
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.59/2025
Скопје, 08.07.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 39 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) на седницата одржана на 8 јули 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 9 став 2 во делот „на самостоен орган на државна управа“ од Законот за индустриската сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 21/2009, 24/2011, 12/2014, 41/2014, 152/2015, 53/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.31/2020 и 86/2025).
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Игорчо Точев од Скопје, со Решението У.бр.59/2025 од 4 март 2026 година, поведе постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека во член 9 став 2 од Законот за индустриската сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 21/2009, 24/2011, 12/2014, 41/2014, 152/2015, 53/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.31/2020 и 86/2025), е предвидено дека Заводот е управна организација со статус на самостоен орган на државна управа со надлежности утврдени со овој и друг закон.
III
Во член 110 алинеја 1 од Уставот е предвидено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 39 алинеја 3 од Актот, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако утврди дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба.
IV
Решението У.бр.59/2025 од 4 март 2026 година, за поведување постапка беше доставено на одговор до Собранието на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија и Државниот завод за индустриска сопственост.
Од анализата на одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 36/2011 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019 110/2019, 154/2019 и 121/2024) и одредбите од Законот за индустриската сопственост се утврди дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба.
Имено, согласно со член 20 став 2 алинеја 5 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000), Бирото за заштита на индустриска сопственост е утврдено како орган во состав на Министерството за економија. Додека во член 65 став 1 алинеја 14 од Законот, е предвидено дека Заводот за заштита на индустриска сопственост продолжува да работи како Биро за заштита на индустриската сопственост, орган во состав на Министерството за економија.
Со член 8 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008), алинеите 1, 5 и 6 на ставот 2 од член 20 од основниот текст на Законот се бришат, при што со наведената измена Бирото за заштита на индустриска сопственост повеќе не е утврдено како орган во состав на Министерството за економија. Меѓутоа, и покрај оваа измена, законодавецот не интервенирал во член 65 став 1 алинеја 14 од основниот текст од истиот закон, каде што сè уште е предвидено дека Заводот за заштита на индустриска сопственост продолжува да работи како Биро за заштита на индустриска сопственост, орган во состав на Министерството за економија.
Во Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.121/2024), не е содржана ниту една одредба којашто се однесува на статусот на органот уреден со оспорената одредба. Меѓутоа, во член 30 став 1 од Законот е предвидено дека државните органи се должни во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги усогласат посебните закони со кои се уредуваат основањето, работите, надлежностите на органите на државната управа и другите општи акти во своја надлежност. Имајќи предвид дека Државниот завод за индустриска сопственост не бил опфатен со овој закон, во околности кога постои посебен закон за заштита на индустриската сопственост, не било преземено дејствие за усогласување на истиот со одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа
Согласно со одговорот на Државниот завод за индустриска сопственост, истиот бил основан на 1 декември 1993 година како орган во состав на тогашното Министерство за развој, со својство на правно лице за извршување на работите во врска со стекнување и заштита на правата од индустриска сопственост. Статусот на Заводот бил уреден во член 7 од Законот за индустриската сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/1993).
Во 2002 година, бил донесен нов Закон за индустриската сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/2002). Според член 9 од истиот закон, работите во врска со стекнувањето и заштитата на правата од индустриска сопственост ги врши Бирото за заштита на индустриската сопственост, како орган во состав на Министерството за економија.
Со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за индустриската сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2004), бил изменет член 9 од основниот текст на Законот, така што содржината на став 1 на овој член од Законот предвидува дека за вршење на работите во врска со стекнување и заштита на правата од индустриска сопственост се основа Државен завод за индустриска сопственост. Додека според став 2 на овој член, Заводот е управна организација со статус на самостоен орган на државната управа со надлежности утврдени со овој и друг закон. Со оваа измена, Бирото било трансформирано во Државен завод за индустриска сопственост.
Во 2009 година, бил донесен нов Закон за индустриската сопственост („Службен весник на Република Македонија“бр.21/2009).
Според член 9 став 1 од овој закон, работите во врска со стекнувањето и заштитата на правата од индустриска сопственост ги извршува Државниот завод за индустриска сопственост. Согласно со став 2 на истиот член, Заводот е управна организација со статус на самостоен орган на државна управа со надлежности утврдени со овој и друг закон.
Од анализата на горенаведените законски одредби произлегува дека постои неусогласеност помеѓу член 9 од Законот за индустриската сопственост, како посебен закон и член 65 став 1 алинеја 14 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, во однос на називот и статусот на органот надлежен за вршење на работите од областа на индустриската сопственост.
Законодавецот пропуштил да го усогласи член 65 став 1 алинеја 14 од Законот за организација и работа на органите на државната управа со останатите одредби од истиот закон, како и со одредбите од Законот за индустриската сопственост, во кои јасно е предвидено дека Државниот завод за индустриска сопственост е управна организација со статус на самостоен орган на државна управа.
Имено, со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008), со кој била избришана одредбата од основниот текст на Законот, според која Бирото за заштита на индустриската сопственост е орган во состав на Министерството за економија, законодавецот пропуштил да интервенира и во член 65 став 1 алинеја 14 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, во кој сè уште останала содржана одредбата којашто упатува на Бирото за заштита на индустриската сопственост како орган во состав на Министерството за економија.
Фактот што Законот за индустриската сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/2009) е донесен по Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008) упатува на заклучокот дека законодавецот го утврдил Државниот завод за индустриска сопственост како самостоен орган на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на индустриската сопственост.
Оттука произлегува дека станува збор за пропуст од страна на законодавецот во поглед на усогласувањето на одредбите од двата закони, при што во член 65 став 1 алинеја 14 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и понатаму е содржано решението коешто не ја одразува правната положба на органот утврдена со Законот за индустриската сопственост.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека Решението У.бр.59/2025 од 4 март 2026 година се кое е поведена постапка за оценување на уставноста на член 9 став 2 во делот „на самостоен орган на државна управа“ од Законот за индустриска сопственост е засновано врз погрешно утврдена фактичка состојба, поради што се исполнети условите од член 39 алинеја 3 од Актот за запирање на постапката.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски