
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.38/2025
Скопје, 16.07.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 16 јули 2026 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Упатството за уредување на постапката при решавање на барање за одобрение за сеча во приватна шума, број 02-958/1 од 23.10.2015 година, донесено од директорот на ЈП „Национални шуми“ – Скопје.
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Здружението на граѓани „Засегнати сопственици на недвижен имот“ од Берово, со Решението УЗ.бр.38/2025 од 8 април 2026 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од диспозитивот на оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека Упатството за уредување на постапката при решавање на барање за одобрение за сеча во приватна шума е донесено врз основа на член 36 од Статутот на ЈП „Македонски шуми“, а во врска со член 63 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2009); член 3 од Законот за измени и дополнување на Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.79 од 31.05.2013 година); член 3 од Законот за измени и дополнување на Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.160 од 31.10.2014 година); Правилникот за начинот на жигосување, видот на шумскиот жиг за жигосување за исечено дрво и дрвни сортименти, начинот на издавање испратница, пуштање во промет на исечено дрво, формата и содржината на регистарот на издадени и заверени испратници, формата и содржината на испратниците, формата и содржината на барањето за издавање на испратница и висината на надоместокот за издадени испратници („Службен весник на Република Македонија“ бр.183 од 12.12.2014 година); Правилникот за видот на ознаката за сеча, видот на шумскиот жиг за ознака за сеча, начинот на вршење на ознаката за сеча, формата и содржината на книгата за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во државна сопственост, книгата за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во приватна сопственост и книгата за евиденција за направена шумска штета во шума во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.183 од 12.12.2014 година) и Правилникот за критериуми за стопанисување со шумите во приватна сопственост за кои не се изработува посебен план или програма како и формата и содржината на евиденцискиот картон за приватни шуми за секоја катастарска парцела посебно („Службен весник на Република Македонија“ бр.102 од 18.06.2013 година),од страна на директорот на ЈП „Македонски шуми” п.о. Скопје.
Судот утврди дека истото има седум глави во кои се содржани 27 членови.
Во првата глава со наслов „Општи одредби“ (членови 1-4) е пропишано дека со ова упатство се уредува начинот на спроведување на постапките при издавање на одобрение за сеча во приватни шуми од страна на стручните служби во Подружниците.
Во втората глава (членови 5 – 13) се пропишува постапката за издавање одобрение за сеча во приватна шума.
Во глава трета (членови 14-18) се пропишани условите за неиздавање одобрение за сеча.
Четвртата глава со наслов „Упатство за правно средство“ го содржи член 19 којшто се однесува на правото на жалба.
Во петтата глава насловена „Евидентен картон“ е содржан член 20 со кој е регулиран начинот на отворање и чување на евидентниот картон.
Шестата глава е со наслов „Ознака за сеча, прием и превоз на посечено дрво“ (членови 21- 23).
Глава седум со наслов „Евиденција на извршени работи“ (членови 24-27) се однесува на евиденцијата на извршени работи и на влегувањето во сила на ова упатство.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Член 110 алинеја 2 од Уставот, пропишува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи со Уставот и законите.
Согласно со член 63 став 1 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015, 44/2015, 147/2015, 7/2016, 39/2016 и 147/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 274/2022, 255/2024, 59/2025 и 58/2026), ознака за сеча (стеблимична и групимично пребирна) во државна шума ја извршува стручно лице, со високо образование дипломиран шумарски инженер – насока шумарство, вработено во Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми “ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја, кое има работно искуство од најмалку две години од областа на стопанисување со шумите.
Според став 2 од истиот член, ознака за површинска – чиста сеча и ознака на ретки видови дрвја и поединечни или група шумски дрвја на површини надвор од шума како пасишта, земјоделско и градежно земјиште обраснато со висока вегетација, во државна сопственост извршува стручно лице со високо образование дипломиран шумарски инженер – насока шумарство, со или без работно искуство во областа на стопанисување со шумите, или стручно лице со средна стручна подготовка шумарски техничар – насока шумарство, со најмалку една година работно искуство од областа на стопанисување со шумите, вработено во Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја.
Со став 3 од истиот член е пропишано дека ознака за сеча (стеблимична, групимично пребирна и површинска-чиста сеча), како и ознака на ретки видови на дрвја, на поединечни или група на шумски дрвја на површини надвор од шума во приватна сопственост, вршат Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја.
Согласно со став 4 на овој член, јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ за шумите со стопанска намена и приватните шуми, другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја за шумите во заштитените подрачја и приватните шуми и наставно-научните установи од шумарска струка изработуваат шумски жиг за ознака за сеча и шумски жиг за жигосување на дрво и дрвни сортименти, како и правните лица кои вршат увоз и продажба на дрво и дрвни сортименти изработуваат шумски жиг за жигосување на увезеното дрво и истите ги доставуваат на увид и заверка во органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството. Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ за шумите со стопанска намена и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја за шумите во заштитените подрачја за обележување на дрвната маса од настаната шумска штета изработуваат шумски жиг и истото го доставуваат на увид и заверка во органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството.
Со став 5 од овој член се пропишува дека за вршење на ознака за сеча согласно со ставовите 1 и 2 на овој член средства обезбедува корисникот на шумата, а за вршење на ознака за сеча согласно со ставот 3 на овој член средства обезбедува сопственикот на шумата.
Според став 6 од овој член, за заверените шумски жигови за ознака за сеча, шумски жигови за жигосување на дрво и дрвни сортименти и шумски жигови за жигосување на увезено дрво од ставот (4) на овој член, органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството води евиденција во Регистар на заверени шумски жигови за ознака за сеча и шумски жигови за жигосување на дрво и дрвни сортименти.
Согласно со став 7 од истиот член, формата и содржината на регистарот на заверени шумски жигови за ознака за сеча, шумски жигови за жигосување на дрво и дрвни сортименти, шумски жигови за жигосување на увезено дрво и шумски жигови за обележување на дрвна маса од настаната шумска штета како и начинот на неговото водење го пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството.
Со член 68 од Законот за шумите се пропишани условите за неиздавање одобрение за сеча, на тој начин што е предвидено дека одобрение за сеча во приватна шума не може да се издаде ако лицето не поседува доказ за право на сопственост на шумата, не е извршена промена на културата во катастарската евиденција, видно и трајно не се обележани границите на шумата за која се однесува барањето за сеча од страна на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи и не се извршени предвидените мерки во одобрението за сеча од претходната година.
Со член 36 од Статутот на ЈП „Македонски шуми” бр. 02-168/1 од 06.03.2023 (пречистен текст) е предвидено дека директорот донесува акти и упатства од негова надлежност и издава налози и наредби со кои се обезбедува работењето на јавното претпријатие.
IV
Oд анализата на Законот за шумите произлегува дека законодавецот ги уредил прашањата поврзани со ознаката за сеча, субјектите овластени да ја вршат, условите под кои се врши, како и случаите во кои не може да се издаде одобрение за сеча. Во таа насока, Законот за шумите јасно ги определува и органите надлежни за донесување подзаконски акти, при што овластувањето за уредување на одредени прашања со подзаконски прописи изречно му е доверено на министерот надлежен за работите од областа на шумарството, а не на органите на ЈП „Македонски шуми“.
Оттука, во Законот за шумите не постои норма со која се овластува директорот или друг орган на ЈП „Македонски шуми“ да донесува упатства со нормативен карактер, со кои се пропишуваат услови, ограничувања или последици што директно задираат во правата и обврските на субјектите во постапката за издавање одобрение за сеча.
Во таа смисла, Статутот на ЈП „Македонски шуми“ не е правен основ за донесување на оспореното упатство, бидејќи ваквиот вид акт не може да воспостави надлежност што претходно не е утврдена со закон. Секое поинакво толкување би значело дозволување подзаконски акт да создава нови овластувања надвор од законската рамка, што е спротивно на начелото на законитост и хиерархијата на прописи предвидено во член 51 од Уставот.
Понатаму, ниту правилниците врз чија основа е донесено Упатството не содржат одредби со кои се делегира надлежност за донесување на ваков вид упатства, ниту пак предвидуваат можност ЈП „Македонски шуми“ да уредува прашања што веќе се предмет на законско регулирање. Со тоа, повикувањето на истите не може да биде правен основ за донесување на оспорениот акт.
Особено значајно е што содржината на Упатството фактички воспоставува дополнителни услови за неиздавање одобрение за сеча, што не се предвидени со член 68 од Законот за шумите. На овој начин, со подзаконски акт се интервенира во материја што е исклучиво предмет на законско уредување, при што се прошируваат законските ограничувања без соодветна правна основа.
Доносителот на Упатството излегол надвор од рамките на своите законски овластувања и навлегол во сфера на создавање нови правни норми без законски основ, поради што оспореното упатство не претставува акт на операционализација на Законот.
Владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија се остварува и преку уставната определба од член 51 од Уставот, според која законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, како и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Следствено на наведеното, Судот оцени дека Упатството за уредување на постапката при решавање на барање за одобрение за сеча во приватна шума, е донесено без законски основ, што не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
VI
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски