, со над две години работно искуство во специјалноста, можат да укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност по редовното работно време и согласно со нивната лиценца за работа во јавната здравствена установа каде што се вработени или во друга јавна или приватна здравствена установа која е регистрирана за истата дејност, при што здравствената услуга ја укажуваат самостојно или во тим, предводен од здравствениот работник – специјалист, составен од здравствени работници и други вработени во здравствената установа во која се врши дополнителната дејност (здравствени соработници и/или помошно-технички лица) кои учествуваат во дополнителната дејност. Според став 2 од овој член, здравствените работници вработени во приватни здравствени установи на примарно ниво на здравствена заштита со полно работно време и со над две години работно искуство во дејноста можат да укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност по редовното работно време и согласно со нивната лиценца за работа во јавна здравствена установа во обезбедување на непрекината 24 часовна итна медицинска помош и во обезбедување непрекинато вршење на здравствена дејност со работа со дежурство. Согласно со став 3 од истиот член, за укажување на здравствените услуги како дополнителна дејност здравствените работници и/или тимот за дополнителна дејност, до директорот на здравствената установа во која се вработени поднесуваат писмено барање за согласност за вршење дополнителна дејност, најмалку пет дена пред извршувањето на дополнителната дејност. Во став 4 од истиот член од Законот, се наведува дека директорот на здравствената установа во рок од три дена од поднесувањето на барањето од ставот 3 на овој член е должен да даде согласност за укажување здравствени услуги како дополнителна дејност доколку подносителот на барањето ги исполнува условите од ставот 1 на овој член и во изминатиот месец ги исполнил сите планирани обврски во здравствената установа во којашто е вработен. Според став 5, меѓусебните права и обврски меѓу здравствените работници и/или тимот за дополнителна дејност и здравствените установи во кои ги укажуваат здравствените услуги како дополнителна дејност од ставовите 1 и 2 на овој член се уредуваат со договор за дополнителна дејност, во кој особено се уредува висината и начинот на исплата на надоместокот за здравствениот работник и на тимот за дополнителна дејност. Во став 6 од овој член е утврдено дека по исклучок од ставовите 3, 4 и 5 на овој член, во итен случај или во случај на неопходна потреба за обезбедување на услугите од ставот 2 на овој член, здравствените работници и/или тимот што ја укажал услугата како дополнителна дејност, до директорот на здравствената установа во која се вработени поднесуваат известување за извршената услуга со потврда за итноста на случајот во кој била укажана здравствената услуга или за неопходноста за укажаната здравствена услуга, издадена од установата во која услугата е извршена, а договорот за дополнителна дејност за здравствените услуги се склучува за секој одделен случај по укажаната услуга. Во став 7 од овој член е утврдено дека Договорот за дополнителна дејност од ставовите 5 и 6 на овој член здравствената установа во која се укажуваат здравствените услуги како дополнителна дејност го доставува во рок од три дена од склучувањето до Министерството за здравство, кое врши надзор над спроведувањето на договорот. Согласно со став 8 од истиот член, здравствениот работник – специјалист од ставот 1 на овој член кој врши здравствена услуга како дополнителна дејност во приватна здравствена установа со која склучил договор, е должен најдоцна во рок од седум дена од склучувањето на договорот да го извести директорот на јавната здравствена установа во која е вработен за склучениот договор, периодот за кој е склучен и за времето во кое ќе ја врши здравствената услуга како дополнителна дејност. Според став 9 од овој член, јавната здравствена установа во која се укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност е должна да ги внесува здравствените услуги во интегрираниот здравствен информатички систем. Согласно со став 10 од истиот член, ценовникот и начинот на вршењето на дополнителната дејност во јавната здравствена установа во која се укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност ги утврдува директорот на јавната здравствена установа, во согласност со министерот за здравство. Во став 11 од овој член е утврдено дека ценовникот и начинот на вршењето на дополнителната дејност во приватна здравствена установа во која се укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност ги утврдува директорот на приватната здравствена установа. Според став 12 од истиот член, цената на здравствените услуги кои се укажуваат како дополнителна дејност во јавна здравствена установа е составена од цената што ја покрива Фондот, надоместокот кој пациентот го плаќа како осигурено лице со лични средства во вкупните здравствени услуги и надоместокот за тимот за дополнителна дејност. Цената на здравствената услуга што се укажува како дополнителна дејност во јавна здравствена установа се уплаќа на посебна (наменска) сметка за дополнителна дејност на јавната здравствената установа според став 13 од истиот член. Во став 14 од овој член е утврдено дека Ценовниците од ставовите 10 и 11 на овој член се истакнуваат во влезниот дел на здравствената установа, на лесно видливо и пристапно место (огласна табла, шалтер, наплатни места) и се објавуваат на веб-страницата на здравствената установа.

Според член 223 став 1 од истиот закон, здравствениот работник – специјалист вработен во јавна здравствена установа, самостојно или со тимот за дополнителна дејност, има право во текот на еден месец, секој работен ден по редовното работно време и/или во сабота и недела, во дополнителна дејност да реализира: 1) најмногу до 20% од вкупните извршени интервенции во претходните три месеци; 2) најмногу до 20% од вкупните извршени дијагностички постапки и специјалистичко-консултативни услуги во претходните три месеци; 3) најмногу до 20% од вкупните извршени специјалистичко-консултативни услуги) во претходните три месеци, согласно со евиденцијата на извршени услуги во електронската листа на закажани прегледи и интервенции во интегрираниот здравствен информатички систем. Според став 2 од истиот член, здравствен работник – специјалист вработен во приватна здравствена установа со заснован работен однос со полно работно време има право да состави тим за дополнителна дејност согласно со неговата лиценца за работа во јавна здравствена установа која е регистрирана за истата дејност, за која во јавната здравствена установа има недостаток на стручен кадар за континуирано и непречено вршење на делот од дејноста во која се укажува здравствената услуга како дополнителна дејност, во кој тим можат да учествуваат вработени во јавна и во приватна здравствена установа. Во став 3 од овој член е пропишано дека директорот на јавната здравствена установа е должен да направи распоред за користење на слободни термини за дополнителна дејност и за наредниот месец да ги објави до крајот на тековниот месец во интегрираниот здравствен информатички систем. Според став 4 од овој член, здравствениот работник – специјалист кој врши дополнителна дејност, на барање на пациентот е должен да го откаже терминот закажан за користење на здравствената услуга во дополнителна дејност преку електронската листа на закажани прегледи и интервенции. Во став 5 од овој член е предвидено дека здравствената услуга укажана како дополнителна дејност во јавна здравствена установа е на товар на Фондот, освен надоместокот за тимот за дополнителна дејност и учеството на пациентот како осигурено лице со лични средства во вкупните здравствени услуги. Здравствената услуга извршена на осигурени лица преку дополнителна дејност во приватна здравствена установа целосно е на товар на пациентот како осигурено лице, кој нема право да бара надоместок на трошоците за здравствената услуга извршена како дополнителна дејност во приватна здравствена установа од Фондот.

