УЗ.бр.3/2026

Не се пронајдени зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.3/2026
Скопје, 30.09.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 30 септември 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање согласност на Годишниот план за вработување во Општина Дојран за 2026 година, бр.08-1841/4 од 25.12.2025 година.

Образложение

I

Ратко Ајцев од Дојран, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите, оспорената одлука е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 96 од Уставот на Република Северна Македонија и член 20-б ставови 1 и 4 од Законот за вработените во јавниот сектор.

Во иницијативата се наведува дека градоначалникот на Општина Дојран, во рамки на своите надлежности, доставил Годишен план за вработување за 2026 година, бр.01-331/1 од 11.08.2025 година до Советот на Општина Дојран, којшто по негово разгледување донел Заклучок за недавање согласност бр.08-1366/11 од 29.08.2025 година, со укажување истиот да се измени и дополни. Понатаму, се наведува дека корегираниот Годишен план за вработување за 2026 година бр.01-331/2 од 29.08.2025 година повторно бил доставен, но Советот на Општина Дојран повторно не дал согласност, без да утврди конкретни насоки за усогласување, туку донел Одлука за недавање согласност на Годишен план за вработување за 2026 година бр.08-1493/8 од 26.09.2025 година.

Во текот на понатамошната постапка, се укажува дека по изборот на нов градоначалник на Општина Дојран, новоизбраниот градоначалник доставил нов Годишен план за вработување за 2026 година бр.01-331/3 од 05.12.2025 година, за кој Советот на Општина Дојран дал согласност и покрај тоа што законските рокови за негово донесување биле истечени.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека Советот на Општина Дојран го повредил член 20-б став 1 од Законот за вработените во јавниот сектор, бидејќи наместо да донесе заклучок за корекција или усогласување на планот, донел одлука за недавање согласност.

Оттука, според наводите, Годишниот план за вработување за 2026 година бр.01-331/3 од 05.12.2025 година не претставува корекција на претходниот, ниту произлегува од Годишниот план за вработување за 2026 година бр.01-331/2 од 29.08.2025 година, од причина што не може да биде донесен без претходен соодветен заклучок, со што формално правно постапката за негово донесување се запира.

Во иницијативата, се наведува дека со непочитување на законските рокови е повредена темелната вредност – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, принципот на законитост согласно со член 51 од Уставот, како и обврската од член 96 од Уставот, согласно која органите на државната управа се должни да постапуваат во рамки на Уставот и законите, а имајќи предвид дека почитувањето на роковите од член 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор претставува суштински услов за законито планирање.

Врз основа на наведеното се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт и истиот да го поништи, како и Судот да донесе решение согласно со член 37 од Актот на Уставниот суд, од причина што оспорената одлука ќе предизвика непосредни и тешко отстранливи последици бидејќи врз основа на истата ќе се започне со реализација на постапки за вработувања со што ќе се создадат трајни правни односи, односно засновање работен однос.

II

На седницата Судот утврди дека од страна на Советот на Општина Дојран, врз основа на член 20-б став 1 алинеја 3 од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014, 199/2014, 27/2016, 35/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 143/2019 и 14/2020), на седницата одржана на ден 25.12.2025 година, е донесена Одлуката за давање согласност на Годишниот план за вработување во Општина Дојран за 2026 година, број 08-1841/4 од 25.12.2025 година.

Во член 1 од Одлуката е предвидено дека се дава согласност на Годишниот план за вработување во Општина Дојран за 2026 година, донесен од градоначалникот на Општина Дојран, бр.01-1331/3 од 05.12.2025 година.

Согласно со член 2 од истата одлука, Годишниот план за вработување во Општина Дојран за 2026 година, ќе отпочне да се применува по добиената согласност од Министерството за јавна администрација.

Во член 3 од оваа одлука е предвидено дека истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Дојран”.

III

Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

IV

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Одлуката за давање согласност на Годишниот план за вработување во Општина Дојран за 2026 година бр.08-1841/4 од 25.12.2025 година, донесена на седницата одржана на ден 25.12.2025 година.

Уставниот суд на Република Северна Македонија има надлежност да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, при што прописи во смисла на оваа уставна одредба се правни акти коишто содржат општи норми на однесување, уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и кои утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото.

Во конкретниот случај, од содржината на актот којшто се оспорува со иницијативата, произлегува дека тој не содржи правни елементи што го определуваат како пропис. Станува збор за акт со кој се дава согласност на годишен план за вработување и со истиот се уредуваат кадровски прашања за конкретна јавна институција. Оспорената одлука нема сопствен предмет на нормативно уредување на општествени односи, а како таква не е подобна за уставно-судска оцена.

Имајќи предвид дека со иницијативата се оспорува акт којшто нема карактер на пропис, согласно со утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Судот.

V

Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски