УЗ.бр.10/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.10/2025
Скопје, 17.06.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) на седницата одржана на 17 јуни 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за промена на имињата на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово („Службен гласник на Општина Тетово“ бр. 25/2007 од 26.04.2007 година).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесена иницијатива од Општинската организација на сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи Тетово од Тетово, на седницата одржана на 4 март 2026 година, донесе Решение УЗ.бр.10/2025 со кое  поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на оваа одлука.

Ова од причина што основано се постави прашањето за  неговата согласност со член 8 став 1 алинеja 3 и член 51 од Уставот и со одредби од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.

II

На седницата Судот утврди дека Одлуката за определување и промена на имињата на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, бр. 07-766/4 од 24.04.2007 година, е донесена на 25-та седница на Советот на Општина Тетово одржана на 24.04.2007 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Тетово“ бр.25/2007 од 26.04.2007 година.

Согласно со член 1 од Одлуката, со оваа oдлука се врши промена на имињата на улиците, плоштадите, мостовите и на другите инфраструктурни објекти во Општина Тетово.

Во член 2 од Одлуката е уредено дека промената се врши врз основа на листа на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово којашто е претходно усвоена од страна на Советот на Општина Тетово.

Согласно со член 3 од Одлуката во точките 1 – 11 е содржан приказ на имињата на инфраструктурите објекти (улици, мостови и плоштади) коишто се менуваат и нивните нови имиња.

Во член 4 од Одлуката е определено дека истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Тетово“.

III

Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според член 51 став 1 од Уставот во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Согласно со став 2 од истиот член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 110 алинеја 2 од Уставот, е определено дека Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Надлежностите на општините, како и организацијата и делокругот на работата на органите на општината (Советот и Градоначалникот), се уредени во Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002, 84/2020 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024.

Со член 22 став 1 точка 4 од Законот, меѓу другото, општините се надлежни и за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.

Во член 36 од овој закон се дефинирани надлежностите на советите на општините. Во став 1 точка 15 од истиот член се уредува дека надлежност на советот на општината е и да врши други работи утврдени со закон.

Според член 62 став 1 точка 1 од истиот закон, во вршењето на работите од својата надлежност Советот донесува прописи: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Согласно со член 1 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004, 55/2007, 145/2010, 136/2011, 163/2013 и 147/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.224/2024), со овој закон се уредуваат условите и начинот на определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, нумерирање на објектите наменети за живеење и работа, поставување и одржување на табли со имиња на улиците и куќните броеви, како и водење регистар и евиденција на имиња на улици и куќни броеви.

Според член 4 став 1 од овој закон, определување име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачјето на општината се врши со одлука донесена од советот на општината, а за подрачјето на Градот Скопје, со одлука донесена од Советот на Градот Скопје. Во став 2 од истиот член е уредено дека одлуката од ставот 1 на овој член се усвојува со мнозинство гласови од присутните членови на советот на општината, односно на Советот на Градот Скопје, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината, односно во Градот Скопје.

Името на улица, плоштад, мост и друг инфраструктурен објект на подрачје на општина, односно на подрачје на Градот Скопје, согласно со член 5 став 1 од Законот, може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња. Според став 2 од истиот член од Законот, листата од ставот 1 на овој член ја утврдува советот на општината, односно Советот на Градот Скопје, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.

IV

Од цитираните уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија и таа вредност се остварува на начин што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.

Заради остварување на владеењето на правото како темелна вредност, законодавецот има уставно овластување со закон да ги дефинира надлежностите на единиците на локална самоуправа и да ги пропише условите и начинот на донесување на прописите од нивната страна.

Врз основа на доставената документација од страна на Општина Тетово, Судот утврди дека Советот на Општина Тетово врз основа на член 22 став 1 точка 4, член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа и член 4 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на друг инфраструктурен објект, ја донел оспорената одлука како надлежен орган за донесување на истата.

Oд увидот во Записникот од 25-та седница на Советот на Општина Тетово, произлегува дека оспорената одлука е донесена со 29 гласа „ЗА“, од присутните членови на Советот на Општина Тетово. За Одлуката гласале сите 5 члена кои припаѓаат на заедниците коишто не се мнозинско население во Општина Тетово. Од ова произлегува дека оспорената одлука е донесена со мнозинство гласови за усвојување, како што е предвидено во член 4 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.

Во текот на претходната постапка Судот, поради недоставу-вање на документацијата во целост во четири наврати побара од Општина Тетово да се достави целокупната документација којашто претходела на донесувањето на оспорената одлука. Но, од страна на Општината беше доставена Листата на имиња на улици и плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, бр. 07-1820/3, донесена на 30.11.2006 година објавена во „Службен гласник на Општина Тетово“ бр.18/2006 од 04.12.2006 година.

Понатаму, Уставниот суд во три наврати се обрати и до Владата на Република Северна Македонија со барање за достава на бараната согласност, но истата не беше доставена.

Исто така, од увидот во доставената документација се утврди дека нема доказ дека општината доставила барање до Владата за издавање на потребна согласност, ниту акт со кој Владата дала согласност за Листата, согласно со член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, поради што Судот утврди дека овој законски услов не е исполнет.

Судот го достави Решението УЗ.бр.10/2025 од 4 март 2026 година до доносителот на актот и Владата на Република Северна Македонија со барање да се произнесат по однос на наводите во истото.

Советот на Општина Тетово достави само одговор во кој наведува дека во фазата на претходната постапка за донесување на оспорената одлука се обратиле до Владата на Република Северна Македонија за добивање на претходната согласност, но во законскиот предвиден рок од член 73 од Законот за локалната самоуправа, Владата не доставила одговор, а недавањето на одговор не претставува правна пречка за продолжување на постапката од страна на органот што ја води постапката.

Но, Судот, при носење на Решението ја имаше предвид законската одредба од член 73 од Законот за локална самоуправа, којшто уредува дека доколку при донесување на пропис на општината се бара претходна согласност од друг орган, органот ја дава најдоцна во рок од 60 дена од денот кога е врачен предлогот на прописот, а доколку органот не ја издаде бараната согласност прописот ќе се смета за прифатен онака како што бил предложен од општината, поради што Судот во повеќе наврати во претходната постапка се обрати до Општината и до Владата на Република Северна Македонија, за достава на целокупната документација којашто претходела на донесување на оспорената одлука, но истите не беа доставени во целост. Воедно, Општината и во доставениот одговор во врска со донесеното решение не го достави поднесеното барање за издавање на претходната согласност до Владата, поради што Судот одлучи како во точка 1 од диспозитивот на оваа одлука.

Според Судот, оспорената одлука е во спротивност со член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти и со ваквото постапување се нарушува владеењето на правото како темелна вредност и правната сигурност како нејзин составен дел од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република  Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски