Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и судијата проф. д-р Ана Павловска-Данева остварија средба со министерот за правда проф. д-р Јетон Шасивари. Во фокусот на средбата беа повеќе актуелни прашања од областа на уставноста, законитоста и функционирањето на уставно- правниот систем.
На средбата беше истакнато значењето на отворениот и континуиран институционален дијалог, особено за прашања кои се од заеднички интерес и кои се однесуваат на унапредувањето на владеењето на правото и правната сигурност.
Меѓу темите за кои се разговараше беа извршувањето на одлуките на Уставниот суд, законските механизми поврзани со нивното извршување, како и решенијата што се разгледуваат во рамки на подготовката на новиот Закон за судовите и Кривичен законик.

Соговорниците разменија мислења и за актуелните правни и реформски процеси, при што беше нагласена потребата од јасни законски решенија, почитување на уставните надлежности и координирана институционална комуникација за прашања кои имаат пошироко значење за правниот поредок.
На средбата беше изразена подготвеност ваквиот институционален дијалог да продолжи и во иднина.
