УЗ.бр.65/2025

Не се пронајдени зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.65/2025
Скопје, 17.06.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 17 јуни 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Урбана единица 1, дел од Блок 3 (помеѓу улиците „Маршал Тито“ и „Никола Петров“), Општина Неготино, донесена од Советот на Општина Неготино, бр.08-1551/5 на 06.08.2025 година, („Службен гласник на Општина Неготино“ бр.11/2025 од 07.08.2025 година).

Образложение

I

Зоран Ѓорѓиев, Методи Јанев, Илија Петрески, Игор Вулиќ, Љупчо Пасинечки, Зоран Пасинечки, Јордан Петрески, Светлана Петреска, Станка Ѓорѓиева и Ѓорѓи Ќимов, сите од Неготино, преку заеднички полномошник, адвокатот Катерина Тољкова Трајкова, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 27 став 8, член 46 став 6, член 50 став 9 и член 52 став 4 од Законот за урбанистичко планирање.

При изготвувањето на Деталниот урбанистички план за Урбана единица 1, дел од Блок 3 (помеѓу улиците „Маршал Тито“ и „Никола Петров“), Општина Неготино бр. 08-1551/5 од 06.08.2025 година, Општината не ги почитувала наведените уставни и законски одредби и сторени се повеќе пропусти во постапката при донесување на планот. Имено, од Општина Неготино на 61-вата редовна седница, на која е донесена оспорената одлука, не е одлучено согласно со член 27 од Законот за урбанистичко планирање, па наместо Советот да донесе одлука по предлог-детален урбанистички план, на дневен ред за седницата е ставена Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Урбана единица 1, дел од Блок 3 (помеѓу улиците „Маршал Тито“ и „Никола Петров“), Општина Неготино. Според наводите, иако во член 27 став 8 од Законот, јасно е наведено дека градоначалникот на Општината, предлог-деталниот урбанистички план го доставува до Советот на Општината за негово донесување на првата наредна седница на советот и најдоцна до 90 дена од добиената согласност, во оваа постапка не е донесена Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Урбана единица 1, дел од Блок 3 (помеѓу улиците „Маршал Тито“ и „Никола Петров“), Општина Неготино.

Направен е пропуст во постапката за изработка и донесување на оспорениот Детален урбанистички план и во смисла на член 46 од Законот за урбанистичко планирање, а од причина што при изработката на истиот, за обезбедување на инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање, општините, општините во Град Скопје и Градот Скопје, задолжително формираат партиципативно тело на иницијатива на градоначалникот или на партиципиентите од став 3 на овој член.

Согласно со став 6 на истиот член, иако работата на партиципативното тело е јавна, според наводите, во постапката за донесување на оспорениот Детален урбанистички план, општината нема објавено, ниту свикано состанок на партиципативното тело, сѐ со цел да обезбеди учество, инклузивност и јавност при неговото носење.

Во постапката за донесување на оспорениот Детален урбанистички план, јавната анкета и јавната презентација траела од 13.08.2024 година до 11.09.2025 година, додека пак Извештајот за спроведената јавна презентација и јавна анкета за нацрт-деталниот урбанистички план за Урбана единица 1, дел од Блок 3 (помеѓу улиците „Маршал Тито“ и „Никола Петров“), Општина Неготино, е изготвен на 11.12.2024 година, рок којшто е спротивен на законски утврдениот рок, уреден со член 50 став 9 од Законот за урбанистичко планирање.

Оттука, Извештајот на стручната комисија е изготвен по истекот на законскиот рок од 60 дена. По укажувањето на оваа околност од страна на Министерството за транспорт, во рамки на постапката по Барањето за согласност на предлог-деталниот урбанистички план, во самиот Извештај за спроведената јавна презентација и јавна анкета е извршена интервенција во делот на датумот, при што првично наведениот датум е пречкртан, а рачно, со пенкало, е внесен друг рок кој не соодветствува на фактичкиот датум на неговото официјално изготвување од страна на стручната комисија.

Согласно со член 52 став 4 од Законот, донесувачот на урбанистичкиот план е должен планот во електронска форма да го објави на својата веб-страница во рок од 15 дена од денот на донесувањето. Во случајот, Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за Урбана единица 1, дел од Блок 3 (помеѓу улиците „Маршал Тито“ и „Никола Петров“), Општина Неготино, е донесена на 06.08.2025 година, така што Општината била должна да ја објави на својата веб-страница најдоцна до 21.08.2025 година, меѓутоа до денот на поднесување на оваа иницијатива, иако се поминати повеќе од 30 дена, истата ја нема објавено на својата веб-страница.

Од наведеното произлегува дека постапката за донесување на оспорениот детален урбанистички план не е во целост спроведена во согласност со одредбите од Законот за урбанистичко планирање. Со тоа се повредува начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Поради наведеното, се смета дека оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 и член 51 од Уставот, како и со член 27 став 8, член 46 став 6, член 50 став 9 и член 52 став 4 од Законот за урбанистичко планирање.

Оттука, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја укине. Дополнително, се предлага да се донесе решение со кое привремено ќе се запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт.

II

На седницата Судот утврди дека оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Урбана единица 1, дел од Блок 3 (помеѓу улиците „Маршал Тито“ и „Никола Петров“), Општина Неготино бр. 08-1551/5 од 06.08.2025 година е донсена од страна на Советот на Општина Неготино на 61-вата седница одржана на 6 август 2025 година.

Согласно со воведот, истата е донесена врз основа на член 27 став 8 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 32/2020, 111/2023, 171/2024, 224/2024, 40/2025, 101/2025 и 127/2025), а е објавена во „Службен гласник на Општина Неготино“ бр. 11/2025 година на ден 07.08.2025 година.

Одлуката содржи три члена. Со член 1 од истата се утврдува Детален урбанистички план за Урбана единица 1, дел од Блок 3 (помеѓу улиците „Маршал Тито“ и „Никола Петров“), Општина Неготино, со тех. Бр. 04-201/2023 од јуни, 2025 година, изработен од „ПАРАМЕТАР“ ДООЕЛ Скопје.

Со член 2 е уредено што Деталниот урбанистички план од член 1 на оваа Одлука содржи, како што е: текстуално образложение; графички прилози според законските одредби; одредби за реализација на урбанистичката документација; извештај од извршена стручна ревизија изготвена од „НИМАЕР“ Струга де Скопје, со тех.број 03-36/2024 од февруари 2024 година и согласност број 21-2038/8 од 18 јули 2025 година од Министество за транспорт.

Со член 3 од Одлуката е определено дека истата влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Неготино”.

III

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 27 став 8 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 32/2020, 111/2023, 171/2024, 224/2024, 40/2025, 101/2025 и 127/2025), е уредено дека по добиената согласност, градоначалникот на општината односно градоначалникот на општината во Градот Скопје, предлог-деталниот урбанистички план го доставува до советот на општината, односно советот на општината во Градот Скопје, за негово донесување на првата наредна седница на советот и најдоцна до 90 дена од добиената согласност.

Според член 46 став 1 од Законот, за обезбедување на инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање, општините, општините во Град Скопје и Градот Скопје, задолжително формираат партиципативно тело на иницијатива на градоначалникот или на партиципиентите од став 3 на овој член.

Со член 46 став 6 од истиот закон, предвидено е дека партиципативното тело заседава најмалку еднаш на два месеци и има консултативна улога во постапката за изработување и донесување на урбанистички планови, особено ја разгледува планската програма во фаза пред таа да му биде предложена на градоначалникот за одобрување, како и урбанистичкиот план во фаза на урбанистичко планско решение пред да биде дадено на стручна ревизија. Работата на партиципативното тело е јавна.

Согласно со член 50 став 9 од Законот, уредено е рокот во кој стручната комисија од став 7 од овој член мора да го изработи извештајот за јавна анкета се одредува во согласност со бројот и сложеноста на пристигнатите забелешки и не може да биде покус од пет дена и подолг од 60 дена. Прифатените забелешки задолжително се вградуваат во предлог-планот, а извештајот е составен дел на предлог планот. За постапките за донесување на детални урбанистички планови за општините во Градот Скопје, донесувачот го доставува предлог планот и извештајот од став 7 од овој член на увид до градот Скопје, кој може во рок од пет работни дена да даде мислење за усогласеноста со генералниот урбанистички план на промените настанати со прифатените забелешки од јавната анкета.

Според член 52 став 4 од Законот, донесувачот на урбанистичкиот план е должен планот во електронска форма да го објави на својата веб-страница во рок од 15 дена од денот на донесувањето.

Согласно со член 52 став 7 од Законот, донесениот урбанистички план не може да се применува пред да се исполнат пропишаните услови од ставовите 1 и 4 од овој член.

Од содржината на оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Урбана единица 1, дел од Блок 3 (помеѓу улиците „Маршал Тито“ и „Никола Петров“), Општина Неготино, од наводите во иницијативата, од мислењата доставени од Општина Неготино и Министерството за транспорт, како и од приложената документација, произлегува фактичка и правна состојба што налага одделно разгледување на секој од истакнатите наводи.

IV

Од доставените списи произлегува следното:

– оспорената одлука е донесена на 61-вата седница на Советот на Општина Неготино, одржана на 06.08.2025 година;
– во материјалите е приложен дневен ред за таа седница во кој предметната точка е означена како „Предлог-Одлука за донесување“ на Детален урбанистички план;
– Општина Неготино има формирано Партиципативно тело со Решение бр.09-565/1 од 10.08.2022 година;
– според записникот од третата седница на тоа тело од 19.07.2023 година била разгледувана Планската програма за предметниот план;
– во врска со датумот на извештајот од јавната анкета и јавната презентација е донесен Заклучок бр.11-245/сл. од 06.06.2025 година, во кој се констатира дека е сторена ненамерна печатна грешка во наведувањето на датумот и
– во однос на веб-објавата постои приложен „линк – принтскрин“ од општината, но без проверлив датум на прикачување, додека од извршената анализа е констатирано дека на веб-страницата на Општина Неготино објавата е видлива со датум 01.10.2025 година.

Тргнувајќи од оваа фактичка состојба, во однос на наводот дека Советот не одлучувал согласно со член 27 од Законот за урбанистичко планирање, затоа што на дневен ред не бил ставен „предлог-детален урбанистички план“, туку „Одлука за донесување на Детален урбанистички план“, не отвора сомнеж за незаконитост. Имено, законската процедура за донесување на деталниот урбанистички план предвидува, по добиената согласност, градоначалникот да го достави предлог-деталниот урбанистички план до Советот за негово донесување на првата наредна седница, а планот се смета за донесен доколку за одлуката за неговото донесување гласале повеќе од половина од вкупниот број членови на Советот.

Оттука, од самиот закон произлегува дека Предлог-планот и Одлуката за неговото донесување се дел од иста нормативна постапка и не можат да се набљудуваат изолирано, односно доставувањето на предлог-планот до Советот по својата правна природа е токму доставување материјал за одлучување по одлука за донесување. Со оглед на тоа дека во приложениот дневен ред изречно е наведено „Предлог-Одлука за донесување“ на предметниот Детален урбанистички план, не може да се прифати тезата дека Советот воопшто не одлучувал по предлог-материјал во смисла на член 27 став 8 од Законот. Затоа, овој навод има претежно формален карактер и не создава повреда на законската постапка од материјален аспект.

Од доставената документација, според Судот, неоснован е наводот дека не било формирано, односно дека не функционирало партиципативно тело во смисла на член 46 од Законот за урбанистичко планирање. Со оваа одредба законодавецот јасно ја нагласува потребата од инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање, преку задолжително формирање партиципативно тело, коешто ги претставува различните интереси во локалната заедница и ги разгледува планските програми и планските решенија во работна верзија.

Меѓутоа, во конкретниот случај, со списите е доставено решение за формирање на Партиципативно тело, како и записник од седницата одржана на 19.07.2023 година, во кој како точка на дневниот ред била разгледувана Планската програма за предметниот Детален урбанистички план. Тоа значи дека фактичката основа на тврдењето дека такво тело воопшто не било формирано или не постапувало во однос на планот, не е потврдена со приложените докази. Прашањето дали партиципативноста можела да биде остварена и пошироко или поинтензивно не е исто со прашањето дали законски пропишаниот механизам воопшто постоел и бил активиран. Во услови кога е приложен акт за формирање на Партиципативното тело, како и записник од кој произлегува негово конкретно постапување, приложените докази не упатуваат на постоење околности што би го оправдале поведувањето постапка по овој основ.

Во однос на наводот што се однесува на рокот за извештајот од јавната анкета и јавната презентација, Судот имаше предвид дека во иницијативата се укажува на временска неусогласеност меѓу траењето на јавната анкета и јавната презентација и датумот на изготвување на извештајот, односно дека од приложената документација произлегува привид на повреда на роковите утврдени со Законот за урбанистичко планирање. Меѓутоа, при оценувањето на овој навод не може да се занемари фактот дека при првото доставување на планот до Министерството за транспорт заради добивање согласност, токму ова прашање било предмет на забелешка од страна на надлежниот орган, заедно со повеќе други забелешки што во понатамошната постапка биле отстранувани од страна на Општината.

Имено, од доставените списи произлегува дека од Општината, во насока на надминување на констатираните забелешки, меѓу останатото, е донесен и записник во кој изречно е констатирано дека станува збор за печатна, односно техничка грешка во наведувањето на датумот на извештајот. Потоа, при повторното доставување на предметниот Детален урбанистички план за добивање согласност, Министерството за транспорт, видно од мислењето што е доставено до Уставниот суд, го прифатило токму овој записник како релевантен основ за појаснување на настанатата неусогласеност, ценејќи дека станува збор за техничка грешка којашто не претставува пречка за давање согласност на планот.

Министерството за транспорт, како надлежен орган што во постапката на донесување на урбанистичките планови ја проверува исполнетоста на законските претпоставки за давање согласност, имало можност непосредно да ја цени оваа околност во рамки на целокупната планска документација. Со оглед на тоа дека во вториот обид за добивање согласност Министерството го прифатило записникот на Општината и не ја третирало оваа техничка корекција како пречка за продолжување на постапката, според Судот, нема доволно основи за проблематизирање на законитоста на оспорениот акт.

Оттука, во однос на прегледноста и уредноста на документацијата, имајќи ја предвид оценката на надлежното Министерство, како и фактот дека ова прашање веќе било предмет на административна проверка во постапката за давање согласност, Судот оцени дека наведената околност, сама по себе, не претставува доволна основа за доведување во прашање на законитоста на постапката за донесување на предметниот Детален урбанистички план.

Во однос на наводите што се однесуваат на согласноста на оспорената одлука со член 52 став 4 од Законот за урбанистичко планирање, според Судот, истите се неосновани. Имено, иако наведената одредба пропишува обврска донесувачот на урбанистичкиот план да го објави планот во електронска форма на својата веб-страница во рок од 15 дена од денот на донесувањето, оценката на значењето на оваа обврска мора да се врши во целокупниот контекст на постапката на донесување и објавување на планот, а не изолирано и само од формално-правен аспект.

Во конкретниот случај, Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план е донесена на 06.08.2025 година и навремено е објавена во „Службен гласник на Општина Неготино“ бр.11/2025 од 07.08.2025 година. Со ваквата објава во службеното гласило, оспорениот акт станал јавно достапен и формално објавен на начин што во правниот поредок претставува релевантен и вообичаен облик на официјално запознавање на јавноста со содржината на актот. Оттука, недоставувањето доказ за утврдување на датумот за објавување на оспорената одлука на веб-страницата, не претставува повреда на постапката за донесување на истата пропишана со Законот.

Имено, објавувањето на актот во службеното гласило е од суштинско значење за правната сигурност на засегнатите субјекти, бидејќи преку објавата на актот се обезбедува запознавање на јавноста со содржината на истиот.

Оттука, доколку се постави прашањето дали веб-објавата била извршена во рамки на рокот од член 52 став 4 од Законот за урбанистичко планирање, таквата околност во конкретниот случај нема таква тежина што би водела кон основано сомнение за неуставност или незаконитост на оспорената одлука, имајќи предвид дека актот бил навремено и уредно објавен во службеното гласило на Општината. Со други зборови, не станува збор за ситуација во која актот останал необјавен, недостапен или таен за јавноста, туку за прашање поврзано со дополнителен начин на електронска достапност, кој, иако законски предвиден, во конкретните околности не може да се изедначи со суштинска повреда што би ја компромитирала законитоста на постапката во целина. Во таа насока, ниту околноста што објавата на оспорената одлука на веб-страницата на Општината е извршена на 01.10.2025 година, сама по себе, не ѝ дава на таа околност карактер на суштинска повреда на постапката. Ова од причина што принципот на vacatio legis, како уставен и законски релевантен аспект на влегувањето во сила на општите акти, во конкретниот случај е запазен преку навременото објавување на Одлуката во службеното гласило на Општината, што било сторено веќе наредниот ден по нејзиното донесување. Оттука, евентуалното задоцнето објавување на веб-страницата не може да има исто правно значење како објавувањето во службеното гласило, ниту, пак, може да се смета за пропуст од таков интензитет што би ја довел во прашање законитоста на постапката за донесување на актот во целина.

Ова особено ако се има предвид дека целта на објавувањето е обезбедување јавност, транспарентност и информираност, а во конкретниот случај таа цел била остварена со навременото објавување на оспорената одлука во службеното гласило на Општина Неготино. Затоа, евентуалниот пропуст или недоволната докажаност во поглед на датумот на објавувањето на веб-страницата не претставува повреда од таков интензитет што би предизвикала сомневање дека се повредени уставните начела на владеење на правото и на согласност на прописите и другите општи акти со закон.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Урбана единица 1, дел од Блок 3 (помеѓу улиците „Маршал Тито“ и „Никола Петров“), Општина Неготино, донесена од Советот на Општина Неготино со бр.08-1551/5 од 06.08.2025 година („Службен гласник на Општина Неготино“ бр.11/2025 од 07.08.2025 година), е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 27 став 8, член 46 став 6, член 50 став 9 и член 52 став 4 од Законот за урбанистичко планирање, од аспект на наводите во иницијативата.
Имено, од доставената документација не произлегува суштинска повреда на постапката за донесување на оспорената одлука бидејќи станува збор за прашања што се од формален или технички карактер коишто не ја доведуваат во прашање законитоста на постапката во целина.

Од изнесеното произлегува дека во конкретниот случај не се исполнети условите за примена на член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски