У.бр.178/2025 и У.бр.179/2025

Не се пронајдени зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.178/2025 и У.бр.179/2025
Скопје, 15.07.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 15 јули 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 52 став 9 алинеја 4, член 56 став 5 во делот „констатира“ и член 56 став 5 точка 3 и став 6 точка 2 од Законот за високото образование (*) („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2019, 178/2021, 58/2024 и 124/2025).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредба и одредби од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата по повод која е оформен предметот У.бр.178/2025, член 52 став 9 алинеја 4 од Законот за високото образование упатува на тоа дека стапувањето на должност или функција којашто е неспојлива со функцијата член на Одборот, е еден од основите за престанок на мандатот на член на Одборот за евалуација. Се наведува дека во правниот поредок нема посебен закон што би ги пропишал тие должности или функции коишто се, или би можеле да се сметаат за неспојливи со функцијата член на Одборот, што доведува до воспоставување неизвесност во правниот поредок.

Се наведува дека во оваа одредба е утврден основот за престанок на мандатот на член на Одборот за евалуација, додека за претседателот на Одборот не е предвиден таков основ. Претседателот на Одборот, пред да биде избран, е член на Одборот, со оглед на тоа што претседателот се избира од редот на членовите на тој одбор, а во Законот нема ограничување во однос на неговиот глас при донесување одлука што подразбира дека и откако ќе стапи на должноста претседател на Одборот, сепак тој гласа „за“ или „против“одредена одлука. Оттука, со тоа што за претседателот на Одборот не се пропишани основи за престанок на неговиот мандат истиот е во поповолна положба од членот на Одборот, што не е во согласност со член 9 од Уставот.

Со иницијативата поднесена од истиот подносител, по која е оформен предметот У.бр.179/2025, се оспоруваат делот „констатира“ од член 56 став 5, точка 3 на став 5 и точка 2 на став 6 од истиот член од Законот за високото образование.

Се наведува дека изборот или именувањето и разрешувањето на директорот на Агенцијата за квалитет го врши Собранието на Република Северна Македонија со што констатирањето дека му е престанат мандатот на директорот на Агенцијата, а со тоа и функцијата, треба да биде во исклучива надлежност на Собранието. Во одредбите од Законот за високото образование, според наводите, не е прецизно пропишано дали одлуката со која се констатира дека мандатот на директорот на Агенцијата престанал откако Собранието или некое друго надлежно тело во постапка и на начин пропишани со закон утврдило дека настапиле условите пропишани во точките 1 – 3 од ставот 5 на членот 56 од Законот.

Во однос на член 56 став 5 точка 3 од Законот којашто уредува дека претседателот на Собранието констатира дека мандатот на директорот на Агенцијата за квалитет престанал кога со правосилна судска пресуда му е изречена мерка забрана за вршење професија, дејност или должност, се наведува дека оваа одредба е преопшто определена, недоволно јасна и прецизна со што не се обезбедува правната сигурност како еден од сегментите на владеењето на правото, поради што одредбата е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Како аргументи за оспорување на точка 2 на став 6 од истиот член, се наведува дека во Законот за високото образование не се прецизно пропишани случаите кога ќе се смета дека директорот нестручно и несовесно ја вршел функцијата, кој го поднесува предлогот со кој би се утврдило нестручното и несовесното вршење на функцијата, пред каков орган се води постапката по ваков предлог, кој орган носи одлука со која се утврдува нестручно и несовесно вршење на функцијата и која одлука треба да е основ за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет.

Од наведените причини, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата и одредбите од Законот за високото образование и истите да ги укине.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 52 став 9 алинеја 4 од Законот за високото образование (*) („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2019, 178/2021, 58/2024 и 124/2025), мандатот на членот на Одборот за евалуација престанува и ако членот на Одборот за евалуација стапи на должност или функција која е неспојлива со функцијата член на Одборот за евалуација, согласно закон.

Судот, утврди дека според член 56 став 5 точка 3 од Законот, претседателот на Собранието на Република Македонија констатира дека мандатот на Директорот на Агенцијата за квалитет престанал кога со правосилна судска пресуда му е изречена мерка забрана за вршење професија, дејност или должност.

Според член 56 став 6 точка 2 од овој закон, директорот на Агенцијата за квалитет може да биде разрешен од Собранието на Република Македонија пред истекот на мандатот поради нестручно и несовесно вршење на функцијата.

III

Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Согласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Член 23 од Уставот, пропишува дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно со член 67 став 2 од Уставот, претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примена на Деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со Уставот и со Деловникот на Собранието.

Член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија пропишува дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во член 46 став 1 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2019, 178/2021, 58/2024 и 124/2025), како органи на Агенцијата за квалитет се утврдени: Одбор за акредитација на високото образование, Одбор за евалуација на високото образование и директор на Агенцијата за квалитет на високото образование.

Со член 52 од Законот, се уредуваат прашањата што се однесуваат на Одборот за евалуација на високото образование и истиот има 10 става.

Согласно со став 1 на овој член, Одборот за евалуација на високото образование (во понатамошниот текст: Одбор за евалуација) е колективно стручно тело.

Според став 2 на истиот член, одборот за евалуација е составен од петнаесет члена и тоа: шест членови од редот на професорите во работен однос на универзитетите во Република Македонија избрани со тајно гласање од Интеруниверзитетската конференција, шест члена именувани од Владата на Република Македонија, од редот на професорите во работен однос на јавните универзитети во Република Македонија, еден член именуван од најрепрезентативната организација на работодавачите, еден член именуван од Македонската академија на науките и уметностите, еден член избран од редот на студентите избран од Интеруниверзитетската конференција.

За членови на Одборот за евалуација, согласно со став 4 на истиот член, не можат да бидат лица избрани за ректор или проректор на универзитет, декан или продекан на факултет, односно директор на висока стручна школа, директор на научна установа која изведува високообразовна дејност, член на Националниот совет или член на Одборот за акредитација.

Согласно со став 5 на овој член, членовите на Одборот за евалуација се избираат, односно се именуваат за период од четири години, без право на повторен избор.

Членовите на Одборот за евалуација, согласно со став 8 на истиот член, се независни и самостојни во својата работа.

Во член 52 став 9 алинеи 1-5 од Законот, е пропишано дека мандатот на членот на Одборот за евалуација престанува во следните случаи: смрт на членот на Одборот за евалуација или трајна неспособност за вршење на неговата функција; оставка на членот на Одборот за евалуација; ако на членот на Одборот за евалуација му престане статусот на професор, односно член на Македонската академија на науките и уметностите, односно на студент; ако членот на Одборот за евалуација стапи на должност или функција која е неспоива со функцијата член на Одборот за евалуација, согласно закон; или ако Одборот за евалуација констатира дека членот подолго од шест месеци не ги врши обврските. Според став 10 на овој член од Законот, во случаите од ставот 9 на овој член, директорот на Агенцијата за квалитет ја известува институцијата која го избрала, односно именувала членот, да избере, односно да именува нов член.

Според член 54 став 5 од Законот, Одборот за евалуација има претседател кој го избираат членовите со тајно гласање за период од две години, без право на повторен избор.

Член 56 содржан во отсек 3 со наслов „Директор на Агенцијата за квалитет“ е насловен „Услови за именување на директор на Агенцијата за квалитет“. Согласно со став 1 на овој член, директорот на Агенцијата за квалитет го именува и разрешува Собранието на Република Македонија, врз основа на јавен оглас којшто го објавува Собранието на Република Македонија. Директорот на Агенцијата за квалитет, според став 2 на овој член, има мандат од четири години, со право на уште еден избор.

Став 5 точки 1-3 на овој член од Законот, пропишува дека претседателот на Собранието на Република Македонија констатира дека мандатот на директорот на Агенцијата за квалитет престанал кога: поднел оставка; е именуван или избран на функција или должност која е неспојлива со функцијата директор на Агенцијата или со правосилна судска пресуда му е изречена мерка забрана за вршење професија, дејност или должност.

Согласно со став 6 точки 1 и 2 на истиот член, директорот на Агенцијата за квалитет може да биде разрешен од Собранието на Република Македонија пред истекот на мандатот во следните случаи: кога подолго од шест месеци не е во состојба да ги врши обврските; или поради нестручно и несовесно вршење на функцијата.

Имено, според член 57 од Законот, насловен „Надлежности на директорот на Агенцијата за квалитет“, директорот на Агенцијата за квалитет: 1. ја претставува и застапува Агенцијата за квалитет, 2. се грижи за спроведување на одлуките и решенијата на Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, 3. ја организира и раководи стручната служба на Агенцијата за квалитет, 4. се грижи за материјално-финансиското работење на Агенцијата за квалитет, 5. одлучува за правата од работен однос на вработените во стручната служба на Агенцијата за квалитет, 6. ја организира и управува веб-страницата на Агенцијата за квалитет 7. се грижи за законитоста во работењето на Агенцијата за квалитет и 8. врши други работи определени со закон или општ акт.

IV

Од анализата на член 52 од Законот за високото образование, произлегува дека Одборот за евалуација на високото образование е колективно стручно тело составено од 15 члена коишто се избираат, односно се именуваат за период од четири години без право на повторен избор, при што членовите на Одборот се независни и самостојни во својата работа.

Меѓу останатите случаи наведени во став 9 на овој член од Законот, што се однесуваат на престанок на мандатот на член на Одборот за евалуација е и оспорената алинеја 4 на овој став, којашто уредува дека мандатот на членот на Одборот за евалуација престанува и ако членот на Одборот стапи на должност или функција што е неспојлива со функцијата член на Одборот за евалуација согласно со закон.

Оттука, произлегува дека во член 52 став 4 од овој закон, е предвидено кои лица не можат да бидат избрани за членови на Одборот за евалуација, како што се лица кои се избрани за ректор или проректор на универзитет, декан или продекан на факултет, односно директор на висока стручна школа, директор на научна установа која изведува високообразовна дејност, член на Националниот совет или член на Одборот за акредитација, со што на јасен и прецизен начин е определено кои функции се неспојливи со функцијата член на Одборот.

Тргнувајќи од фактот дека има функции чиешто вршење е единствено дозволено само ако истовремено не се вршат и некои други функции, неспојливоста на функциите е утврдена и во Уставот при што во повеќе уставни одредби е утврдена неспојливост на функции за: пратенциите на Собранието, претседателот на Собранието, претседателот на Републиката, претседателот на Владата и министер, судиска функција, функцијата избран член Судскиот совет, функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија и јавен обвинител и функцијата судија на Уставниот суд се неспојливи со вршење друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија.

На законодавно ниво, принципот за неспојливост на функциите генерално е уреден во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2019) којшто ја поставува основната правна рамка за ова прашање и во член 44 став 1 пропишува дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспојливост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите.

Начелото на неспојливост на функција претставува антикорупциски принцип којшто забранува истовремено извршување на две или повеќе јавни функции со цел да се избегне судир на интереси, корупција и злоупотреба на службената положба. Ова начело гарантира интегритет, непристрасност и професионалност во работењето на избраните и именуваните лица.

Оттука, наводите во иницијативата дека не постои „посебен закон“ со кој се дефинираат функциите што се неспојливи со функцијата член на Одборот се неосновани од причина што законодавецот во оспорената одредба покрај тоа што своето решение го засновал на генералното начело на неспојливост утврдено со Уставот, во други закони и во одредбите на Законот за високото образование, точно утврдува кои лица не можат да бидат избрани за членови на одборот со што на членот на Одборот по автоматизам му престанува мандатот.

Судот не ги цени одредбите изолирано, туку како дел од целокупниот правен поредок, при што произлезе дека со оспорената одредба не се повредува принципот на правна сигурност како елемент на темелната вредност владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според Судот, неоснован е и наводот дека член 52 став 9 од Законот не е во согласност со член 9 од Уставот од причина што во оспорената законска одредба нема основ за престанок на мандат на претседателот на Одборот, туку само за членот на Одборот со што претседателот е во привилегирана положба во однос на членот на Одборот.
Имено, согласно со член 54 став 5 од Законот за високото образование претседателот на Одборот го избираат членовите со тајно гласање со мандат од 2 години без право на реизбор, што значи дека на претседателот на Одборот мандатот како претседател му престанува по истекот на две години од денот на изборот. Оттука, произлегува дека претседателот кој е избран од редот на членовите, по престанокот на мандатот останува член на Одборот со истите права и обврски, со таа разлика што функцијата претседател ја врши временски ограничено за две години.

Оттука, член 52 став 9 што се однесува на престанок на мандатот на член на Одборот се применува за сите членови подеднакво без разлика дали членот во моментот е претседател или член. Претседателот како член на Одборот ја врши функцијата претседател определен период и за него важат истите основи за престанок на мандатот како и за останатите членови. Функцијата претседател е деривативна од членството и единствената разлика меѓу членот и претседателот е начинот на избор и времетраењето на мандатот што не претставува ставање во поповолна ситуација на претседателот во однос на членовите, туку на ваков начин се гарантира континуитет и независност во Одборот при што еден член може да биде претседател само две години и само еднаш во текот на 4 години мандат.

Принципот на еднаквост, утврден во член 9 од Уставот, налага за иста категорија граѓани кои се во иста фактичка и правна положба да имаат еднаков третман во рамки на еден правен режим. Истиот се нарушува ако на ист вид субјекти во ист правен однос им се даваат различни по вид и обем права и обврски и обратно, ако на различен вид субјекти во ист правен однос им се даваат исти по вид и обем права и обврски.

Но, различното нормативно уредување не претставува повреда на овој уставен принцип доколку има објективна и разумна основа за различно уредување. Во конкретниот случај, според Судот, нема нееднаквост меѓу претседателот и членовите на одборот бидејќи разликата не е поставена поради личен статус, туку истата произлегува поради организациската функција на претседателот кој има специфична улога во одборот (раководење и управување).

Ова дотолку повеќе што самото тоа што претседателот го дава својот глас „за“ или „против“ некоја одлука на Одборот, е показател дека тој не поседува дополнителна власт или повластен статус, туку напротив ги врши истите функции и дејности како и другите членови.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека уредувањето во член 52 став 9 алинеја 4 од Законот за високото образование не создава ниту формална ниту суштинска привилегирана положба на претседателот во однос на членовите на Одборот, поради што оспорената одредба е во согласност со член 9 од Уставот.

Од анализата на оспорените одредби на член 56 од Законот за високото образование од аспект на наводите изнесени во иницијативата, произлегува дека директорот на Агенцијата за квалитет, како орган на Агенцијата за квалитет, го именува и разрешува Собранието на Република Северна Македонија, со мандат од 4 години и со право на уште еден избор. Воедно, во став 5 на овој член се утврдени основите врз основа на кои Собранието констатира кога му престанал мандатот на директорот, а во став 6 на истиот член, се утврдени условите за разрешување на директорот на Агенцијата пред истекот на мандатот од страна на Собранието.

Според Судот неосновани се наводите дека констатирањето од страна на претседателот на Собранието за престанок на мандатот на директорот на Агенцијата треба да биде во исклучива надлежност на Собранието, а не на претседателот, како и дека во одредбите од Законот за високото образование не е прецизно пропишано дали одлуката со која се констатира дека мандатот на директорот на Агенцијата престанал е донесена од Собранието или од некое друго надлежно тело во постапка и на начин пропишани со закон.

Имено, во член 67 став 2 на Уставот е уредено дека претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примена на Деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со Уставот и со Деловникот на Собранието.

Согласно со член 120 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 248/2023), Собранието врши избори, именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции на начин утврден со Уставот и со закон, а според член 121 став 2 на овој член од Деловникот, Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на носителот на јавната или друга функција мандатот му престанува.

Согласно со член 123 став 1 од истиот акт, Собранието основа постојани и повремени работни тела, а според став 2 на истиот член, работните тела разгледуваат предлози на закони, други акти што ги донесува Собранието, како и други прашања од надлежност на Собранието и вршат други работи утврдени со овој деловник.

Со член 124 став 1 од Деловникот е уредено дека постојаните работни тела се основаат со одлука на Собранието.

Од погоре наведеното, несомнено произлегува дека „констатира“ е всушност техничка форма на институционална процедура во законодавниот дом толкувана како законски формализиран чин на делување на претседателот на Собранието. Оттука, според Судот, оспорениот дел „констатира“ од став 5 на член 56 од Законот ги задоволува критериумите од аспект на јасност и прецизност во уредувањето и не го повредува владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.

Во однос на наводот дека уредувањето во член 56 став 5 точка 3 од Законот што се однесува на тоа дека претседателот на Собранието констатира дека мандатот на директорот на Агенцијата за квалитет престанал кога со правосилна судска пресуда му е изречена мерка забрана за вршење професија, дејност или должност, е непрецизна и нејасна и со тоа е спротивна на владеењето на правото, Судот оцени дека истиот е неоснован.

Во одредбите од Кривичниот законик и Законот за прекршоците е утврдено во кои случаи судот може да ја изрече казната забрана за вршење на професија, дејност или должност, како и времетраењето на оваа забрана. Оттука, според Судот, престанокот на мандатот на директорот на Агенцијата, поради изречена мерка забрана за вршење на професија, дејност или должност, претставува последица на индивидуализирана казна изречена од суд со што не се повредува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

Мандатот на директорот престанува по сила на закон во случај кога со правосилна судска одлука му е изречена мерка забрана за вршење професија, дејност или должност што по својата природа ја опфаќа или е неспојлива со извршувањето на директорската функција. Со изрекувањето на оваа мерка настанува правна пречка за вршење на функцијата, поради што продолжувањето на мандатот би било спротивно на начелата на законитост, правна сигурност и заштита на јавниот интерес. Почитувањето на правосилните судски одлуки е задолжително за сите органи и носители на јавни функции, па оттука престанокот на мандатот претставува објективна правна последица од изречената забрана. Ова решение е во согласност со правниот поредок на Република Северна Македонија и со принципот дека јавна функција може да врши само лице кое ги исполнува условите за вршење на јавна функција под услов да нема изречено забрана за вршење на јавна функција или должност.

Оттука, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот е доволно прецизна, јасна и применлива со оглед дека не се работи за општа одредба, туку се работи за правен иститут со јасна содржина дека на претседателот му престанува мандатот доколку му е изречена мерка забрана за вршење на професија, дејност или должност, којашто се изрекува во точно утврдени услови и околности, со правосилна судска пресуда во која е определено времетраењето на забраната што е во непосредна врска со неговата способност како носител на определена функција да ја врши неговата должност.

Во однос на наводите за оспорување на точка 2 на став 6 од член 56 од Законот што се однесува на тоа дека во Законот за високото образование нема одредби во кои прецизно се пропишани случаите кога ќе се смета дека директорот на Агенцијата за квалитет нестручно и несовесно ја врши функцијата што е основ за негово разрешување од страна на Собранието на Република Северна Македонија пред истекот на неговиот мандат, како и во однос на тоа дека не се уредени прашањата во однос на тоа: кој поднесува предлог со кој се утврдува нестручно и несовесно вршење на функцијата, пред каков орган се води постапката по ваков предлог, кој орган носи одлука со која се утврдува нестручно и несовесно вршење на функцијата и која одлука треба да е основ за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет, Судот оцени дека истите се неосновани од аспект на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Имено, во Законот за високото образование е предвидено дека Собранието на Република Северна Македонија има исклучива надлежност да го именува, да констатира престанок на мандатот и да го разрешува директорот на Агенцијата за квалитет. Притоа, Собранието коешто е овластено да го разреши директорот на Агенцијата, може да врши оценување на неговата работа (објавување на веб-страницата на извештаи и решенија утврдени со Законот) и врз основа на направената оценка, како и врз основа на други факти, може да утврди дали директорот совесно и стручно ја врши својата функција. Врз основа на утврдената фактичка состојба, Собранието како единствен надлежен орган за разрешување на директорот на наведената агенција, може да донесе одлука за негово разрешување ако утврди дека тој несовесно ги извршува овластувањата и обврските утврдени со Законот.

Воедно, со оглед на тоа што во член 57 од Законот прецизно се утврдени надлежностите, обврските и одговорностите на директорот на Агенцијата, во член 207 од Законот е предвидена и прекршочна одговорност доколку не ги изврши со закон утврдените обврски.

Така, во член 207 од Законот, насловен „Глоба за прекршоци“, во став 8 е предвидено дека глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на директорот на Агенцијата за квалитет ако на веб-страницата на Агенцијата: не го објави извештајот од член 48 став 4, не ги објави решенијата за акредитација на високо-образовните установи од член 49 став 9, не ги објави извештаите од надворешна евалуација од член 51 став 7, не го објави извештајот на Одборот за евалуација од член 53 став 2 или не го објави извештајот и решението за акредитација на студиска програма согласно со член 145 став 6 од овој закон.

Поаѓајќи од горенаведеното, произлегува дека Собранието на Република Северна Македонија или Комисијата за избор и именување, како негово работно тело надлежно за поднесување предлози за избори и именување односно разрешување функционери кои ги избира, односно ги именува Собранието ако со Уставот, со закон, со Деловникот или со друг акт на Собранието не е определено ваков предлог да поднесува друг орган, има можност да оцени дали директорот нестручно и несовесно ја извршувал својата функција, што е причина за престанок на неговиот мандат. Оттука, според Судот, нема основ некоја друга комисија или орган надвор од Собранието претходно да води постапка, да оценува и да донесува одлука за нестручно и несовесно работење на директорот на Агенцијата за квалитет, поради што оцени дека точка 2 на став 6 од член 56 од Законот е во согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Поради сето претходно изнесено, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 52 став 9 алинеја 4, член 56 став 5 во делот „констатира“ и член 56 став 5 точка 3 и став 6 точка 2 од Законот за високото образование со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
д-р Дарко Костадиновски