Во член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 13/2006, 82/2008, 167/2010, 36/2011 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 110/2019, 154/2019 и 121/2024) се предвидува дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон. Според став 2 од истиот член директорот на самостојниот орган на државната управа, односно управната организација донесува правилници, решенија, наредби, упатства, планови, програми и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Во член 1 од Правилникот за ценовникот и начинот на вршење на дополнителната дејност („Службен весник на Република Македонија бр.86/2012) е наведено дека со овој правилник се пропишува ценовникот и начинот на вршењето на дополнителната дејност на здравствените работници – специјалисти вработени во јавните здравствени установи што вршат специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита со над две години работно искуство во специјалноста. Член 2 од Правилникот предвидува дека здравствените работници се смета дека имаат намалена работна успешност кога коефициентот на успешност е помал од 0,98, како и кога заради невнесување на податоци за извршени здравствени услуги во системот за плаќање по успешност неможе да се утврди успешноста на здравствениот работник. Коефициентот на успешност на здравствениот работник се утврдува врз основа на евиденцијата што се води во установата за извршени здравствени услуги од страна на здравствените работници односно врз основа на податоците за извршени здравствени услуги што се внесуваат во системот за плаќање по успешност. Според член 3 од истиот Правилник, врз основа на евиденцијата што се води во установата за извршени здравствени услуги од страна на здравствените работници односно врз основа на податоците за извршени здравствени услуги што се внесуваат во системот за плаќање по успешност автоматски се генерира месечен извештај според кој се добива преглед на здравствени работници кои ги исполниле критериумите од член 2 на овој правилник, и бројот на здравствени услуги што здравствениот работник може да врши во рамки на дополнителната дејност. Согласно член 4 од овој Правилник е пропишано дека на видно место во установата достапно за сите вработени директорот на установата го објавува месечниот извештај од член 3 на овој правилник со податоци за здравствените работници кои ги исполниле критериумите за вршење на здравствени услуги во дополнителна дејност и видот и обемот на здравствените услуги кои може да ги врши секој здравствен работник. Освен извештајот од став 1 на овој член, секој од вработените здравствени работници добива индивидуален месечен извештај. Во член 5 е предвидено дека ако извештајот не е објавен или е објавен на начин спротивен на начинот пропишан во член 4 став 1 од овој правилник, здравствениот работник може да врши здравствени услуги како дополнителна дејност врз основа индивидуалниот извештај од член 4 став 2 од овој правилник. Според член 6 од истиот Правилник дополнителната дејност во установата каде што здравствениот работник е вработен или во друга јавна здравствена установа се врши надвор од редовното работно време на здравствениот работник најмногу осум часа неделно. Здравствениот работник кој врши дополнителна дејност ги користи просторот и опремата на јавна здравствена установа на начин и под услови утврдени со Законот за здравствена заштита, овој правилник и договорот склучен помеѓу здравствениот работник и установата во која врши дополнителна дејност. Во член 7 од истиот Правилник се предвидува дека заради вршење на дополнителна дејност директорот на јавната здравствена установа во која ќе се врши дополнителната дејност и здравствениот работник склучуваат договор, кој содржи име, презиме, матичен број и специјализацијата на здравствениот работник; вид на здравствените услуги што ги врши здравствениот работник на работното место; установата односно организационата единица во установата во која ќе се врши дополнителната дејност која треба да биде во согласност со лиценцата за работа во установата каде што е вработен, или во друга здравствена установа која е регистрирана за истата дејност; времето во кое ќе се врши дополнителната дејност (денови во текот на неделата или месецот, работно време во текот на денот, начинот на закажување на пациентите и местото на прием на пациентите); тимот на здравствени работници од установата во која се врши дополнителната дејност кои ќе бидат ангажирани во установите со распоред на работното време (денови во текот на неделата или месецот, работно време во текот на денот, начинот на закажување на пациентите и местото на прием на пациентите; трошоците на установата за користење на просторот и материјалните трошоци поврзани со работата. Во установата во која се врши дополнителната дејност се води евиденција на склучените договори за дополнителна дејност. Според член 8, здравствениот работник при вршењето на дополнителната дејност ги надоместува трошоците на установата за користење на постоечкиот простор и материјалните трошоци поврзани со работата. Во установата во која е вработен здравствениот работник и во која се врши дополнителната дејност од страна на здравствениот работник се прават посебни требувања за лекови, медицински помагала и потрошен материјал. Според член 9 од Правилникот, ако здравствениот работник при вршењето на дополнителната дејност има потреба од ангажирање на друг персонал, персоналот го ангажира надвор од неговото работно време за што го известува директорот на установата. Според член 10 од истиот правилник, при вршењето на дополнителната дејност од страна на здравствениот работник кој врши дополнителна дејност може да се укажуваат специјалистичко-консултативни и болнички услуги на пациенти кои претходно писмено побарале да добијат услуга од определен здравствен работник надвор од редовното работно време на здравствениот работник, ако сакаат да добијат здравствени услуги побрзо од времето утврдено со листата на закажани прегледи и интервенции во установата. Во член 11 од истиот правилник се предвидува дека за извршените специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги во вршење на дополнителна дејност, здравствениот работник ја води пропишаната медицинска документација и евиденцијата согласно прописите за евиденциите во областа на здравството и за здравствената заштита, при што се евидентира дека здравствената услуга е извршена во рамки на дополнителна дејност. Во член 12 е наведено дека здравствен работник кој врши дополнителна дејност во повеќе јавни здравствени установи, во установата во која е вработен доставува примерок од секој потпишан договор за вршење на дополнителна дејност во другите здравствени установи. Во член 13 од истиот Правилник се предвидува дека во установата во која се врши дополнителна дејност на видно место се истакнува видот на услугите кои се вршат како дополнителна дејност, времето на вршењето на дополнителна дејност, ценовникот и листата на здравствени работници кои укажуваат услуги како дополнителна дејност.

IV

Од претходното, јасно произлегува дека Уставот на Република Северна Македонија, преку член 8 став 1 алинеи 3 и 7 ги утврдува владеењето на правото и слободниот пазар како темелни вредности на уставниот поредок, а законодавецот преку Законот за здравствената заштита (членови 222 и 223) и Правилникот за ценовникот на дополнителната дејност овозможува здравствените работници да ја остварат својата професионална и економска слобода на начин којшто ги зачувува интересите на јавниот сектор и јавниот интерес. Имајќи предвид дека дополнителната дејност е опционална, истата се врши надвор од редовното работно време и е ограничена на осум часа неделно, со претходна согласност на директорот на јавната установа, што обезбедува исполнување на основните обврски на здравствените работници и непречено остварување на нивното право на слободен избор на вработување и соодветна заработувачка, во согласност со член 32 став 3 од Уставот.

Во врска со наводот за можен конфликт на интереси и злоупотреба на јавни ресурси, Судот оцени дека е неоснован, бидејќи член 222 ставови 3, 4, 5, 7 и 8 и член 223 од Законот за здравствената заштита, предвидуваат транспарентност, отчетност и контрола врз користењето на јавни ресурси, како и ангажирањето на дополнителен персонал и надоместоците за тимовите кои вршат дополнителна дејност, со обврска за известување на директорот на матичната установа и доставување на договорот до Министерството за здравство.

Во иста насока се и членовите 8 и 9 од Правилникот коишто ги регулираат користењето на простории, материјали и опрема, како и надоместоците за ангажиран персонал, како и членовите 10 – 13 коишто ја уредуваат пристапноста за пациентите и евиденцијата на извршените услуги, обезбедувајќи целосна транспарентност и исклучувајќи каква било можност за злоупотреба на јавни средства.

По однос на тоа дека се нарушува јавниот интерес и фаворизирање на приватниот сектор преку хибридниот модел на финансирање и дека дополнителната дејност може да се врши во повеќе здравствени установи, според Судот треба да се има предвид уредувањето во став 5 на член 222 од Законот и членовите 12 и 13 од Правилникот со кои е уредено дека услугите во јавни здравствени установи кои се вршат како дополнителна дејност се делумно финансирани од Фондот за здравствено осигурување, додека услугите во приватни установи се целосно на товар на пациентот, при што основните здравствени услуги остануваат целосно финансирани и достапни за сите осигуреници. Овој механизам овозможува пациентите да имаат избор за побрз или поинтензивен третман, без да се ограничува пристапот до основните услуги, така што наводот за нарушување на јавниот интерес и фаворизирање на приватниот сектор, според Судот, е неоснован.

Исто така, член 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа овозможува донесување правилници и акти за извршување на законите, што дополнително ја гарантира законитоста и јавната контрола на дополнителната дејност.

Што се однесува на тоа дека наводно се ограничува правото на работа, дека постои дискриминација, конфликт на интереси, неправилности во финансирањето и можност за фаворизирање на приватниот сектор, според Судот, нема основ за ваков заклчучок.

Наведените уставни и законски одредби и одредбите од Правилникот обезбедуваат јасни правила за организирање и извршување на дополнителната дејност, со ограничување на времетраењето, транспарентност, отчетност и контрола, како и со регулиран пристап на пациентите и надоместоците за персоналот. Овие решенија се усогласени со уставните принципи за владеење на правото, еднаквост пред законот, слободен избор на вработување и право на здравствена заштита, обезбедуваат непречен пристап до основните услуги и ја зајакнуваат професионалната и економската положба на здравствените работници, без да предизвикаат негативно влијание врз јавниот интерес.

Врз основа на горенаведеното, Судот оцени дека оспорените законски одредби од член 222 став 1 во делот „во јавната здравствена установа каде што се вработени или во друга јавна“ и ставовите 9, 10, 12 и 13 од Законот за здравствената заштита се во согласност со член 8 став 1, член 9 и член 39 од Уставот на Република Северна Македонија.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски