У.бр.148/2025

Не се пронајдени зборови

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.148/2025
Скопје, 23.09.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 23 септември 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 128 став 3 алинеја 1 во делот „материјални и процедурални недостатоци“ од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2013, 41/2014, 101/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015, 192/2015, 61/2016, 172/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/2019, 71/2020, 155/2024 и 212/2026).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот дел е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата се наведува дека последиците во случај на „материјални и процедурални“ недостатоци во работата на Комората се пропишани со став 4 од член 148 од Законот, во кој е предвидено одземање или ограничување на јавните овластувања на Комората во траење најмногу до една година.

Според наводите, санкционирањето на едно лице, вклучувајќи ги и правните лица кога постапуваат спротивно на закон е неспорно, но спорна е недоволната прецизност на нормата којашто има за последица ограничување или одземање овластување на правно или физичко лице.

Понатаму, се наведува дека во Законот за катастар на недвижности нема прецизна дефиниција за тоа што претставуваат материјални и процедурални недостатоци во работењето на Комората како и во подзаконските акти што ги донесува Агенцијата за катастар на недвижности, со што се остава можност арбитрарно да се применува оспорениот дел што има за последица ограничување или одземање на јавно овластување.

Во тој контекст, во иницијативата се наведува дека во правниот промет треба да постојат јасни, прецизни и концизни норми за кои нема можност при примената во правниот промет арбитрарно да се применуваат.

Ваквата формулација на оспорениот дел од одредбата, според наводите е нејасен и непрецизен, поради што се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на истиот да го укине.

II

На седницата Судот утврди дека член 128 став 3 алинеја 1 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2013, 41/2014, 101/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015, 192/2015, 61/2016, 172/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/2019, 71/2020, 155/2024 и 212/2026), предвидува дека надзор над вршењето на јавните овластувања од ставот 2 на овој член спроведува Агенцијата, меѓу другото, и преку укажување на определени материјални и процедурални недостатоци во работата на Комората.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 110 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Предметот на уредување на Законот за катастар на согласно со член 1 од истиот се управувањето со Геодетско-катастарскиот информационен систем, одржувањето на катастарот на недвижности, востановувањето и одржувањето на катастарот на инфраструктурни објекти како дел од катастарот на недвижности, основните геодетски работи, геодетските работи за посебни намени, премерот на недвижностите во функција на катастарот на недвижности, премерот и одржувањето на државната граница на Република Македонија, топографските карти, масовната процена на недвижностите, воспоставувањето и управувањето со Графичкиот регистар за градежно земјиште, водењето на Регистарот за просторни единици, водење на Графичкиот регистар за улици и куќни броеви, надзорот на работењето на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи, како и статусот, организацијата, работењето и надлежностите на Агенцијата за катастар на недвижности.

Законот за катастар на недвижности, во член 15 став 1 алинеја 19, определува дека директорот на Агенцијата издава и одзема лиценци за вршење на геодетски работи во случајот од член 128 став 6 од овој закон.

Во член 118 од истиот закон е уредена постапката и начинот на издавање лиценца за вршење на теренски геодетски работи. Согласно со став 1 на овој член, трговецот поединец овластен геодет, односно трговското друштво за геодетски работи за да започне со работа е потребно да има лиценца за вршење на геодетските работи. Во ставот 2 е утврдено дека Управниот одбор на Комората ја издава лиценцата од ставот 1 на овој член на трговецот поединец овластен геодет, односно трговското друштво за геодетски работи кој покрај условите од член 104 став 1 алинеи 1, 2, 3 и 4 од овој закон, ги исполнува потребните услови за простории и опрема за извршување на геодетските работи и во називот на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи не го содржи зборот „катастар“. Согласно ставот 3, за увидот во исполнетоста на условите од ставот 2 на овој член Управниот одбор на Комората формира комисија од три члена од кои двајца се од редот на Комората и еден на предлог на Агенцијата. Во ставот 4 е определено дека Комисијата составува записник за извршениот увид за исполнетоста на условите од ставот 2 на овој член. Според став 5, за стекнување со лиценца за вршење на геодетски работи се плаќа надоместок на Комората. Согласно ставот 6 од истиот член од Законот, висината на надоместокот за издавање на лиценца се утврдува во зависност од направените трошоци потребни за вршење на увид во исполнетоста на условите потребни за вршење на геодетските работи. Висината на надоместокот за издавање лиценца за вршење на геодетски работи ја пропишува Управниот одбор на Комората. Во ставот 7 е утврдено дека податоците за издадените лиценци Комората е должна веднаш да ѝ ги достави на Агенцијата. А, според ставот 8, издадените лиценци на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи се запишуваат во Именикот на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи што го води Комората.

Во член 128 во кој е содржан оспорениот дел од Законот се утврдени овластувањата на Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи. Согласно со став 1 од овој член од Законот, Комората има јавни овластувања утврдени со овој закон и за истите води евиденција. Според став 2, јавните овластувања се однесуваат на издавање и одземање на лиценца за вршење на геодетски работи, водење на Именикот на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за вршење на геодетски работи и на изготвување на тарифник за висината на надоместокот за извршените геодетски работи. Во ставот 3 на истиот член од Законот е определено дека надзор над вршењето на јавните овластувања од ставот 2 на овој член спроведува Агенцијата преку укажување на определени материјални и процедурални недостатоци во работата на Комората, давање препораки за доследно спроведување на овој закон во делот на извршувањето на јавните овластувања и – давање мислења и стручна помош. Согласно со ставот 4, ако Комората не ги отстрани недостатоците од ставот 3 алинеја 1 на овој член, јавните овластувања и се одземаат или ограничуваат најмногу до една година, со решение на директорот на Агенцијата. Во ставот 5 е утврдено дека решението од ставот 4 на овој член е конечно и извршно, а против истото е дозволена тужба пред управен суд во рок од 15 дена од денот на приемот на решението. Согласно со ставот 6, пак, одземените или ограничените јавни овластувања од ставот 2 на овој член во име на Комората ги врши Агенцијата, согласно со овој закон, во рок најмногу до една година.

IV

Од наведените законски одредби јасно произлегува дека уредувајќи ги прашањата за вршењето на геодетските работи, законодавецот ѝ доделил јавни овластувања на Комората за издавање и одземање лиценца за вршење на геодетските работи од страна на трговецот поединец овластен геодет, односно трговското друштво за геодетски работи, согласно со уредувањето во член 118 од Законот.

Воедно, во член 128 од Законот со кој се утврдени овластувањата на Комората, пропишана е можност, јавните овластувања да ѝ бидат одземени или ограничени во период најмногу до една година, во случај доколку не ги отстрани материјалните и процедуралните недостатоци во работењето, коишто претходно ги констатирала Агенцијата, што произлегува од ставовите 3 и 4 од овој член од Законот. Во периодот на одземени или ограничени овластувања, истите во име на Комората ги врши Агенцијата, согласно со ставот 6 од истиот член од Законот. Во оваа насока и член 15 од Законот кој ги пропишува работите што ги врши директорот на Агенцијата, во алинеја 19 определува дека директорот на Агенцијата издава и одзема лиценци за вршење на геодетски работи во случајот од член 128 став 6 од овој закон.

Со цел операционализација на Законот за катастар на недвижности, со член 123 став 1 од наведениот закон, законодавецот го овластил Управниот одбор на Агенцијата да ги пропишува начинот на издавање, престанок на важење и одземање на лиценцата за вршење на геодетски работи, формата и содржината на образецот на лиценцата за вршење на геодетските работи, условите за простории и опрема потребни за извршување на геодетските работи, како и формата, содржината и начинот на запишување и водење на Именикот на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи.

Врз основа на анализата на одредбата во која е содржан оспорениот дел од аспект на наводите, Судот оцени дека со даденото законско овластување Агенцијата за катастар на недвижности, има должност да врши надзор над вршењето на јавните овластувања преку укажување на определени материјални и процедурални недостатоци во работата на Комората, поради што не се доведува во прашање владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Овие критериуми се во непосредна причинско-последична врска со извршената работа и се соодветен основ за утврдување на формални и суштински пропусти во работата на Комората.

Според Судот, одредбата од член 128 став 3 алинеја 1 од Законот е јасна и од истата недвосмислено произлегува значењето на употребените изрази во Законот. Ова од причина што материјалните недостатоци се однесуваат на погрешна примена на правото, кога Комората применува одредба којашто не е во сила, погрешно ја толкува законската норма, погрешно утврдува фактичка состојба, донесува одлуки или пропишува обврски за кои нема законско овластување, додека под процедурални недостатоци се подразбира прекршување на правилата на постапката утврдени со закон или со Статутот на самата комора, како непочитување на рокови и други.

Врз основа на горенаведеното, Судот утврди дека оспорениот дел од членот на Законот е во согласност со темелната вредност владеењето на правото од причина што е во функција на обезбедување и зајакнување на правната сигурност на граѓаните, бидејќи Агенцијата за катастар на недвижности врши надзор над законитоста на актите на Комората и истата може да го запре од извршување секој акт на Комората.

Врз основа на горенаведеното, Судот оцени дека делот „материјални и процедурални недостатоци“ од член 128 став 3 алинеја 1 од Законот за катастар на недвижности е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот од аспект на наводите во иницијативата.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски