У.бр.41/2025

Пронајдени се 0 зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.41/2025
Скопје, 10.06.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 10 јуни 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 32 став 2 во деловите „може” и „одлуките” од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 129/2023 и 53/2024).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорените делови од одредбата се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според наводите, нејасно е зошто е оставено на диспозиција на Академијата да „може“ да донесе одлука за објавување оглас за прием на слушатели на почетна обука, кога според Законот за Академија за судии и јавни обвинители се предвидени други надлежности за Академијата.

Исто така, се наведува дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се независни и самостојни органи, коишто ги остваруваат своите функции согласно со Уставот и законите, а според содржината на оспорената одредба произлегува дека Академијата за судии и јавни обвинители е поставена над овие органи со што се доведува во прашање извршувањето на една од функциите на овие два органи, како што се избор и именување на судии и на јавни обвинители.

Според наводите, оспорениот дел од одредбата не е во согласност со член 45 ставови 1 и 2 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија и со член 9 став 1 алинеја 12 од Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија.

Од одредбите од Законот за Судскиот совет и Законот за Советот на јавните обвинители, произлегува и надлежноста на овие два органи, меѓу другото, да донесуваат и одлуки за утврдување на слободни судиски или јавнообвинителски места, поради што не е јасен и прецизен оспорениот дел „одлуките“, односно за каква одлука станува збор.

Ваквата формулација е нејасна, непрецизна и неконцизна норма, поради што се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредбата и истите да ги укинe.

II

На седницата Судот утврди дека член 32 став 2 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 129/2023 и 53/2024), предвидува дека Управниот одбор може да донесе одлука за објавување јавен оглас од став 1 на овој член и по апелационо подрачје врз основа на одлуките доставени од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

III

Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е определено како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 51 од Уставот, во Републиката Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во член 1 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители се наведува дека со овој закон се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители, нејзиниот статус, дејност, органите на управувањето, финансирањето, почетната и континуираната обука.

Според член 2 став 1 од истиот закон, Академијата има за цел професионално, независно, непристрасно и ефикасно извршување на судиската и јавнообвинителската функција, како и стручно и ефикасно извршување на работите на стручните служби во судството и јавното обвинителство. Согласно со став 2 од истиот член, Академијата врши прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука за унапредување на стручноста на судиите и на јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и во јавното обвинителство, специјализирана обука за судиите поротници, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, како и заради вршење аналитичко-истражувачка дејност од областа на правосудната теорија и практика.

Според член 8 од истиот закон, Управниот одбор, директорот и Програмскиот совет се органи на управување на Академијата.

Со член 11 од Законот, се уредени надлежностите на Управниот одбор на Академијата. Според став 1 алинеја 1 на овој член, Управниот одбор донесува Статут и други општи акти на Академијата и го следи нивното извршување, а согласно со алинеја 25 од истиот член, Управниот одбор донесува одлуки, решенија и заклучоци.

Согласно со став 2 на член 30 од Законот, Судскиот совет и Советот на јавните обвинители најдоцна до 31 март во тековната година доставуваат до Академијата одлуки за бројот на слободни места за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, заедно со проценка за потребите за човечки ресурси по апелациони подрачја за следните две години. Според став 3 од истиот член Управниот одбор на Академијата со одлука го определува почетокот на спроведувањето на приемниот испит за почетната обука и бројот на слушатели што ќе бидат запишани во таа генерација на почетна обука, имајќи ги предвид одлуките на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители од ставот 2 на овој член.

Со член 32 став 1 од истиот закон е предвидено дека Управниот одбор донесува одлука за објавување јавен оглас за прием на слушатели во почетна обука, а според став 2 од истиот член, Управниот одбор може да донесе одлука за објавување јавен оглас од став 1 на овој член и по апелационо подрачје врз основа на одлуките доставени од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Во став 5 од истиот член е предвидено дека на огласот за прием на слушатели по апелациони подрачја, едно лице може да се пријави на огласот само за едно апелационо подрачје. Постапката за селекција и рангирање на кандидатите за судии и јавни обвинители се одвива за секое апелационо подрачје посебно.

Со Законот за Академијата за судии и јавни обвинители е уредено работењето на Академијата како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуват во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.

Исто така, во член 45 став 1 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019 и 51/2023), се наведува дека Советот со одлука врз основа на анализа го утврдува бројот на слободните судиски места за основните судови во Република Северна Македонија, земајќи ги предвид вкупниот број на слободни места за судии во основните судови, како и проекцијата за потребите од местата кои ќе се пополнуваат по завршување на почетната обука.

Со член 47 став 1 од Законот е предвидено дека Советот избира судија на основен суд од листата на кандидати, доставена од Академијата за судии и јавни обвинители што се јавиле на огласот, земајќи ги предвид годината на завршување на обуката и постигнатиот успех, како и резултатите од спроведеното интервју од страна на Советот.

Според член 48 став 1 од истиот закон, Советот избира судија во Апелационен суд, Управниот суд, Вишиот управен суд и Врховниот суд на Република Северна Македонија од пријавените кандидати на огласот што ги исполнуваат условите и критериумите предвидени во Законот за судовите и овој закон на начин што пријавените кандидати ги рангира според потребната специјализација за пополнувањето на судиско место.

Во Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 100/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020), во член 9 став 11 е предвидено дека Советот е надлежен да го определува бројот на јавните обвинители во јавните обвинителства со одлука и во став 12 на овој член, се наведува дека до крајот на февруари во тековната година, со одлука го утврдува бројот на слободните јавнообвинителски места во основните јавни обвинителства за наредните две години и одлуката да ја доставува до Академијата за обука на судии и обвинители.

Согласно со член 32 став 2 од Законот, Управниот одбор може да донесе одлука за објавување јавен оглас од став 1 на овој член и по апелационо подрачје врз основа на одлуките доставени од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

IV

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата дека оспорените делови од одредбата сe спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причина што Управниот одбор на Академијата има надлежност да донесе одлука за објавување на јавен оглас и по доставените одлуки како предлози доставени од Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, но нема надлежност да избира судија или јавен обвинител.

Оспорениот дел „може“, значи овластување на Управниот одбор на Академијата да објави јавен оглас, кога и како да го објави, но не да ја менува содржината на предлозите од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Овој дел ја означува можноста на Управниот одбор на Академијата да донесе одлука за објавување на јавен оглас врз основа на доставените одлуки или предлози од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, поради што се неосновани наводите во иницијативата дека Академијата се поставува над Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, туку истата само постапува по нивните одлуки за конкретна процедура на објавување оглас и врз основа на анализа го утврдува бројот на слободните места за судии и јавни обвинители, согласно со горенаведените законски одредби.

Судот смета дека со даденото законско овластување Управниот одбор на Академијата, согласно со член 32 став 1 од Законот донесува одлука за објавување јавен оглас за прием на слушатели во почетна обука и според став 2 од истиот член Управниот одбор може да донесе одлука за објавување јавен оглас од ставот 1 на овој член и по апелационо подрачје врз основа на одлуките доставени од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Ваквите одлуки Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ги донесуваат согласно со член 45 став 1 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија и со член 9 ставови 11 и 12 од Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија.

Во однос на наводите во иницијативата дека е нејасно зошто е оставено на диспозиција на Академијата да може да донесе одлука за објавување оглас за прием на слушатели на почетна обука, кога според Законот за Академија за судии и јавни обвинители се предвидени други надлежности за Академијата, според Судот, се неосновани и во овој дел.

Имено, во член 11 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители се уредуваат детално надлежностите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Со став 1 алинеја 25 од истиот член е уредено дека Управниот одбор донесува одлуки, решенија и заклучоци, што значи дека јасно е пропишана надлежноста и овластувањето на Управниот одбор во однос на донесувањето на одлуките.

Исто така, наводите во иницијативата дека оспорениот дел „одлуките“ не е доволно прецизен, се неосновани. Имено, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители врз основа на анализа на евидентираните слободни места за судии и јавни обвинители, до Академијата доставуваат одлуки за бројот на слободни места за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, заедно со проценка за потребите за човечки ресурси по апелациони подрачја за следните две години.

Управниот одбор на Академијата согласно со член 30 став 3 од истиот закон со одлука го определува почетокот на спроведувањето на приемниот испит за почетната обука и бројот на слушатели што ќе бидат запишани во таа генерација на почетна обука, имајќи ги предвид одлуките на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители.

Судот оцени дека даденото законско овластување Управниот одбор да може да донесе одлука за објавување јавен оглас и по апелационо подрачје врз основа на одлуките доставени од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители предвидени во Законот, е во согласност со темелната вредност – владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Ова од причина што Судот утврди дека меѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители постои функционална поврзанoст и координација во остварувањето на нивните законски надлежности, којашто е заснована на меѓу институционална соработка.

Во однос на член 32 став 2 во делот „може” и делот „одлуките” од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, Судот оцени дека со даденото законско овластување Управниот одбор да донесува одлука за објавување јавен оглас за прием на слушатели во почетна обука и по апелационо подрачје врз основа на одлуките доставени од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, не е спротивен на темелната вредност – владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова од причина што односот помеѓу Акадамијата од една страна и советите од друга страна се заснова на меѓу институционална соработка и координација и не постои хиерархиски однос односно субординација, туку однос на координација и соработка меѓу овие институции со различни законски надлежности.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски