Васиќ-Бозаџиева: Потребно е формирање на регионална иницијатива за повисоки стандарди на транспарентност и поголема доверба во уставните судови

Судијката на Уставниот суд, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, се обрати на регионалната конференција „Како да се зголеми довербата во уставните судови?“, што се одржа во Охрид, во периодот 16-17 септември 2026 година. Во своето излагање таа го постави прашањето дали довербата во уставните судови треба да се мери исклучиво преку анкети и проценти или, пред сè, преку тоа дали самата институција им дава на граѓаните доволно причини да ѝ веруваат. Васиќ-Бозаџиева предложи и формирање регионална иницијатива за стандардизирање на комуникацијата, унапредување на критериумите за транспарентност и развој на заеднички механизми за мерење на довербата и уставната писменост во земјите од регионот.

Во прилог целосното обраќање на судијката Васиќ-Бозаџиева:

Почитувани,

Може ли да му веруваме на Уставниот суд и кога не се согласуваме со него?

Довербата, легитимноста и институционалната доверливост на уставните судови

Почитувани претседатели и судии на уставните судови, почитувани колеги, дами и господа,

Најчесто кога се зборува за доверба во судовите, се мисли на анкети: колкав процент од граѓаните имаат доверба во судот?

Ова е легитимно прашање. Но, тоа мери перцепција на доверба, а не нужно дали институцијата навистина е доверлива.

Мојата теза отвора друго, многу интересно прашање: Од што  треба да произлегува довербата во Уставниот суд? Не велам дека процентите се неважни. Секако дека се важни. Велам дека не се доволни.

Кога зборуваме за доверба во судовите, најчесто прашуваме: „Колку проценти од граѓаните му веруваат на судот?“

Јас би поставила едно поинакво прашање: Зошто би требало да му веруваат? Зошто не би прашале и дали институцијата објективно има својства поради кои заслужува доверба?

Првото прашање ја мери довербата. Второто не тера да размислуваме како довербата се заслужува. Анкетите ни кажуваат колку доверба постои. Но не кажуваат доволно за тоа зошто постои или зошто недостасува?!

Мојата централна реченица „Може ли да му веруваме на Уставниот суд и кога не се согласуваме со него?“ ја отвора разликата меѓу поддршката на исходот и прифаќање на легитимноста на процесот и институцијата.

Јас би ја поставила целата теза на следниот начин: Не сакам на прашам само колку граѓаните му веруваат на уставниот суд. сакам да прашам и дали судот им дава доволно причини да му веруваат? Тоа, според мене, е позначајна тема од вообичаената: Колкав е процентот на доверба во Уставниот суд? Како судија на Уставниот суд прашувам што Уставниот суд треба да направи за да ја заслужи довербата на јавноста?

Што значи доверба? Довербата, наједноставно кажано, е верување дека некој ќе постапи на соодветен, предвидлив и чесен начин, дури и кога немаме целосна контрола врз неговото постапување. Во контекст на Уставниот суд би ја разликувала од согласувањето со одлуките! Довербата не значи (само) „Се согласувам со Судот“. Туку повеќе, и кога не се согласувам со одлуката, верувам дека Судот одлучувал независно, непристрасно, стручно и врз основа на право, а не врз основа на политички или други влијанија.

Затоа довербата има најмалку две димензии: Перцепирана доверба: што граѓаните мислат и чувствуваат во однос на институцијата и колку и веруваат!? Институцонална доверливост: дали институцијата навистина има особини поради кои е разумно да и се верува, а тоа се независност, непристрасност, стручност, интегритет, транспареност и доследност.

И тука е, според мене, најважната теза за моето излагање. довербата не е исто што и популарноста. ниту е исто што и согласувањето со одлуките. довербата е уверување дека институцијата постапува на начин што заслужува да биде прифатен како легитимен, дури и кога нејзиниот исход не ни се допаѓа.

Уставниот суд не е институција чија задача е да биде популарна. Понекогаш негова задача е токму да донесе одлука која ќе биде непопуларна. Понекогаш треба да го ограничи парламентот. Понекогаш треба да ја ограничи Владата. Понекогаш треба да поништи закон кој има силна политичка поддршка. А понекогаш треба да одбие барање на граѓанин, здружение или некое друго правно лице, иако тоа ќе биде критикувано.

