У.бр.12/2026

Не се пронајдени зборови

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.12/2026
Скопје, 30.09.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 30 септември 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 27 став 1 алинеја 2 од Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019 и 194/2024).

Образложение
I

Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите, оспорената одредба од Законот е спротивна на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, како и на член 54 од Уставот на Република Северна Македонија.
Според наводите, оспорениот дел воведува апсолутна и крајно тешка имотно-правна последица, односно целосно враќање на сите средства, врз основа на нејасен, непрецизен и прешироко поставен услов, без разграничување меѓу суштинска злоупотреба и обична формална повреда, со што се повредуваат уставните начела и норми.

Во однос на повредата на член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, подносителот наведува дека со тоа што користењето на секундарната правна помош се условува со постојан ризик од наметнување на непропорционална имотна последица за нејасно и неограничено дефинирано „непочитување на обврски“, законодавецот го претвора уставно загарантираното право на пристап до суд и правна заштита во несигурно, ризично и фактички илузорно право. Во иницијативата се истакнува дека оваа темелна вредност на уставниот поредок ги поставува човековите права и слободи како темел, граница и цел на целокупниот правен поредок, односно дека сите закони мора да се толкуваат и применуваат така што реално, а не само формално, да ги овозможуваат основните права.

Оспорената одредба суштински го повредува правото на пристап до правда, затоа што малку имотниот граѓанин формално има право на секундарна правна помош, но реално, ако знае дека и за најмала грешка може да му се наметне обврска да врати големи износи на средства, тој разумно ќе се откаже од користење на тоа право. Според наводите, законската одредба којашто не забранува формално, но создава ризик и несигурност, го повлекува корисникот на правото, а правото го обесхрабрува со закана од непропорционални имотни последици, што, според иницијативата, е повреда на правото.

Во таа насока, во иницијативата се посочува и на меѓународни стандарди, односно на член 6 од Европската конвенција за човекови права, при што се нагласува дека правото на ефективен пристап до суд мора да биде реално и практично, а не теоретски и илузорно. Поради тоа, оспорената норма го прави пристапот до суд ризичен, несигурен и обесхрабрувачки, што значи де факто негово поништување.

Во однос на повредата на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, се наведува дека нормата е неопределена и непредвидлива, бидејќи од законски предвидената формулација „не ги почитувало обврските од членот 28 од овој закон“ не може да се знае точно која обврска не се почитувала, на кој начин и до кој степен истата не се почитувала, каква евентуална повреда предизвикало „непочитувањето“, дали „непочитувањето“ е суштинско или формално, ниту дали е намерно или ненамерно.

Според наводите, граѓанинот не може однапред да знае дали и со најмала грешка ќе биде „казнет“ од административниот орган со целосно враќање на „сите“ исплатени трошоци, што, според него, е класичен пример на нејасна, бланкетна и репресивна норма. Во иницијативата дополнително се наведува дека со оспорената одредба истата последица следи и за тешка злоупотреба на обврските од страна на корисникот на бесплатна правна помош, и за „банална“ формална повреда. Одредбата несомнено води кон воспоставување на арбитрарност и прекумерна дискреција на администрацијата, односно Министерството добива неограничена моќ, бидејќи воопшто не е прецизирано кои повреди се релевантни и кога е оправдано целосно враќање, а кога не. На тој начин, Министерството по сопствено убедување одлучува дали можеби и некоја „мала“ повреда претставува „непочитување“ и дали ќе се „активира“ целосната санкција, без разграничување на тежината, карактерот и значењето на повредата, со што се повредуваат начелото на владеење на правото и правната сигурност.

Во однос на повредата на член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, се наведува дека оспорената одредба ја извртува суштината на системот на бесплатна правна помош, претворајќи ја социјалната заштита во извор на правна и финансиска несигурност за најранливите граѓани, со што директно се повредуваат темелните вредности на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. Според наводите, законска одредба која ги обесхрабрува помалку имотните да ги користат правата што постојат токму заради нив, поради страв од несразмерни имотни последици дури и за најмала грешка, не може да се смета дека е во духот на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Во иницијативата се истакнува дека социјалната правда значи право да биде земена предвид реалната животна ситуација, додека оспорената одредба не прави разлика меѓу банална грешка и сериозна злоупотреба и ја претвора социјалната заштита во ризик. Според наводите, со законски поставената формулација „не ги почитувало обврските од член 28“, сиромашниот граѓанин живее во постојана правна несигурност дека ако „направи некаква грешка“ „ќе мора да врати сѐ“, со што социјалното право се претвора во финансиска закана, спротивна на хуманизмот. Се наведува и дека државата не го презема ризикот од функционирањето на системот, туку го префрла врз најсиромашните и најранливите, што, според наводите во иницијативата, се оценува како антисоцијална логика, спротивна на начелото на солидарност.

Понатаму, во делот што се однесува на член 54 од Уставот, се наведува дека слободите и правата можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, при што ограничувањето мора да биде нужно, да не навлегува во суштината на правото и да биде пропорционално на легитимната цел. Целта, односно спречувањето злоупотреби, е легитимна, но средството што го предвидува оспорената одредба, а тоа е „целосно враќање на сите средства“ за „непочитување на обврски“, е прешироко поставено, неселективно и неразумно, бидејќи се применува и за тешка злоупотреба и за банална формална грешка.

Понатаму, се наведува дека се работи за очигледна непропорционалност и дека мерката не е „нужна“ во уставна смисла, бидејќи постојат и поблаги и попрецизни мерки, како што се опомена, делумно враќање или санкција само за тешки повреди. Наместо тоа, законодавецот ја избрал најтешката можна последица како општо правило, поради што мерката не е нужна, туку прекумерна, без разлика дали станува збор за намерна измама или за мала повреда на обврска, а резултатот секогаш води кон иста последица.

Во иницијативата се даваат и примери, па така се наведува дека ако корисникот на правото не се јави на „еден состанок“, ако „задоцни“ со поднесување на некој документ или ако направи некаква процесна „грешка“, резултатот секогаш би бил ист, враќање на сите средства, што, е очигледно непропорционално и удира по самата суштина на правичноста. Се наведува и дека законската одредба не предвидува никаква „градација“, нема можност за делумно враќање сразмерно според степенот на самото непочитување на обврските, ниту постои индивидуализација. Според наводите, со член 27 став 1 алинеја 2 од Законот се воспоставува административна, автоматска, апсолутна и непропорционална финансиска санкција со казнена природа, без судска постапка, без индивидуализација и без уставни процесни гаранции, што е спротивно на темелните вредности на уставниот поредок.

Од тие причини, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот и истата да ја укине.

II

На седницата Судот утврди дека со член 27 став 1 алинеја 2 од Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019 и 194/2024), е уредено дека лицето на кое претходно му била обезбедена и ја користело секундарната правна помош има обврска во целост да ги надомести исплатените средства за неосновано добиената секундарна правна помош на сметка на Буџетот на Република Северна Македонија, ако не ги почитувало обврските од членот 28 од овој закон.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Во член 54 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Во член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, е предвидено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во член 28 од Законот за бесплатна правна помош, со став 1 е уредено дека корисникот на секундарна правна помош, за целиот период додека му се обезбедува секундарна правна помош, мора да ги исполнува условите за одобрување на секундарна правна помош утврдени со oдделот 3 од глава II од овој закон. Со став 2 на овој член, е предвидено дека во случај на промена на фактите и околностите кои влијаат или би можеле да влијаат на остварувањето на правото на секундарна правна помош, корисникот е должен да го извести Министерството во рок од седум дена од денот кога дознал за настанатата промена. Со став 3 на истиот член е пропишано дека додека се обезбедува секундарна правна помош, корисникот има обврска да соработува и навремено да ги доставува бараните податоци и документи до Министерството и адвокатот, согласно закон. Во став 4 е уредено дека кога првичната средба со адвокатот не е реализирана од кои било причини, корисникот има обврска во најкраток можен рок да стапи во контакт со назначениот адвокат, но не по истекот на два месеци од денот на приемот на потврдата со која се одобрува барањето за секундарна правна помош. Со став 5 од овој член е предвидено дека корисникот има обврска навремено да го извести адвокатот ако не е во можност да присуствува на претходно договорениот состанок, најдоцна пет дена пред денот кога е закажан состанокот. Во став 6 на истиот член е пропишано дека доколку се утврди дека корисникот неоправдано добил секундарна правна помош, истиот е должен да ги надомести средствата исплатени за неоправдано добиената секундарна правна помош, согласно со член 27 од овој закон, во Буџетот на Република Северна Македонија.

IV

За Судот од значење е дека Законот за бесплатна правна помош уредува посебен систем на државно финансирана правна поддршка за лица кои, поради својата финансиска состојба, не се во можност самостојно да ги сносат трошоците за остварување и заштита на своите права. Во член 2 став 1 од Законот е утврдено дека целта на Законот е да се овозможи и унапреди правото на физичките лица на пристап до правдата и правичната судска заштита, а во став 2 е определено дека правото на бесплатна правна помош се остварува во обем и постапка уредени со овој закон. Од ова произлегува дека законодавецот, тргнувајќи од легитимната цел да обезбеди пристап до правда, истовремено воспоставил и јасна нормативна рамка за условите, постапката, правата и обврските во овој систем. Следствено, правото на бесплатна правна помош не е уредено како апсолутно, безусловно и неограничено право, туку како право коешто се остварува под законски пропишани претпоставки и со јасно утврдени должности за корисникот.

Токму во таа смисла, потребно е оспорената одредба да не се чита изолирано, туку во системска поврзаност со останатите одредби од Законот. Имено, член 4 став 7 од Законот изречно предвидува дека, во случаи утврдени со овој закон, корисникот ги надоместува трошоците за секундарна правна помош, во целост или делумно. Тоа значи дека самиот закон уште во своите општи одредби ја воспоставува можноста државата, во случаи утврдени со закон, да бара надомест на трошоците што претходно биле исплатени од буџетски средства. Оттука, член 27 од Законот не претставува изолиран исклучок од целината на законското уредување, туку е дел од законски воспоставен механизам со кој се обезбедува законито, совесно и одговорно користење на правото на секундарна правна помош.

Понатаму, од содржината на член 27 став 1 од Законот, јасно произлегува дека обврската за надомест на исплатените средства е врзана за неоправдано добиена секундарна правна помош. Тоа значи дека законодавецот не предвидел враќање на средства во секоја ситуација во која лицето било корисник на секундарна правна помош, ниту по автоматизам за секоја неуспешна постапка или за секое користење на правната помош, туку само тогаш кога дополнително ќе се утврди дека правната помош била неоправдано добиена. Во став 1 се наведени две такви ситуации: кога лицето дало лажни податоци со цел да добие секундарна правна помош, или кога не ги почитувало обврските од член 28 од Законот. На тој начин, законодавецот не го поврзал враќањето на средствата директно со користењето правна помош, туку со поведението на корисникот коешто е релевантно за законитото одобрување, одржување и користење на тоа право.

Во таа насока, не може да се прифати тврдењето од иницијативата дека законската формулација е во целост нејасна, празна или нормативно несфатлива. Напротив, член 28 од Законот, на кој упатува оспорената одредба, содржи јасно уредени обврски на корисникот на секундарна правна помош. Така, корисникот е должен за целиот период на користење на секундарната правна помош да продолжи да ги исполнува условите за нејзино одобрување утврдени во одредбите од оддел 3 од глава II од Законот, навремено да го известува Министерството за секоја промена на фактите и околностите што влијаат или би можеле да влијаат врз остварувањето на правото, да соработува и да ги доставува потребните податоци и документи до Министерството и адвокатот, да стапи во контакт со назначениот адвокат ако првичната средба не се реализира, како и навремено да го извести адвокатот доколку не е во можност да присуствува на претходно договорен состанок. Оттука, упатувањето од член 27 кон член 28 не се однесува на неодреден или непостоечки круг обврски, туку на јасно утврдени законски должности на корисникот.

Токму оваа системска поврзаност помеѓу член 27 и член 28 од Законот е од суштинско значење за уставноправната анализа. Оттаму, не станува збор за тоа дека Министерството може произволно, по сопствено слободно убедување, да цени дали постои какво било „непочитување“, туку за тоа дека евентуалната обврска за надомест може да настапи само во рамки на законски однапред дефинирани обврски што корисникот ги има за време на користењето на секундарната правна помош. Според тоа, оспорената одредба не е лишена од содржина, ниту пак создава целосно неограничена и правно непредвидлива дискреција.

Дополнително, не смее да се занемари и фактот дека системот на секундарна правна помош се темели врз претпоставката дека државата, преку буџетски средства, ќе обезбеди правна заштита за лице кое ги исполнува законските услови, а тоа лице, за возврат, ќе постапува совесно, точно и со потребната соработка во текот на целиот период на користење на правната помош. Имено, во член 17 став 1 од Законот, предвидено е дека барателот има право на секундарна правна помош ако поради својата финансиска состојба не може да ги оствари своите права без да го загрози сопственото издржување и издржувањето на членовите на своето семејство, а член 17 став 3 и став 4 бараат исполнување на условите за приход, имот и оправданост на барањето. Понатаму, член 16 став 6 утврдува обврска лицето да дава точни податоци за правното прашање и за својата финансиска состојба, како и да достави соодветни документи. Преку наведеното се покажува дека системот на бесплатна правна помош е изграден врз заемна законска лојалност, односно државата обезбедува помош, а корисникот е должен да ги почитува условите и обврските коишто ја оправдуваат таа помош. Оттука, законодавецот има уставно прифатлива основа да предвиди и последици доколку се утврди дека правната помош била неоправдано добиена или одржувана спротивно на тие услови.

Во однос на наводите за повреда на член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, односно дека оспорената одредба фактички го прави правото на пристап до суд и правна заштита илузорно и обесхрабрувачко, Судот оцени дека ваквиот пристап ги пренагласува можните ефекти на одредбата, а притоа не ја зема предвид нејзината вистинска функција во законскиот систем.

Оспорената норма не го ограничува пристапот до правдата на начин којшто однапред исклучува или оневозможува одредени лица да поднесат барање за секундарна правна помош. Напротив, Законот детално ги уредува условите, постапката, правото на приговор, правото на управен спор и итноста на постапувањето, токму со цел да се обезбеди пристапност на овој механизам. Член 27 од Законот, пак, се активира дури откако лицето веќе добило и користело секундарна правна помош, а потоа во посебна постапка ќе се утврди дека таа била неоправдано добиена поради некоја од причините утврдени со закон. Тоа значи дека не станува збор за норма којашто го блокира пристапот до правдата на влез, туку за норма којашто уредува последици од незаконито или несовесно користење на веќе одобрена државна помош. Во таа смисла, не може да се заклучи дека оспорената одредба сама по себе ја укинува или суштински ја доведува во прашање целта на Законот.

Во однос на наводите за повреда на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно наводната спротивност со начелото на владеење на правото и правната сигурност, Судот оцени дека оспорената одредба не е таква што би можела да се оцени како нејасна до степен на уставна неприфатливост.

Точно е дека законодавецот не предвидел посебна внатрешна градација на сите можни случаи на непочитување на обврските од член 28 од Законот, но тоа само по себе не значи дека нормата е противуставна. Владеењето на правото не бара законодавецот исцрпно да ги уреди сите можни случаи на примена на нормата, ниту е должен однапред да ги наброи сите животни ситуации во кои таа би се применувала. Уставноправно релевантно е дали адресатот на нормата може да ја разбере нејзината суштина, дали обврските се доволно определени и дали постојат механизми за правна контрола на примената.

Во конкретниот случај, корисникот може да знае кои се неговите обврски по член 28 од Законот, може да знае дека нивното непочитување може да произведе последици по член 27 од Законот, а истовремено има и право на судска контрола преку управен спор против решението на Министерството. Токму оваа можност за правна контрола има особено значење, бидејќи ја исклучува тезата дека законската норма сама по себе создава неограничена арбитрарност.

Исто така, не може да се занемари дека Законот не предвидува непосредно и автоматско враќање на средствата. Според член 27 став 2 од Законот, Министерството најнапред треба да утврди постоење на некоја од причините од став 1, а потоа во рок од 30 дена да донесе решение за надоместок на исплатените трошоци. Според став 3, во тоа решение мора да се наведе износот кој корисникот треба да го плати и сметката на која средствата треба да бидат уплатени. Според став 4, лицето е должно да го исплати износот во рок од 30 дена од правосилноста на решението, а според ставот 5, на предлог на лицето, Министерството може да определи поинаков начин на исплата имајќи ја предвид неговата финансиска состојба. Конечно, став 7 изречно утврдува право на управен спор против решението. Овие елементи јасно укажуваат дека не се работи за непосредна и неиспитана последица што настапува по автоматизам, туку за управна постапка со задолжително донесување поединечен акт, со можност за судска контрола и со можност за прилагодување на начинот на исплата според финансиската состојба на лицето.

Во однос на наводите за повреда на член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, односно дека оспорената одредба е спротивна на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, Судот оцени дека ваквото гледиште не го зема предвид целиот баланс што законодавецот настојувал да го воспостави.

Нема сомнение дека системот на бесплатна правна помош има силна социјална димензија и истиот е насочен кон поддршка на ранливи категории лица, но исто така е неспорно дека се работи за систем финансиран од јавни средства, чијашто одржливост и правичност бараат тие средства да се користат согласно со закон и наменски. Затоа, законодавецот, покрај одобрувањето на помошта, бил должен да предвиди и механизми коишто ќе спречат злоупотреба, прикривање на релевантни околности и несовесно однесување што може да доведе до неосновано трошење на буџетски средства. Во таа смисла, заштитата на јавниот интерес, законитото користење на буџетските средства и довербата во системот на бесплатна правна помош не се спротивни на социјалната правда, туку претставуваат нејзин составен дел. Социјалната правда не подразбира отсуство на правила и обврски за корисниците на социјално или правно заштитни механизми, туку правично уреден систем во кој помошта ја добива оној што навистина ги исполнува условите и кој таа помош ја користи согласно законот.

Во овој контекст, особено е важно тоа што Законот предвидува и можност Министерството, на предлог на лицето, да определи поинаков начин на исплата, земајќи ја предвид неговата финансиска состојба. Тоа покажува дека законодавецот, покрај обврската за надомест, предвидел и можност начинот на нејзиното исполнување да се приспособи на финансиската состојба на лицето. Оттука, и од аспект на социјалната функција на Законот, не може да се смета дека оспорената норма ја доведува во прашање самата суштина на системот на бесплатна правна помош.

Во однос на член 54 од Уставот, подносителот наведува дека оспорената одредба претставува непропорционално ограничување на правото на пристап до правда. Имено, член 27 од Законот не воведува ограничување на правото во неговата суштина, туку уредува последица за случаи кога е утврдено дека секундарната правна помош била неоправдано добиена. Легитимната цел на ваквата законска поставеност е очигледна, заштита на буџетските средства, обезбедување законито користење на правото на бесплатна правна помош и спречување однесувања што би го компромитирале функционирањето на целиот систем. Тоа е уставно дозволена и рационална цел, којашто произлегува од природата на самото право и од јавниот интерес, средствата наменети за бесплатна правна помош да бидат користени од лицата кои навистина ги исполнуваат законските услови и ги почитуваат обврските поврзани со тоа право.

Од аспект на пропорционалноста, не може да се смета дека законодавецот ги пречекорил границите на својата слобода на уредување. Законодавецот предвидел дека кога правната помош е неоправдано добиена, без разлика дали поради давање лажни податоци или поради непочитување на законски утврдените обврски на корисникот од член 28 од Законот, оправдано е лицето да ги надомести средствата што претходно биле исплатени од Буџетот. Со оглед на тоа што станува збор за јавни средства издвоени за конкретна законска намена, не може да се смета за неразумно законодавното решение според кое лицето кое ја користело правната помош спротивно на законските претпоставки, треба да ги врати исплатените средства. Прашањето дали во секој поединечен случај Министерството правилно утврдило дека било сторено непочитување на обврските од член 28 од Законот и дали оправдано го определило износот, е прашање на правилна примена на Законот во конкретна управна постапка, а не е прашање на уставноста на самата одредба. Токму за тие прашања Законот обезбедува судска контрола преку управен спор. Оттука, евентуалната можност за неправилна или престрога примена во одделен случај не е доволен основ самата норма да се оцени како противуставна.

Во овој предмет важно е, јасно да се разграничи уставно-правната оцена на нормата од оцената на можните тешкотии во нејзината примена. Наводите на подносителот во значителен дел се насочени кон хипотетички сценарија во кои и најмала или незначителна грешка би водела кон целосно враќање на сите средства. Меѓутоа, Судот при оценувањето на уставноста на законската одредба не поаѓа од претпоставката дека органите нужно ќе ја применуваат нормата на најрестриктивен, најнеповолен или произволен начин. Напротив, оцената на примената на член 27 став 1 алинеја 2 од Законот мора да се врши во системска поврзаност со природата, содржината и функцијата на конкретните обврски утврдени во член 28 од Законот, односно како последица за такво непочитување што е правно релевантно за стекнувањето и користењето на секундарната правна помош. Ако во конкретен случај би дошло до евентуално погрешна, престрога или несразмерна примена, тоа прашање се разрешува во рамки на управна постапка, а не преку укинување на законската норма како таква.

Оттука, имајќи ја предвид целината на Законот за бесплатна правна помош, неговата цел да обезбеди пристап до правда, но и да воспостави уреден, контролиран и одржлив систем на користење на јавни средства, Судот утврди дека во однос на оспорениот член 27 став 1 алинеја 2 од Законот не може основано да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот. Ова од причина што оспорената одредба е дел од пошироко и системски уредено законско решение за користење и контрола на секундарната правна помош, истата упатува на конкретно определени обврски на корисникот уредени во член 28 од Законот, не предвидува последица без претходно утврдување и без донесување поединечно решение, овозможува при определувањето начин на исплата да се земе предвид финансиската состојба на лицето и обезбедува судска контрола преку управен спор. При таква нормативна поставеност, не може да се тврди дека законодавецот вовел нејасна, арбитрарна или уставно недозволива санкција, ниту дека ја повредил суштината на правото на пристап до правда или начелата на владеење на правото, социјалната правда и пропорционалноста.

Поради наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 27 став 1 алинеја 2 од Законот за бесплатна правна помош со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 и член 54 од Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски