Судијата на Уставниот суд, проф. д-р Осман Кадриу, се обрати на регионалната конференција „Како да се зголеми довербата во уставните судови?“, што се одржа во Охрид во периодот 16–17 септември. Во своето излагање тој посебно се осврна на уставно-судската заштита на човековите права, укажувајќи дека ограничениот број одлуки во кои граѓаните добиле непосредна заштита пред Уставниот суд е важен индикатор за нивото на доверба во уставното судство. Според Кадриу, зајакнувањето на оваа димензија е суштински поврзано и со пошироката доверба во владеењето на правото и доброто управување.
„Од оваа перспектива, посебно го издвојувам прашањето на уставно-судската заштита на човековите права. За разлика од практиката во други држави, кај нас бројот на одлуки во кои граѓаните добиле непосредна заштита на своите права пред Уставниот суд е исклучително мал во споредба со предметите што се однесуваат на оценување на уставноста и законитоста на прописите и другите акти. Станува збор за само десетина одлуки во корист на граѓани на кои им биле повредени или загрозени права и кои добиле заштита пред Уставниот суд. Според мене, токму ова е еден од клучните фактори и индикатори за ниската доверба на граѓаните во уставното судство. А довербата во Уставниот суд е нераскинливо поврзана и со пошироката доверба во доброто управување и владеењето на правото, кои пред сè мора да бидат во функција и во корист на граѓаните“, изјави судијата Кадриу.
