Делегација на Уставниот суд предводена од претседателот д-р Дарко Костадиновски денеска, во Букурешт oдржа билатерална средба со претставници на Уставниот суд на Романија. Во фокусот на средбата беа улогата и надлежностите на уставните судови во заштитата на супрематијата на Уставот, како и на перспективите за билатерална соработка.
Заедничка тема на средбата беше: „Јавната комуникација на уставните судови”.
Покрај претседателот Костадиновски, дел од делегацијата беа судиите проф. д-р Ана Павловска Данева, м-р Фатмир Скендер, Генералниот секретар на Судот м-р Виолета Георгиевска и Љубица Гаџовска, шеф на Кабинетот на претседателот на Уставниот суд.

На почетокот на средбата, претседателката на Уставниот суд на Романија, Елена-Симина Танасеску упати поздравно обраќање, во кое истакна дека оваа работна средба е знак на длабока заемна почит и истовремено, автентичен израз на заложбата за градење и зацврстување блиски односи меѓу двата уставни суда.
„Сметам дека ваквите средби се уште поважни во време кога уставните судови се повикани да одговорат на сè посложени предизвици и кога заштитата на владеењето на правото, уставната демократија и основните права бара не само институционална цврстина, туку и дијалог, заедничко размислување и размена на добри практики“, изјави Танасеску.

Таа, исто така, истакна дека Уставите на Романија и на Република Северна Македонија биле донесени во 1991 година, во историски контекст длабоко обележан со трансформацијата на Централна и Југоисточна Европа и со воспоставувањето нови темели на владеењето на правото и уставната демократија.
Претседателката, исто така, посочи дека избраната тема на разговорите е особено актуелна, бидејќи во општество во кое информациите се движат со досега невидена брзина и во кое од јавните институции постојано се очекува да ги објаснуваат своите одлуки, комуникацијата повеќе не може да се смета за секундарен елемент од работата на еден уставен суд.

„За еден уставен суд, јавната комуникација мора да постигне деликатна рамнотежа: од една страна, почитување на правната природа и авторитетот на уставната одлука, а од друга страна, легитимната потреба на граѓаните да го разберат образложението и значењето на одлуките кои можат директно да влијаат врз нивниот живот. Во суштина, станува збор за довербата. А јавната доверба не може да се наметне. Таа се гради со текот на времето, преку професионализам, независност, транспарентност и способност на институцијата на ригорозен и јасен начин да ја објасни улогата што ја има во уставната архитектура“, истакна претседателката на Уставниот суд на Романија.
На средбата, од страна на Уставниот суд на Романија,покрај претседателката Танасеску, која е и претседателка на Асоцијацијата на франкофонските уставни судови, учествуваа и судиите Георге Стан, Михаела Чиокина, Михаи Бусуиок и Асталош Чаба Ференц, како и Бенке Кароли, прв судиски асистент, Кристина Титиришка, судиска асистентка и директорка на Кабинетот на претседателката.

Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски, го истакна големиот предизвик со кој денес се соочува традиционалното сфаќање според кое „судовите зборуваат само преку своите одлуки“.
„Тоа не е затоа што судските одлуки ја изгубиле својата централна улога, напротив, тие и понатаму остануваат главната и најавторитетната форма на комуникација на еден суд. Меѓутоа, начинот на кој денес се создаваат, пренесуваат и толкуваат информациите суштински ја промени средината во која функционираат уставните судови“, изјави претседателот Дарко Костадиновски.
Во таа насока, во своето обраќање тој издвои неколку суштински аспекти:
- Од транспарентност кон активна институционална комуникација;
- Судот треба да биде извор на информации, а не само тема во медиумите;
- Целта не е популарност, туку јасност;
- Отсуството на одлуки или институционалниот молк не се секогаш неутрални;
- Транспарентноста мора да има јасно утврдени граници;
- Формата може да се менува, но правната суштина останува непроменета;
- Дигиталната комуникација е и двонасочен процес;
- Нашето искуство потврдува дека постои вистински интерес кај јавноста за директно информирање;
- Отвореноста може да биде и средство преку кое независноста станува видлива. Следниот чекор во овој процес беше воведувањето директен пренос на седниците на Уставниот суд;
- Комуникацијата не може да го замени независното и висококвалитетно судско одлучување.
„Транспарентноста и јавната комуникација не се идентични поими. Поголемата транспарентност не значи дека уставните судови треба да влегуваат во јавна дебата. Постои суштинска разлика меѓу тоа да се објасни една одлука и таа јавно да се брани. Критиката на судските одлуки е легитимен елемент на секое демократско општество. Улогата на Судот не е да ја задушува критиката, туку да обезбеди јавната дебата да има пристап до точни информации за тоа што Судот навистина одлучил. Токму затоа рамнотежата е многу тешка: отвореност без политизација, достапност без популизам и комуникација без нарушување на судската воздржаност“, истакна претседателот Дарко Костадиновски.

Во рамки на билатералната средба, судијата Асталош Чаба Ференц имаше презентација на тема: „Дали се менува јавната комуникација на уставните судови? Дилеми и предизвици“.

Работната средба се одвиваше во дух на отвореност и пријателство, а двете страни особено ја оценија подготвеноста за развивање вистински судски дијалог и размена на искуства меѓу двата суда.

На крајот од средбата, претседателот Костадиновски беше поканет да се потпише во Книгата на честа на Уставниот суд на Романија.