Ако секоја таква одлука ја мериме преку падот или растот на довербата, тогаш создаваме погрешен критериум за успехот на уставниот суд. секоја непопуларна одлука ја намалува довербата!!!

Ова прашање не е само теоретско.

Интересен пример ни дава случајот со шпанскиот Уставен суд и одлуката за Каталонскиот статут на автономија од 2010 година.

Одлуката STC 31/2010 од 28 јуни 2010 година на шпанскиот Уставен суд се однесуваше на Статутот на автономијата на Каталонија од 2006 година, со кој значително се прошируваа автономните надлежности на Каталонија. Барањето за оценување на уставноста беше поднесено на 31 јули 2006 година, а Судот одлучи по речиси четири години, на 28 јуни 2010 година. Судот прогласи 14 одредби за неуставни и ништовни, а за повеќе други утврди уставно-конформно толкување. Особено чувствителни беа прашањата за статусот на Каталонија, јазикот, финансирањето и институционалната и судската автономија. Судот утврди и дека упатувањата во преамбулата на „Каталонија како нација“ и на „националната реалност на Каталонија“ немаат правно дејство. Одлуката предизвика силни реакции и незадоволство во Каталонија и затоа претставува особено интересен пример за мојата тема: може ли граѓанинот да не се согласува со одлуката на уставниот суд, а сепак да има доверба дека таа е донесена независно, непристрасно и врз основа на право?

Истражување 1: Перцепцијата на независноста е многу значајна за довербата.

Во студијата Пабло Кастиљо-Ортис и Роса М. Наварете, „Довербата на граѓаните во уставните судови: докази од Шпанија“, првично објавено онлајн во 2025 година, а потоа објавено во European Political Science Review, том 18, број 2, мај 2026 година.(„Citizens’ trust in constitutional courts: evidence from Spain“, објавена од Pablo Castillo-Ortiz и Rosa M. Navarrete, првично онлајн во 2025 година, а во European Political Science Review, Vol. 18, Issue 2), во 2026 година, авторите ја испитуваат довербата во шпанскиот Уставен суд во контекст на одлуката за Каталонскиот статус.

Истражувањето покажува дека особено значајна за довербата е перцепцијата на граѓаните за независноста на Судот. Во исто време, граѓаните во Каталонија изразувале пониско ниво на доверба во Судот.

Но, тука е важна научната претпазливост. Авторите нагласуваат дека нивните податоци претставуваат снимка од еден момент и не овозможуваат сигурни причинско-последични заклучоци. Затоа, ова истражување не докажува дека токму одлуката предизвикала пад на довербата.

Она што ни го покажува е дека довербата е поврзана и со тоа како граѓаните ја перципираат самата институција – особено нејзината независност.

Истражување 2: Судска одлука на чувствително прашање може да предизвика пад на довербата.

Во студијата Агустин Касас, Федерико Курчи и Антони-Итало де Морагас, „Судски одлуки, реакција и сецесионизам: Шпанскиот уставен суд и Каталонија“, објавено во The Economic Journal, 2024 година („Judicial Decisions, Backlash and Secessionism: The Spanish Constitutional Court and Catalonia“, објавена од Agustin Casas, Federico Curci и Antoni-Italo De Moragas) во 2024 година во The Economic Journal, авторите го испитуваат ефектот на одлуката на шпанскиот Уставен суд од 2010 година врз политичките ставови и довербата во институциите.

Студијата користи многу посилен истражувачки дизајн. Бидејќи одлуката била објавена во текот на спроведувањето на истражувањето на јавното мислење, авторите можеле да ги споредат одговорите на граѓаните интервјуирани непосредно пред и непосредно по одлуката.

Тие утврдиле дека по одлуката довербата во судовите се намалила за 0,36 поени на скала од 0 до 10, односно за околу 10 проценти во однос на измереното ниво. Истовремено, поддршката за независност на Каталонија се зголемила за околу пет процентни поени.

Овој наод покажува дека една судска одлука на исклучително чувствително прашање може да има мерлив ефект врз довербата во судовите.

Така, двете истражувања ни покажуваат две различни, но поврзани работи: првото ја нагласува важноста на перцепцијата на независноста, а второто покажува дека исходот од чувствителна судска одлука може да биде проследен со пад на довербата.

И тука доаѓа моето концептуално прашање:

Ако довербата се менува во зависност од исходот, дали со мерките на „доверба“ секогаш мериме доверба во институцијата, или понекогаш мериме задоволство од конкретниот исход?

Овие истражувања не го даваат директно одговорот на ова прашање. Но, ни даваат причина да ја поставиме разликата меѓу довербата во институцијата и согласувањето со нејзините одлуки.

Едно е да не се согласуваме со одлуката. Друго е да се сомневаме во начинот на кој е донесена.

И тука доаѓа мојата теза: „Не мора да се согласуваме со одлуката за да му веруваме на Судот. Но мора да веруваме дека одлуката е донесена независно, непристрасно и врз основа на право.“

Ова не значи дека исходот од судското одлучување е неважен за довербата. Напротив, истражувањето за Каталонија покажува дека исходот може да има реално влијание врз перцепциите на граѓаните.

Но, ако довербата во институцијата ја сведеме само на тоа дали граѓаните се согласуваат со нејзините одлуки, тогаш ризикуваме да ја изедначиме довербата со задоволството од конкретниот исход.

А токму тука, според мене, треба да направиме разлика меѓу довербата како перцепција и институционалната доверливост.

Прашањето не е само колку му веруваат граѓаните на Судот, туку и што создава разумна основа за таа доверба.

Независноста, непристрасноста, стручноста, интегритетот, правичноста и доследноста се дел од таа основа.

Не можеме да очекуваме уставниот суд секогаш да донесува одлуки со кои граѓаните ќе се согласуваат.

Но можеме да очекуваме граѓаните да имаат разумни причини да веруваат дека, и кога не се согласуваат со исходот, институцијата одлучувала легитимно – независно, непристрасно и врз основа на право.

Затоа прашањето не е како да создадеме суд со кој сите ќе се согласуваат. Туку институција на која и кога не се согласуваме можеме  да ѝ веруваме.

Досегашниот текст многу добро ја објаснува разликата меѓу trust и trustworthiness, но сè уште не кажува доволно јасно зошто тоа е прашање за „јакнење на довербата во уставните судови“.

Најдобрата врска со темата на конференцијата е следната:

Ако сакаме да ја јакнеме довербата, не треба само да се обидуваме да ја зголемиме перцепираната доверба. Треба да ги јакнеме институционалните својства што создаваат разумна основа за доверба.

Тоа значи дека моето излагање не останува на теоретската разлика, туку од неа извлекувам практично прашање: што можат уставните судови да направат за да бидат доверливи и тогаш кога донесуваат непопуларни одлуки?

Ако Шпанија ни покажува дека судска одлука може да ја намали довербата во Судот, германскиот пример покажува колкава може да биде тежината на одлуката на уставен суд во кој јавноста има висока доверба. Истражувањето на Sebastian Sternberg, Sylvain Brouard и Christoph Hönnige од 2022 година покажува дека германскиот Сојузен уставен суд можел да влијае врз ставовите на граѓаните за одредена политика, дури и кај оние со силно претходно изграден став, при што ефектот бил поврзан со нивото на доверба во Судот. За мојата теза е важно токму ова: довербата не треба да ја разбираме како согласување со секоја одлука, туку како институционален авторитет што се гради со текот на времето и овозможува одлуките на Судот да бидат сериозно разгледувани и тогаш кога не се совпаѓаат со ставовите на граѓаните.

Имено, авторите на истражувањето Себастијан Штернберг, Силвен Бруар и Кристоф Хениге, „Капацитетот на уставните судови за создавање легитимност: докази од компаративен анкетен експеримент“, објавено во 2022 година во European Journal of Political Research( Sebastian Sternberg, Sylvain Brouard и Christoph Hönnige, „The Legitimacy-Conferring Capacity of Constitutional Courts: Evidence from a Comparative Survey Experiment“), објавено во 2022 година во European Journal of Political Research, го споредуваат германскиот Сојузен уставен суд со францускиот Уставен совет, преку експериментално истражување спроведено во двете земји, со повеќе од 2.600 испитаници во секоја од нив. На испитаниците им бил претставен ист хипотетички предлог за безбедноста во училиштата, но со различна информација за ставот на уставниот суд кон тој предлог. Резултатот за Германија е особено интересен: ставот на Судот влијаел врз ставот на граѓаните за предложената политика. И тоа не само кај оние кои претходно немале изграден став, туку и кај граѓани кои веќе имале јасно спротивставено мислење. Кога институцијата има изграден авторитет, нејзината одлука може да биде причина граѓанинот повторно да размисли за сопствениот став – дури и кога првично не се согласувал со судот.

Токму затоа високата доверба може да се разбере како институционален капитал. Таа му овозможува на Судот неговата одлука да биде сериозно разгледана и тогаш кога не се совпаѓа со личните или политичките ставови на граѓанинот. Но таквиот капитал не се создава со една одлука, ниту со комуникациска кампања. Се создава постепено – преку начинот на кој Судот одлучува, преку квалитетот и доследноста на неговото образложение, преку независноста и непристрасноста на судиите и преку долгорочно институционално однесување.

Затоа германскиот пример го гледам како емпириски доказ за нешто многу поважно за нашата тема: ако граѓанинот има доверба во институцијата, несогласувањето со нејзината одлука не мора да доведе и до отфрлање на самата институција.

А токму тоа е прашањето што треба да си го поставиме и ние: како да градиме институција чии одлуки ќе бидат сериозно сфатени и тогаш кога граѓаните не се согласуваат со нив.

Германскиот Сојузен уставен суд бил способен да влијае врз ставовите на граѓаните во насока на својата одлука. Со други зборови, одлуката на Судот можела да придонесе одредена политика да биде прифатена како полегитимна, но и да придонесе за нејзино оспорување кога Судот ја оценувал негативно. Овој ефект се појавувал дури и кај испитаници кои претходно имале силно формиран став по конкретното прашање. Особено впечатливо е што поддржувачи на Зелените биле поподготвени да прифатат конзервативна политика кога таа била поддржана од Судот, а поддржувачи на AfD полесно прифаќале либерална политика кога Судот заземал став во нејзина полза.

За мене, ова е можеби најинтересниот наод. Тој не значи дека граѓаните треба безрезервно да ги следат уставните судови. Напротив, тој покажува дека кога една институција ужива високо ниво на доверба, нејзината одлука може да биде сфатена како релевантна причина за преиспитување на сопствениот став. Граѓанинот не мора однапред да се согласува со Судот. Но може да биде подготвен повторно да размисли, токму затоа што верува во институцијата која ја донела одлуката.

Тоа е суштинската разлика што, според мене, треба да ја направиме кога зборуваме за довербата во уставните судови. Довербата не значи: „Судот одлучи, значи јас сум задоволен“. Таа значи нешто многу потешко да се постигне: „Јас имав поинаков став, но сериозно ја земам предвид одлуката на Судот, затоа што имам причина да верувам дека таа е донесена од независна и непристрасна институција, врз основа на Уставот и правото.“

И токму тука германскиот пример е релевантен и за нашата тема и за нашиот регион. Во општества во кои одлуките на уставните судови често веднаш се толкуваат низ политичка призма, вистинскиот проблем не е само дали одлуката е популарна. Проблемот е дали граѓанинот има причина да верува дека одлуката е навистина резултат на независно уставно одлучување, а не на политичка припадност или претходно определена позиција.

Затоа е интересно што и самиот германски Сојузен уставен суд, во својот Етички кодекс на однесување на судиите („Code of Conduct for the Justices of the Federal Constitutional Court“), изречно утврдува дека судиите треба да се однесуваат така што да не се наруши јавната доверба во нивната независност, непристрасност, неутралност и интегритет. Тоа е важно за мојата теза: довербата е поврзана и со начинот на кој самата институција и нејзините судии ја вршат функцијата и со однесувањето што ја чува довербата во тие основни својства на судското одлучување. Институционалната доверливост се гради и преку однесувањето на судиите.

Токму затоа сметам дека, кога зборуваме за зајакнување на довербата во уставните судови, не треба да започнеме со прашањето: како да ја убедиме јавноста повеќе да ни верува? Треба да започнеме со друго прашање: што правиме ние како институција за да бидеме достојни за таа доверба?

Оттука, можеби најважната порака што можеме да ја извлечеме од германското истражување е следната: целта не е граѓанинот секогаш да каже „Се согласувам со Уставниот суд“. Тоа не би било ниту реално, ниту пожелно во едно демократско општество.

Поважниот момент е граѓанинот да може да каже: „Не се согласувам со оваа одлука. Но знам дека таа не е донесена за да ми се допадне мене, ниту за да одговори на нечии политички очекувања. Донесена е од институција во чија независност, непристрасност и интегритет имам причина да верувам.“

И можеби токму тоа е највисокиот облик на доверба во еден уставен суд: не согласност со секоја негова одлука, туку подготвеност и несогласувањето да се смести во рамките на почитување на институцијата и на уставниот поредок.

Германската студија ја користиме за да кажеме за да покажеме конкретно и емпириски што се случува кога еден уставен суд располага со висок институционален капитал на доверба. Студијата е особено силна затоа што експериментално покажува дека довербата може да влијае врз начинот на кој граѓаните ја примаат дури и одлуката што не одговара на нивните претходни политички ставови.

Научните истражувања што директно ја испитуваат довербата во уставните судови сè уште се релативно ретки, особено во нашиот регион. Но резултатите што веќе ги имаме покажуваат една важна поента: довербата не се создава автоматски со самиот уставен статус на институцијата, ниту, пак, само со начинот на избор на нејзините судии. Емпириските истражувања укажуваат дека од особено значење е дали Судот се перципира како навистина независен и стручен, а не како продолжение на дневната политика. Кога таквата доверба ќе се изгради, таа создава институционален авторитет што може да опстои и кога граѓаните не се согласуваат со конкретна одлука. Но довербата не е еднаш засекогаш стекната: истражувањата покажуваат и дека политичкото поткопување на судот и доведувањето во прашање на неговата независност можат директно да ја намалат довербата. Затоа, можеби најважното прашање за еден уставен суд не е како да донесува одлуки со кои јавноста ќе биде задоволна. Тоа би било невозможно, а и не би требало да биде неговата задача. Вистинското прашање е како да создаде доволно причини граѓаните да веруваат дека, и кога не се согласуваат со исходот, одлуката е донесена од независна, стручна и институционално доверлива власт.

Ако оваа теза ја погледнеме низ искуството на Уставниот суд на Република Северна Македонија, можеме да видиме дека градењето доверба во Уставниот суд не е само прашање на тоа што Судот одлучува, туку и на тоа колку граѓаните можат да ја видат, разберат и препознаат институцијата зад тие одлуки.

Во последниот период направивме повеќе чекори во таа насока: од активно и навремено информирање за предметите и одлуките, објавување на издвоените мислења и овозможување електронско поднесување на иницијативи и барања, до директна комуникација со граѓаните, средби со претседателот на Судот и засилено присуство во јавноста.

Но, најголемиот чекор, според мене, е преносот во живо на седниците, кој започна на 4 април 2026 година. Тоа е нешто повеќе од техничка новина или уште една форма на транспарентност. Со него, за првпат, граѓанинот не мора да ја запознае работата на Судот само преку конечниот текст на една одлука или преку тоа што некој друг ќе му ја објасни; тој може самиот да види како се разгледува предметот, како се поставуваат прашањата, како се соочуваат правните аргументи, како судиите ги образложуваат своите ставови и како се доаѓа до одлуката. Со други зборови, ја отвораме не само вратата кон резултатот, туку и кон процесот на уставно-судското одлучување. А тоа е особено важно за довербата, затоа што граѓанинот добива можност сам да процени дали институцијата работи независно, стручно и одговорно. Оттука, преносот во живо го гледам како начин довербата да не се бара, туку да се заслужува преку видливост на работата.

Во контекст на мојата теза, преносот во живо има многу посилно значење од обична транспарентност. Тој го прави видлив токму оној дел од работата на Судот од кој треба да произлегува институционалната доверливост: начинот на кој се расправа и се формира правното мислење.

Но, за мојата теза е важно да направам една разлика: Преносот во живо сам по себе не создава доверба. Тој создава услов граѓанинот да има непосреден увид во нешто што претходно морал да го прифаќа врз основа на конечниот исход – како Судот дошол до одлуката.

Токму затоа тој е директно поврзан со мојата разлика меѓу перцепирана доверба и институционална доверливост.

Пред преносот, граѓанинот главно го гледа резултатот: „Што одлучи Судот?“ Сега може да го види и процесот: „Како судиите ги разгледуваат аргументите? Дали се слушаат меѓусебно? Дали има спротивставени правни ставови? Како се образложува правното решение?“ Судот токму ова го наведува како цел на преносот – јавноста да може да го следи начинот на кој се развива правното размислување и аргументацијата.

И тука е најсилната врска со мојата теза: ако граѓанинот не се согласува со конечната одлука, но може да види дека аргументите биле разгледани, дека постоело правно спротивставување и дека одлуката произлегла од уставноправна аргументација, тогаш несогласувањето со исходот не мора да се претвори во недоверба во институцијата.

Тоа е токму моето „не се согласувам, но верувам дека е донесено на легитимен начин“.

Има и научна поткрепа за оваа логика. Едно истражување објавено во 2026 година експериментално го испитува влијанието на аудио-визуелното следење на судските расправи врз легитимноста на висок суд, а претходно истражување најде дека гледањето видео од судењето може индиректно да ја зголеми довербата преку перцепцијата на фер постапување и начинот на кој судијата се однесува кон учесниците. Тоа не значи дека преносот автоматски ја зголемува довербата, но покажува зошто видливоста на постапката може да биде релевантна за неа.

Ако сакаме довербата да не остане само тема за анкети, треба да прашаме што конкретно можеме да направиме.

Прво, за секој предмет да има јасен јавен статус: кога е примен, во која фаза се наоѓа и кога е донесена и објавена одлуката. Така можеме да го мериме времетраењето на постапките и заостанатите предмети.

Второ, за секоја значајна одлука да биде јасно наведено кое е правното прашање, кои аргументи се разгледани и зошто е прифатено конкретното решение. Така јавноста може да го следи патот од прашањето до одлуката.

Трето, секогаш кога Судот се повикува на својата претходна практика, да биде јасно која практика е релевантна. А кога отстапува од неа, да биде јасно дека отстапува и зошто. Тоа овозможува да се следи доследноста на Судот.

Четврто, да се воспостави јавно достапен механизам за следење на потенцијалните конфликти на интереси и примената на правилата за изземање. Така независноста не останува само принцип, туку станува проверлив дел од институционалното работење.

Петто, за секоја одлука што бара постапување од друг орган да се следи нејзиното извршување: кога е извршена, кога не е и колку долго трае неизвршувањето.

И тогаш можеме да зборуваме со конкретни податоци:

Колку траат нашите постапки? Колку одлуки се објавуваат навреме? Колку пати отстапуваме од претходната практика и дали тоа е образложено? Колку одлуки се извршени и колку сè уште чекаат на извршување? 

Тоа се податоци што јавноста може да ги види, а Судот може да ги следи. И токму тука ја гледам практичната вредност на концептот на институционална доверливост.

Не можеме да направиме граѓаните да се согласуваат со нашите одлуки. Но можеме да направиме начинот на кој одлучуваме да биде толку јасен и проверлив што и несогласувањето со исходот нема автоматски да значи и недоверба во Судот. Тоа е доверба што може да се гради со работа – а не само да се мери со анкета.

Но, мислам дека денес не треба само да разговараме за довербата. Треба и да предложиме што можеме заеднички да направиме. Затоа би предложила четири регионални иницијативи.

  1. Регионален пакт за транспарентност – најлесен за имплементација.
    Не бара нова институција, закон или голем буџет. Уставните судови би можеле самите, преку заедничка декларација или меморандум, да се обврзат на минимален сет стандарди. Секој суд ги применува во рамките на својата законска можност. Иницијативата може да ја покрене еден уставен суд, а потоа да ја преземат претседателите на другите судови. Мислам дека ова е најреалниот прв чекор.
  2. Регионален индекс на доверба и уставна писменост – релативно лесен, но бара координатор.
    Не би било добро секој суд сам да прави различно истражување. Најпрактично е уставните судови да усвојат заедничка методологија и ист прашалник, а самото истражување да го спроведува независен универзитетски или истражувачки партнер. Координатор може да биде еден од судовите, регионална мрежа на уставни судови или академска институција. Финансирањето би можело да се бара од Советот на Европа, ЕУ, ОБСЕ или друга меѓународна организација. Ова е малку потешко од пактот, но многу повредно затоа што создава споредливи податоци.
  3. Постојан регионален дијалог – многу лесен за започнување.
    Всушност, тука не би создавала нова организација. Би предложила годишна регионална платформа, при што секоја година друг уставен суд е домаќин. Судот-домаќин ја определува темата и ги поканува судиите, академијата, адвокатите, медиумите, граѓанското општество и младите. Советот на Европа, ОБСЕ или ЕУ би можеле да бидат партнери, но не мора да бидат носители. На крајот се усвојува краток „Regional Constitutional Justice Statement“ со препораки. Ова е веројатно најлесно да се реализира уште во 2027 година.
  4. Заедничка база на уставна практика – најкорисна, но и најтешка.
    Ова не би го поставила како обврска да се создава целосно нова регионална IT платформа од нула. Тоа веднаш отвора прашања за буџет, технички стандарди, авторски права, преводи, одржување и заштита на податоци. Наместо тоа, би предложила прва фаза: заеднички стандард за метаподатоци и пребарување, со линкови кон националните бази на секој суд. Подоцна, ако проектот функционира, може да се изгради вистинска регионална платформа. За ова би бил потребен надворешен технички партнер, веројатно со поддршка од ЕУ или Советот на Европа.

Уставниот суд на Република Северна Македонија да предложи формирање неформална работна група на уставните судови од регионот. Секој суд би номинирал по еден претставник. Работната група во рок од шест месеци би подготвила: предлог за Пактот за транспарентност; заеднички прашалник и методологија за Индексот; концепт за годишниот регионален дијалог; технички концепт за заедничката база.

Потоа, претседателите на уставните судови би ги усвоиле првите два документа и би одредиле кој суд ќе биде домаќин на првиот дијалог и кој ќе го координира развојот на базата. 

Ова се четири чекори, од наједноставниот кон најамбициозниот. Прво, да се отвориме. Второ, да измериме. Трето, да разговараме. Четврто, да го споделиме знаењето.

Овие предлози не ги гледам како декларации или како создавање нови институции. Ги гледам како конкретни чекори што можеме да ги започнеме со постојните институции и со постојните ресурси. Првиот чекор може да биде заеднички Пакт за транспарентност, кој би го усвоиле самите уставни судови. Вториот може да биде заедничко, независно мерење на довербата и уставната писменост, со иста методологија во сите земји. Третиот е годишен регионален дијалог, со ротирачко домаќинство и конкретен резултат секоја година. А четвртиот, најамбициозниот, може да започне едноставно – со регионален портал што ќе ги поврзе постојните бази на уставно-судска практика, а потоа постепено да се развива. Значи, не мораме да чекаме да создадеме совршен регионален систем за да започнеме. Можеме да започнеме со она што е во наша надлежност, да ги вклучиме академијата и меѓународните партнери таму каде што се потребни, и постепено да градиме нешто што ќе остане и по завршувањето на една конференција. Затоа верувам дека овие идеи не се само пожелни – тие се остварливи.

Ви благодарам!