У.бр.112/2025

Пронајдени се 0 зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.112/2025
Скопје, 16.07.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 16 јули 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 37 став 1 во делот „родено на територијата на Република Северна Македонија“ од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 88/2020, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022, 236/2022, 265/2024, 17/2025 и 132/2025).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Кирил Михајлоски, адвокат од Битола, со Решението У.бр.112/2025 од 6 мај 2026 година, поведе постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 27 став 2, член 40 став 1 и член 42 став 1 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 37 став 1 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 88/2020, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022, 236/2022, 265/2024, 17/2025 и 132/2025), право на еднократна парична помош за новороденче родено на територијата на Република Северна Македонија има еден од родителите, државјанин на Република Северна Македонија, со постојано место на живеење од најмалку 12 месеци непрекинато на територија на Република Северна Македонија до денот на раѓањето на детето.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 9 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 27 став 2 од Уставот е пропишано дека секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката.

Со член 40 став 1 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството.

Според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 4 точка 1 од Законот за државјанството на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/1992, 8/2004, 45/2004, 98/2008, 158/2011 и 55/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 174/2021 и 67/2022), државјанство на Република Северна Македонија со потекло стекнува дете на кое во моментот на раѓањето двата родители се државјани на Република Северна Македонија.

Согласно со член 5 став 1 од истиот закон, дете родено во странство на кое едниот родител во моментот на раѓањето е државјанин на Република Северна Македонија, а другиот странски државјанин, со потекло стекнува државјанство на Република Северна Македонија ако до наполнети 18 години живот биде пријавено за запишување како државјанин на Република Северна Македонија или ако до наполнети 18 години живот постојано се насели во Република Северна Македонија со родителот кој е државјанин на Република Северна Македонија.

IV

Од анализата на горенаведените уставни и законски одредби произлегува дека со одредбата во која е содржан оспорениот дел се предвидува право на еднократна парична помош само за новороденче родено на територијата на Републиката, доколку еден од родителите е државјанин на Републиката.

Имено, од ова право на еднократна парична помош е исклучен родителот државјанин на Република Северна Македонија со место на живеење на територијата на Републиката непрекинато 12 месеци до денот на раѓањето, во случаите кога новороденчето е родено надвор од територијата на Република Северна Македонија. Оттука, според Судот, на ваков начин одредени граѓани се ставаат во понеповолна положба без постоење легитимна цел, објективно и разумно оправдување, со што оспорениот дел не е во согласност со правото на еднаквост и правото да се напушти територијата на Републиката коишто се предвидени со Уставот.

Според Судот, различен третман е дозволен само доколку постои објективно и разумно оправдување и мерката е пропорционална на целта, но, во конкретниот случај не постои легитимна цел што би оправдала исклучување од правото на еднократна парична помош на родителите чии деца се родени надвор од територијата на Републиката, што претставува несразмерна мерка.

За децата родени надвор од територијата на Република Северна Македонија чии родители се државјани на Републиката, местото на раѓање не е релевантно за стекнување на државјанство, согласно со Законот за државјанство.

Според тоа, преку Законот за заштита на децата не може индиректно да се релативизира статусот на државјанство на родителите, ниту да се воведе условот наведен во оспорениот дел од одредбата којшто резултира со нееднакво стекнување на правата.

По направената уставно-судска анализа, Судот оцени дека оспорениот дел „родено на територијата на Република Северна Македонија“ од член 37 став 1 од Законот за заштита на децата, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 27 став 2, член 40 став 1 и член 42 став 1 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски