Уставниот суд ќе биде домаќин на Регионална конференција за зголемување на јавната доверба во уставните судови

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка(IRZ) на 16 септември 2026 година во Охрид ќе одржи регионална конференција на тема „Како да се зголеми јавната доверба во уставните судови“.

На конференцијата ќе учествуваат претседатели и судии на уставни судови од земјите од регионот, претставници на Сојузна Република Германија, како и домашни и меѓународни правни експерти.

Настанот ќе го отвори претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски, а поздравни обраќања се предвидени и од претставник на Амбасадата на Сојузна Република Германија и од д-р Штефан Пирнер, раководител на проектниот оддел за Западен Балкан при IRZ.

Во рамки на три работни панели ќе се дискутира за улогата на уставните судови во јакнењето на довербата на јавноста, нивната институционална позиција и независност, односот со јавноста и другите институции, како и за предизвиците со кои се соочуваат уставните судови во современите демократски општества.

Посебен акцент ќе биде ставен на искуствата и практиките на уставните судови од Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Словенија и Германија, како основа за размена на ставови за начините на кои уставното судство може да ја зајакне својата транспарентност, јавна препознатливост и довербата на граѓаните.

Од Уставниот суд на Република Северна Македонија свои излагања ќе имаат судиите проф. д-р д-р Осман Кадриу и м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева.

Пред учесниците ќе се обрати и Винфрид Шуберт, поранешен претседател на Уставниот суд на сојузната покраина Бранденбург и поранешен претседател на Вишиот покраински суд во Наумбург, кој ќе говори за развојот и улогата на Сојузниот уставен суд на Германија, неговата јавна прифатеност, институционалните конфликти, идните предизвици и отпорноста на уставното судство.