
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.16/2026
Скопје, 15.07.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 15 јули 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 48 став 2 во делот „се исплаќа од страна на Централниот регистар“ од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007, 115/2007, 150/2007, 140/2008, 17/2009, 28/2010, 17/2011, 53/2011, 70/2013, 115/2014, 97/2015, 192/2015, 53/2016 и 114/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019, 122/2021, 215/2021 и 193/2025).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата се наведува дека со член 48 став 1 од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица е уреден составот на Комисијата за жалби, начинот на именување на нејзините членови, нивниот мандат и условите што треба да ги исполнуваат. Притоа, со став 2 од овој член е предвидено дека висината на надоместокот за работата на претседателот и членовите на Комисијата ја определува Владата со одлуката за именување, а надоместокот се исплаќа од страна на Централниот регистар, а според став 3, членовите се именуваат од редот на дипломирани правници со положен правосуден испит и најмалку пет години работно искуство по положувањето на испитот, со мандат од четири години и право на повторен избор.
Според наводите, од содржината на овој член, како и од целината на Законот, произлегува дека се воспоставува двостепеност во постапката и се обезбедува правна заштита преку изјавување жалба што е спротивно на Амандманот XXI на Уставот.
Во продолжението се наведува дека определбата надоместокот за работата на претседателот и членовите на Комисијата да се исплаќа од страна на Централниот регистар, против чии акти Комисијата одлучува по жалба, создава можност за сомнеж во нејзината непристрасност при одлучувањето по жалби против решенија на Централниот регистар.
Дополнително, се укажува на член 23 од Законот за Владата на Република Северна Македонија, како и на одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа, при што се наведува дека Законот не ја определува јасно правната природа на Комисијата за жалби, односно не е прецизирано дали станува збор за самостоен орган, орган во состав на Владата или тело со јавни овластувања. Според наводите, ваквата недореченост создава можност за нееднаква примена на законските одредби, што е спротивно на начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Оттука, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица и истиот да го укине.
II
На седницата Судот утврди дека член 48 став 2 од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица гласи „Членовите на Комисијата за жалби ги именува Владата на Република Северна Македонија.“
Судот, исто така, утврди дека со иницијативата се оспорува претходна содржина на член 48 став 2 од Законот. Судот со Одлуката У.бр.68/2007 од 12.09.2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2007) го укинал делот „со Одлуката за именување на Комисијата, Владата ја определува висината на надоместокот за работа на Комисијата која се исплаќа од страна на Централниот регистар“ од член 48 став 2, во кој бил содржан и оспорениот дел од предметната иницијатива.
III
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
IV
Имајќи предвид дека законската одредба, во која бил содржан и оспорениот дел „се исплаќа од страна на Централниот регистар“ од став 2 од член 48 од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар на други правни лица не е во правниот поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски