УЗ.бр.15/2026

Пронајдени се 0 зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.15/2026
Скопје, 08.07.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 8 јули 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на став 2 реченица втора во делот „јавните” и став 3 во деловите „јавните” и „за околу 6.000 крводарители” од точка IV. Финансирање на програмата и став 2 реченица прва во делот „јавните” од точка V. Распределба на средствата од Програмата за организирање и унапредување на крводарителството во Република Северна Македонија за 2026 година, донесена од Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 43/2026).

Образложение

I

Злате Шулески од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на делови од одредбите од актот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите од иницијативата, став 2 реченица втора во делот „јавните” и став 3 во деловите „јавните” и „за околу 6.000 крводарители” од точка IV. Финансирање на програмата и став 2 реченица прва во делот „јавните” од точка V. Распределба на средствата содржани во Програмата за организирање и унапредување на крводарителството во Република Северна Македонија за 2026 година, се спротивни на член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 39 став 1, член 51, член 54 став 1 и член 55 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, член 34 став 1 алинеја 5 од Законот за здравственото осигурување и член 28 став 1 од Законот за здравствената заштита.

Согласно со Законот за здравственото осигурување, здравствените услуги кај избраниот лекар осигурениците ги остваруваат под еднакви услови во јавни и во приватни здравствени установи кои имаат склучено договор со Фондот за здравствено осигурување. Прегледите во примарна здравствена заштита се бесплатни за осигурениците, но сите други здравствени услуги и производи подлежат на учество на корисниците во вид на процентуална партиципација.

Оспорените делови од Програмата се спротивни на член 34 став 1 алинеја 5 од Законот за здравствено осигурување бидејќи според оваа одредба крводарителите не плаќаат партиципација за здравствените услуги кои се покриени со задолжителното здравствено осигурување, а во практиката тие задолжително плаќаат партиципација при користење на здравствени услуги во приватните здравствени установи коишто имаат склучен договор со Фондот, со што се повредува нивното законско право на ослободување од партиципација, а со тоа индиректно се повредуваат и нивните уставни права на еднаквост, социјална сигурност и пристап до здравствена заштита.

Член 28 став 1 од Законот за здравствената заштита, предвидува дека јавните и приватните здравствени установи вршат здравствена дејност под еднакви услови, а исклучувањето на приватните здравствени установи од можноста да вршат здравствени услуги на осигурениците – крводарители без плаќање на партиципација ја нарушува таа еднаквост.

Според член 8 став 1 алинеи З и 8 од Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, а ограничувањето на правото на крводарителите за користење здравствени услуги без плаќање партиципација во приватните здравствени установи коишто се дел од здравствената мрежа, е спротивно на солидарноста и социјалната правда.

Согласно со член 39 став 1 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, бидејќи заштитата на здравјето подразбира пристап до здравствени услуги без финансиски бариери, а со оспорените делови од Програмата се поставуваат финансиски бариери во приватните здравствени установи во мрежата бидејќи осигурениците – крводарители треба да платат партиципација, вклучително и во сите здравствени установи (јавни и приватни) во мрежата во случаи кога ќе се надмине бројот од 6.000 крводарители.

Според член 51 од Уставот сите подзаконски акти и други прописи мора да бидат во согласност со Уставот и со законите, а оспорените делови од Програмата се спротивни со член 34 став 1 алинеја 5 од Законот за здравственото осигурување и член 28 став 1 од Законот за здравствената заштита, па според тоа и спротивни на член 51 од Уставот.

Оспорените делови од Програмата се спротивни и на член 54 од Уставот бидејќи ограничувањето на правата може да се врши само со закон и под услови утврдени со Уставот, а во конкретниот случај со подзаконски акт – програма, се врши ограничување на правата на осигурениците бидејќи не можат подеднакво како во јавните здравствени установи, така и во приватните здравствени установи да користат здравствени услуги без партиципација. Со овој подзаконски акт се врши ограничување на 6.000 крводарители за ослободување од партиципација при користење на здравствени услуги.

Со исклучувањето на приватните здравствени установи во мрежата да вршат здравствени услуги без партиципација се ограничува слободата на пазарот и претприемништвото на приватните здравствени установи што е спротивно на член 55 став 1 од Уставот, и се ставаат во нееднаква положба во однос на јавните здравствени установи што е спротивно на член 55 став 2 од Уставот.

Од наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените делови од Програмата, и истите да ги поништи.

II

На седницата Судот утврди дека од Владата на Република Северна Македонија, е донесена Програма за организирање и унапредување на крводарителството во Република Северна Македонија за 2026 година, бр. 57-1208/8 од 24.02.2026 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија”, бр. 43/2026 од 27.02.2026 година.

Судот утврди и дека според став 2 од точка IV. Финансирање на Програмата, Програмата ќе се реализира во рамки на обезбедените средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2026 година во вкупен износ од 31.550.000,00 денари. Од овие средства ќе се плаќаат и неизмирените обврски за партиципација кон јавните здравствените установи согласно со Програмата за организирање и унапредување на крводарителството во Република Северна Македонија за 2024 година и Програмата за организирање и унапредување на крводарителството во Република Северна Македонија за 2025 година.

Со иницијативата, се оспорува реченица втора во делот „јавните”.

Според став 3 од истата точка, средствата за надоместок за партиципација при користење на здравствени услуги за дарители со над 10 крводарувањa се трансферираат на квартално ниво (тромесечно) до јавните здравствени установи за околу 6.000 крводарители.

Одредбата се оспорува во деловите „јавните” и „за околу 6.000 крводарители”.

Согласно со став 2 точка V. Распределба на средствата, распределба на средствата за надоместок за партиципација при користење на здравствени услуги на дарители со над 10 крводарувања се врши квартално до јавните здравствени установи на Република Северна Македонија за тековната година, a врз основа на доставена фактура, извештај/спецификација за периодот кој се фактурира за последниот квартал од 2025 година и за првите три квартали од 2026 година. Доставувањето на фактура, извештај/спецификација за периодот кој се фактурира е 10 дена по завршување на кварталот за кој се однесува фактурата.

Со иницијативата се оспорува реченица прва во делот „јавните”.

III

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 51 став 1 од Уставот, се уредува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 4 точка 5 од Законот за безбедност во снабдувањето со крв („Службен весник на Република Македонија” бр. 110/2007, 164/2013, 144/2014 и 150/2015), „дарител на крв” e лице во добра здравствена состојба и со добра медицинска историја кое доброволно дава крв или плазма за терапевтски цели.

Во член 11 став 1 од истиот закон, е предвидено дека дарувањето на крв се заснова на принципите на доброволност и анонимност и е без надоместок. Според став 2 од истиот член, дарувањето на крв се врши без паричен или друг вид надоместок. Согласно со став 3 од истиот член, симболични подароци, оброк и освежување даден на дарителот на крв, како и материјални трошоци поврзани со превоз на дарителот на крв до местото на дарување не се сметаат за надоместок, во смисла на овој закон.

Согласно со член 32 став 1 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр. 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/2011, 25/2012, 16/2013, 91/2013, 187/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 112/2014, 113/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 61/2015, 98/2015, 129/2015, 150/2015, 154/2015, 192/2015, 217/2015, 27/2016, 37/2016, 120/2016, 142/2016 и 171/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/2019, 77/2021, 285/2021, 60/2023, 154/2023, 209/2023, 144/2025, 154/2025 и 91/2026), осигурените лица учествуваат со лични средства при користењето на здравствени услуги и лекови, но најмногу до 20% од просечниот износ на вкупните трошоци на здравствената услуга, односно лековите.

Според член 34 став 1 алинеја 5 од Законот, од учеството утврдено во член 32 од овој закон се ослободуваат осигурените лица кои доброволно дарувале крв, според програмата која се однесува на доброволното дарување на крв, донесена согласно со Законот за здравствената заштита.

Со член 65 став 4 од Законот, се уредува дека надзор над примената на законите и прописите донесени врз основа на Законот за здравственото осигурување во однос на остварувањето на правата на осигурениците и осигурените лица врши здравствената инспекција.

Согласно со член 16 став 1 алинеја 7 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија” бр. 43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016 и 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019, 77/2021, 122/2021, 178/2021, 150/2022, 236/2022, 199/2023, 236/2023, 263/2023, 30/2024, 74/2024, 170/2024 и 31/2026), на сите граѓани на Република Северна Македонија им се обезбедува остварување на овие, со Законот, загарантирани права, утврдени потреби и интереси, меѓу кои мерки и активности за организирање и унапредување на крводарителството.

Според став 3 од истиот член од овој закон, Владата на Република Северна Македонија на предлог на Министерството за здравство, секоја година донесува програми за реализација на мерките и активностите од став 1 на овој член.

Со член 28 став 1 од Законот, се уредува дека здравствената дејност во мрежата, што ја обезбедува и организира Република Северна Македонија, се состои од јавни здравствени установи и приватни здравствени установи, коишто вршат здравствена дејност врз основа на лиценца во кои се врши здравствена дејност под еднакви услови и кои се вклучуваат во интегриран здравствен информатички систем согласно со прописите за евиденциите од областа на здравството. Според став 2 од истиот член, здравствените установи од став 1 на овој член се должни да обезбедат континуирано и сеопфатно спроведување на здравствената дејност во мрежата на примарно ниво преку меѓусебно случување на договори.

Врз основа на член 16 став 1 алинеја 7 и став 3 од Законот за здравствената заштита, Владата на Република Северна Македонија, ја донела Програмата во којашто се содржани оспорените делови

Програмата содржи осум точки, и тоа: I. Вовед, II. Цели на Програмата, III. Извршители на Програмата и планирани активности, IV. Финансирање на Програмата, V. Распределба на средствата, VI. Мониторинг и евалуација, VII. Доставување на извештаи и VIII. Влегување во сила на Програмата.

IV

Од одредбите на Законот за безбедност во снабдувањето со крв, произлегува дека крводарителството не е обврска, туку чин на добра волја и хуманост на граѓаните да даруваат крв без никаков финансиски или материјален надоместок.

Иако крводарителството е непрофитен чин, сепак државата имајќи ги предвид придобивките коишто ги има од дарувањето крв и коишто се од големо значење за обезбедување стабилни залихи на крв, клучно за функционирањето на здравствениот систем, за осигурените лица кои доброволно даруваат крв, предвидува определени поволности. Конкретно, со одредбата од член 34 став 1 алинеја 5 од Законот за здравственото осигурување, се предвидува нивно ослободување од задолжителната партиципација за добивање здравствени услуги, според програмата којашто се однесува на доброволното дарување крв, донесена согласно со Законот за здравствената заштита.

Имено, со член 16 став 1 алинеи 1 – 12 од Законот за здравствената заштита, се предвидува преземање мерки и активности за граѓаните на Република Северна Македонија заради обезбедување и остварување на нивните загарантирани права, потреби и интереси, утврдени со овој закон, а согласно со алинеја 7 од овој член, такви мерки и активности се преземаат и за организирање и унапредување на крводарителството. Реализацијата на мерките и активностите предвидени во наведениот член, се остварува со донесување годишни програми коишто согласно со став 3 од истиот член, ги донесува Владата на Република Северна Македонија на предлог на Министерството за здравство.

Според наводите од иницијативата, со делот „јавните” од став 2 втора реченица и делот „јавните” од став 3, содржани во точка IV. Финансирање на Програмата и делот „јавните” од став 2 реченица прва, содржан во точка V. Распределба на средствата, се ограничуваат правата на осигурениците крводарители да можат да користат здравствени услуги без партиципација како во јавните здравствени установи, така и во приватните здравствени установи кои имаат склучено договор со Фондот за здравствено осигурување. Воедно, и со делот „за околу 6.000 крводарители” од став 3 од погоре наведената точка IV, се повредуваат нивните права, бидејќи со надминување на бројот од 6.000 крводарители, се врши ограничување на пристапот на осигурениците крводарители до здравствените услуги без партиципација.

Судот ги имаше предвид ваквите наводи, но од Програмата во целина и посебно од оспорените делови од одредбите, не произлегува дека правата на осигурениците крводарители се ограничени.

Нивните права се уредени со член 34 став 1 алинеја 5 од Законот за здравственото осигурување при што нема разлика во однос на тоа дали соодветната здравствена услуга се врши во јавна или приватна здравствена установа, сè додека таа установа е дел од мрежата и има склучено договор со Фондот за здравствено осигурување.

Одредбите од Програмата, се од оперативен карактер и се однесуваат на активностите и динамиката на финансирањето на активностите од Програмата и начинот на распределба на предвидените буџетски средства за реализираните активности.

Имено, видно, од содржината на став 2 реченица втора од точка IV. Финансирање на Програмата, е дека со истиот се уредува динамиката на плаќање на неизмирените обврски за партиципација кон јавните здравствени установи од претходните програми (2024 и 2025 година), а не правата за осигурените лица – крводарители, а со став 3 од истата точка и динамиката на трансферот (префрлањето) на средствата за партиципација при користење на здравствени услуги за дарител со над 10 крводарувања до јавните здравствени установи, што се врши на секои три месеци за приближно 6.000 крводарители, но никаде не стои дека само 6.000 крводарители за тековната 2026 година имаат право на ослободување од партиципација.

Воедно, и од содржината на став 2 реченица прва од точка V. Распределба на средствата, евидентно е дека не се ограничуваат правата на осигурениците – крводарители, туку дека се дефинира динамиката на распределба на средствата за надоместок за партиципација при користење на здравствени услуги на дарители со над 10 крводарувања до јавните здравствени установи, а која распределба се врши по доставена фактура, извештај/спецификација за периодот којшто се фактурира за последниот квартал од 2025 година и за првите три квартали од 2026 година, при што не произлегува содржина за правата и обврските за осигурениците крводарители.

Според Судот, од содржината на одредбите во коишто се содржани оспорените делови јасно произлегува дека тие се однесуваат на финансирањето на активностите и распределбата на средствата поврзани со крводарителството, а не на самите крводарители, поради што неосновани се наводите дека со оспорените делови се повредуваат уставните и законски права на крводарителите на што јасно укажува и Владата на Република Северна Македонија која во одговорот по наводите од иницијативата, посебно нагласува дека во оспорените одредби никаде не стои дека осигурениците крводарители немаат право на здравствени услуги во приватните здравствени установи во мрежата, ниту дека крводарителите за услугите во приватната здравствена установа треба да платат партиципација.

Судот ги имаше предвид и наводите од иницијативата дека во пракса не се применува Законот за здравственото осигурување со што осигурениците крводарители не можат да ги остварат законските права, меѓутоа прашањето на примена на законите и другите прописи, не е прашање од надлежност на Уставниот суд. Согласно со член 65 став 4 од Законот за здравственото осигурување, надзор над примената на законите и прописите донесени врз основа на Законот за здравственото осигурување во однос на остварувањето на правата на осигурениците и осигурените лица врши здравствената инспекција.

Тргнувајќи од погоре наведеното, Судот оцени дека оспорените делови на одредбите од Програмата за организирање и унапредување на крводарителството во Република Северна Македонија за 2026 година, се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 39 став 1, член 51, член 54 став 1 и член 55 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, член 34 став 1 алинеја 5 од Законот за здравственото осигурување и член 28 став 1 од Законот за здравствената заштита.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски