У.бр.3/2026

Пронајдени се 0 зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.3/2026
Скопје, 13.05.2026

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 13 мај 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 24 став 12 од Законот за работно ангажирање на лица („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2025).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на ова решение.

Според наводите, истата е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3, членовите 51, 95 и 96 и Амандманот XX на Уставот на Република Северна Македонија.

Се наведува дека водењето прекршочна постапка претставува управна функција на органот и спаѓа во делокругот на неговото работење. Воедно, се посочува на одлуки од уставно-судската пракса на Уставниот суд, и се предлага оспорената одредба да се укине.

II

На седницата Судот утврди дека, според член 24 став 12 од Законот за работно ангажирање на лица („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2025), за работата во комисијата членовите имаат право на надоместок, кој го определува министерот со решение.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според став 1 на точка 1 од Амандманот XX на Уставот, со кој е дополнет член 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, додека според став 2 на истата точка, против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредена со закон.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон.

Согласно со член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамки на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 24 став 1 од Законот за работно ангажирање на лица, за прекршоците утврдени во овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Прекршочната комисија при Министерството за економија и труд.

Согласно со став 5 од истиот член од Законот, Прекршочната комисија е составена од претседател и два члена, дипломирани правници од редот на административните службеници, вработени во органот на државната управа надлежен за работите од областа на економија и труд. Еден од членовите на комисијата мора да биде дипломиран правник со положен правосуден испит.

IV

Оспорениот член 24 став 12 од Законот за работно ангажирање на лица е содржан во глава V со наслов „Контрола и надзор“.

Законодавецот во оспорената одредба утврдил право на надоместок за работата на членовите на Комисијата, којшто министерот за економија и труд го определува со решение.

При уставно-судската анализа на оспорената законска одредба во корелација со одредбата од Амандманот XX на Уставот, јасно произлегува дека со дополнувањето на член 13 со овој амандман, на органите на управата им е воведена нова надлежност, имено надлежност за водење прекршочна постапка и изрекување прекршочни санкции.

Органите на државната власт и органите што вршат јавни овластувања, својата функција ја вршат во рамки на утврдените надлежности, при што вршењето на управни функции претставува составен дел од редовното работење на органот, односно спаѓа во неговиот делокруг на работа и е негова надлежност.

Од содржината на член 24 од Законот, произлегува дека Комисијата е формирана во рамки на надлежен орган и има задача да води прекршочна постапка, што по својата правна природа претставува управна функција. Членовите на комисијата се лица кои управните работи ги вршат врз основа на закон, во својство на службени или одговорни лица во органот.

Оттука, надоместокот предвиден во член 24 став 12 од Законот, се однесува на дејствија коишто претставуваат редовно извршување на управната функција.

Пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со уставниот принцип на еднаквост, бидејќи истата создава можност одредена категорија службени лица да бидат ставени во поповолна положба без објективно и разумно оправдување, и внесува елементи на арбитрарност во системот на јавната управа.

Судот оцени дека со предвидувањето надоместок за управни дејствија се нарушува уставната поставеност на државната управа, бидејќи управните работи се третираат како дополнителна активност, а не како редовна надлежност на органот. Иако законодавецот има овластување да ја уредува организацијата и работата на органите на државната управа, тоа овластување не може да се користи на начин со кој се менува уставната природа на управната функција и принципот на професионално и единствено вршење на јавната власт, што е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 95 и 96 од Уставот.

Оттука, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 24 став 12 од Законот за работно ангажирање на лица со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 и член 96 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски