Уставниот суд во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ), на 16 и 17 септември 2026 година, во Охрид ќе ја одржи регионалната конференција со централна тема „Како да се зголеми довербата на јавноста во уставните судови“.
Во фокусот на конференцијата е градењето и зајакнувањето на јавната доверба во уставните судови, со посебен акцент на независноста и кредибилитетот на уставното судство, транспарентноста, комуникацијата со јавноста и современите предизвици со кои се соочуваат институциите во услови на забрзан информациски и технолошки развој.
Конференцијата ќе ја отворат претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, и д-р Штефан Пирнер, раководител на проектниот оддел за Западен Балкан при ИРЗ.
Во рамки на панел-дискусиите ќе учествуваат претседатели и судии на уставните судови од регионот, меѓу кои Мирсад Ќеман, претседател на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева и д-р Осман Кадриу, како и претставници на уставните судови на Црна Гора и Србија.
Свое излагање ќе има и Winfried Schubert, поранешен претседател на Уставниот суд на сојузната покраина Бранденбург и поранешен претседател на Вишиот покраински суд во Наумбург, Германија, кој ќе говори за развојот и улогата на германското уставно судство, неговата јавна прифатеност, предизвиците и институционалната отпорност.
На конференцијата ќе присуствуваат и претставници на ИРЗ, дипломатскиот кор, академската заедница, судии.
Целта на конференцијата е преку размена на регионални и европски искуства да се отворат прашањата за тоа како уставните судови ја градат и одржуваат довербата на јавноста и како, притоа, ја зачувуваат својата независност и институционален авторитет.