Одговор за медиумите од претседателот на Уставниот суд д-р Костадиновски, во врска со соопштението на политичката партија „Левица”

По повод медиумските прашања поврзани со соопштението на политичката партија „Левица”, претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски одговара: 

Почитувани, 

Како претседател на Уставниот суд, останувам доследен на својот принципиелен став да не коментирам ничии политички ставови изнесени во јавноста.

Сепак, овој пат, бидејќи се работи за лични дисквалификации, навреди, чувствувам должност да констатирам дека за жал, на македонската политичка сцена сеуште опстојува примитивен политички менталитет.

Истовремено сакам и да изразам жалење што на мојот професионален живот и лична кариера, некој упорно им дава политичка димензија. Прашањето каде по завршувањето на мандататот ќе продолжи мојата кариера и дали тоа ќе биде универзитетската заедница претставува мој личен избор, како и легитимно право на секој граѓанин кој ги исполнува законските услови за вршење одредена професија. 

За конкретното прашање со кое се преокупирани некои политички структури, релевантни се следниве критериуми: моето научно творештво и искуство, како и потребата на академската заедница од таков кадар. А, овие критериуми кои е лесно да се објективизираат секако не зависат од било кој политичар и неговите преференци!