
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.176/2025
Скопје, 17.06.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 17 јуни 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 49 став 4 во делот „а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови” и став 8 во деловите „реално направени трошоци” и „врз основа на присуство на седница и обем на извршена работа” од Законот за високото образование (*) („Службен весник на Република Македонија” бр. 82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 154/2019, 178/2021, 58/2024 и 124/2025).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите од иницијативата, делот „а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови” од член 49 став 4 од Законот за високото образование, овозможува една одлука да се смета за правно валидна и кога е донесена со само 5 гласа доколку на седницата се присутни само 8 члена, што се 1/3 од вкупно 15 члена на Одборот. Со тоа се овозможува една малцинска одлука на едно тело да произведува правно дејство на начин што со таквата одлука ќе се акредитира високо образовна установа или акредитација на студиски програми или други одлуки на Одборот за акредитација, независно што останатите 2/3 од вкупниот број на членови на Одборот за акредитација, не се изјасниле ниту „за” ниту „против” за таквата одлука односно решение. Оттука, поради можноста од воспоставување несигурност во сегментот образование, овој дел од одредбата не е во согласност со темелната вредност – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Дополнително, практиката не познава одлука донесена со малцински број гласови од вкупниот број гласови на едно тело да има поголема правна сила од одлука донесена од мнозински број гласови од вкупниот број членови на тоа тело.
Понатаму, делот „реално направени трошоци” од член 49 став 8 од Законот, не е доволно прецизен. Законот за високото образование не содржи доволно параметри или критериуми за определување на направените трошоци, што доведува до можност со подзаконски акт истите да се определуваат на недоволно јасен и прецизен начин што не е во согласност со начелото на владеење на правото.
Во однос на делот „врз основа на присуство на седница и обем на извршена работа” од истиот член, се наведува дека овој дел е единствено нешто врз основа на што би се утврдил видот и висината на надоместоците за трошоците во постапката на акредитација врз основа на реално направени трошоци. Меѓутоа, тоа упатува на заклучок дека не квалитетот туку квантитетот и присуството на седницата претставуваат основ за утврдување на видот и висината на надоместоците, со што и овој дел од одредбата, не е во согласност со владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните како негов составен дел.
Од наведените причини, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредбите од Законот и истите да ги укине.
II
На седницата Судот утврди дека според член 49 став 4 од Законот за високото образование (*) („Службен весник на Република Македонија” бр. 82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 154/2019, 178/2021, 58/2024 и 124/2025), Одборот може да одлучува доколку на седницата се присутни повеќе од половината од вкупниот број на членови, а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови. Одредбата се оспорува во делот „а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови”.
Судот, исто така утврди дека според став 8 од истиот член, Владата на Република Северна Македонија ги утврдува видот и висината на надоместоците за трошоците во постапката на акредитација врз основа на реално направени трошоци, како и надоместоците на членовите на Одборот за акредитација врз основа на присуство на седница и обем на извршена работа. Одредбата се оспорува ве деловите „реално направени трошоци” и „врз основа на присуство на седница и обем на извршена работа”.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 46 од Уставот, е уредено дека на универзитетот му се гарантира автономија. Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.
Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија, донесува закони и дава автенитично толкување на законите.
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 1 од Законот за високото образование со овој закон се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање, статусни промени и престанок на високообразовните установи, нивната дејност, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност, правата и обврските на студентите, признавањето на странските високообразовни квалификации и надзорот над работата на високообразовните установи.
Согласно со член 40 став 1 од Законот, системот на обезбедување, оценување, развој и унапредување на висoкото образование се остварува преку Националниот совет за високото образование и научно-истражувачката дејност и Агенцијата за квалитет во високото образование.
Според член 46 став 1 од Законот, органи на Агенцијата за квалитет се Одбор за акредитација на високото образование, Одбор за евалуација на високото образование и директор на Агенцијата за квалитет на високото образование.
Со членовите 47, 48 и 49 од Законот, се уредува составот, надлежноста и организација на работа на Одборот за акредитација.
Согласно со член 49 став 3 од Законот, Одборот за акредитација работи и одлучува на седници. Според став 4 од истиот член, Одборот за акредитација може да одлучува доколку на седницата се присутни повеќе од половината од вкупниот број на членови, а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови. Согласно со став 8 од истиот член, Владата на Република Северна Македонија ги утврдува видот и висината на надоместоците за трошоците во постапката на акредитација врз основа на реално направени трошоци, како и надоместоците на членовите на Одборот за акредитација врз основа на присуство на седница и обем на извршена работа.
IV
Акредитацијата и евалуацијата на високото образование се прашања поврзани со условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, коишто според член 46 став 2 од Уставот, се уредуваат со закон, со што и прашањето за надлежноста, составот и организацијата на работата на Одборот за акредитација на високото образование како орган на Агенцијата за квалитет во високото образование, е предмет на уредување со закон.
Од погоре цитираните одредби од Законот за високото образование, произлегува дека Одборот за акредитација е колективно тело составено од петнаесет члена коешто работи и одлучува на седници, и дека со овој закон е утврден минималниот потребен број присутни членови на седницата (кворум) за да може Одборот да одлучува, како и потребното мнозинство за донесување на одлуките.
Имено, согласно со член 49 став 4 од Законот, Одборот може да одлучува доколку на седницата се присутни повеќе од половината од вкупниот број членови, а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови.
Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок којашто се остварува преку усогласеноста на законите со Уставот и на сите други прописи со Уставот и со закон. Воедно, начелото на владеење на правото се остварува и преку постоење на јасни и разбирливи, односно недвосмислено конципирани норми во законите и сите други прописи, со цел доследна нивна примена, без можност за различно нивно толкување и нивна различна примена, како гаранција за правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото.
При анализата на одредбата од член 49 став 4 и неговиот оспорен дел од Законот, Судот утврди дека законската формулација на одредбата, е јасна, концизна и недвосмислена, со јасно утврден кворум (присуство на повеќе од половината членови), и со оспорениот дел „а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови”, јасно е прецизирано потребното мнозинство за усвојување на одлуката. Оттука, според Судот, оспорениот дел не остава простор за различно толкување или правна несигурност во примената на одредбата, поради што оцени дека истиот е во согласност со владеењето на правото како темелна вредност утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 на Уставот.
Дополнително, според Судот, тоа што законодавецот го утврдил минималниот потребен кворум за одлучување (доколку на седницата се присутни повеќе од половината од вкупниот број членови), не значи ограничување ниту забрана Одборот да заседава и да одлучува над утврдениот минимум за присуство или во полн состав со присуство на сите 15 члена. Утврдувањето на долната граница за присуство на седницата под која Одборот не може да одлучува, е вообичаен начин на постапување во колективните тела. Дали седницата ќе се одржи во полн состав или во помал состав, или со минимум потребното присуство (кворум), е фактичко прашање, но суштината на одредбата е дека под минимум утврдениот кворум Одборот не може да одлучува, и ваквото уредување, вклучувајќи го и уредувањето дека Одборот одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови на седницата, според Судот, не го доведува во прашање владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.
Понатаму, од содржината на член 49 став 8 од Законот, произлегува овластување за Владата на Република Северна Македонија да ги утврдува видот и висината на надоместоците за трошоци во постапката на акредитација врз основа на реално направени трошоци, како и надоместоците на членовите на Одборот за акредитација врз основа на присуство на седница и обем на извршена работа.
Од анализата на одредбата во оспорениот дел „реално направени трошоци”, произлегува дека основа за утврдување на надоместоците може да бидат само објективно направените трошоци во постапката, односно само оправдано направените трошоци во нивните реални износи, така што, реално направените трошоци, според Судот, претставуваат рамка според која Владата е должна да се раководи при донесувањето на подзаконскиот акт.
Исто така, од анализата на одредбата во делот „врз основа на присуство на седница и обем на извршена работа” од истиот член, Судот утврди дека овој дел ги дефинира критериумите за утврдување на надоместоците на членовите на Одборот во зависност од нивниот ангажман (точен број на учествувани седници) и обемот на задачите коишто ги извршиле.
Според Судот, погоре наведените делови од член 49 став 8 од Законот, се јасни и прецизни содржини и како такви не оставаат простор за произволност при утврдување на надоместоците, со што и во однос на овие оспорени делови од наведениот член, Судот не утврди повреда на темелната вредност – владеење на правото.
Тргнувајќи од погоре наведеното, Судот оцени дека член 49 став 4 во делот „а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови” и став 8 во деловите „реално направени трошоци” и „врз основа на присуство на седница и обем на извршена работа” од Законот за високото образование, се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 на Уставот.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски