У.бр.118/2025

Пронајдени се 0 зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.118/2025
Скопје, 20.05.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 39 алинеја 2 и член 73 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 20 мај 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 3 став 1 точка 5, член 24 став 2 алинеја 3 и член 69 точка 4, во делот „Жалбата не е дозволена против пресуда со која поединечниот управен акт е поништен или е прогласен за ништовен и предметот е вратен на повторно постапување на јавниот орган“ од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019) и член 34 став 1 алинеја 1, во делот „и на поединечните акти за избори, именувања и разрешувања на носители на јавни функции, ако тоа е определено со закон, како и за актите за именување, назначување и разрешување на раководни државни службеници, ако поинаку не е определено со закон“ од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019).

Образложение

I

Бранко Радојчиќ, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во диспозитивот на ова решение.

Оспорените одредби од Законот за управни спорови и Законот за судовите, не се во согласност со член 8, член 51 и Амандманот XXI од Уставот на Република Северна Македонија. Според него, со овие законски решенија се воспоставува надлежност на Управниот суд да врши контрола врз акти коишто, по својата правна природа, не претставуваат класични управни акти, туку акти коишто произлегуваат од уставните и политичките овластувања на највисоките државни органи.

Во иницијативата се наведува дека член 3 став 1 точка 5 од Законот за управни спорови овозможува во управен спор да се одлучува за законитоста на конечните поединечни акти со кои се врши избор, именување или разрешување на носители на јавни функции. Овие акти може да бидат донесени од Собранието, претседателот на Републиката, Владата, органите на државната управа, други државни органи, како и органите на единиците на локалната самоуправа. Според наводите, ваквата поставеност е уставно проблематична, особено кога станува збор за акти на Собранието бидејќи тие не се донесуваат во управна постапка, туку во посебна собраниска, уставна или законска процедура.

Одлуките за избор, именување и разрешување носители на јавни функции, како што се изборот на судии на Уставниот суд, членови на Судскиот совет, гувернер, јавни функционери и други носители на значајни јавни функции, не можат да се изедначат со управни акти. Тие, според иницијативата, се израз на уставна надлежност, политичка волја и институционална автономија на органот што ги донесува. Поради тоа, нивното подведување под режимот на управен спор води кон неправилно проширување на надлежноста на Управниот суд.

Во таа смисла, во иницијативата се наведува дека со оспорените законски решенија се нарушува начелото на поделба на власта, односно доколку Управниот суд добие можност да ја преиспитува законитоста на акти коишто Собранието ги донесува во рамки на своите уставни функции, тогаш судската власт навлегува во делокругот на законодавната власт. На тој начин, се создава ризик од нарушување на уставната рамнотежа меѓу властите, правна несигурност и мешање на судската власт во прашања што имаат политичко-уставен, а не управноправен карактер.

Во иницијативата се повикуваат на компаративната правна теорија и практика, наведувајќи дека во одделни европски правни системи постои јасна разлика меѓу управни акти и таканаречени акти на владеење. Во Франција, Германија и Словенија актите коишто се донесуваат од највисоките државни органи во рамки на нивните уставни овластувања не се третираат како класични управни акти и не се предмет на редовна управно-судска контрола. Оттука, македонското законско решение отстапува од европската континентална правна традиција и создава несоодветен модел на судска контрола.

Во иницијативата понатаму се укажува дека управниот спор, по својата природа, е средство за судска контрола на поединечни управни акти донесени од органите на управата и јавната администрација. Според наводите, тој механизам не е соодветен за контрола на акти коишто ги донесуваат Собранието, претседателот на Републиката или Владата кога постапуваат во рамки на своите уставни и политички овластувања. Оттаму, не се исклучува постоењето на судска контрола врз ваквите акти, но се наведува дека таа мора да биде поставена преку посебен, уставно заснован механизам, а не преку редовен управен спор.

Во истиот контекст, се оспорува и член 34 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите, во делот во кој е предвидена надлежност на Управниот суд да решава за законитоста на поединечните акти за избори, именувања и разрешувања на носители на јавни функции, ако тоа е определено со закон. Според иницијативата, оваа одредба ја потврдува и дополнително ја проширува истата спорна поставеност, бидејќи овозможува управно-судска контрола во област којашто има уставно-политичка природа.

Посебни наводи се изнесуваат и во однос на член 24 став 2 алинеја 3 од Законот за управни спорови, според кој тужба може да се поднесе кога во постапката што му претходела на актот не се постапило според правилата на постапката. Според наводите, оваа одредба е премногу широка и непрецизна, особено кога се применува на одлуки на Собранието. Оттаму, не е јасно дали „правилата на постапката“ се однесуваат на Деловникот на Собранието, на постапката пред предлагачот или на други правила, што му остава простор на Управниот суд да навлезе во оценување на внатрешните процедури на законодавниот дом. Таквата можност, според иницијативата, претставува мешање во автономијата на Собранието.

Се оспорува и член 69 точка 4 од Законот за управни спорови, во делот во кој не е дозволена жалба против пресуда со која поединечниот управен акт е поништен или прогласен за ништовен и предметот е вратен на повторно постапување. Според иницијативата, ова законско решение е спротивно на Амандманот XXI од Уставот, со кој се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Оттаму, кога Управниот суд ќе поништи акт за избор, именување или разрешување, тој суштински одлучува за главното прашање, па затоа против таквата пресуда мора да биде обезбедено право на жалба.

Се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и по спроведената постапка да ги поништи како спротивни на Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека со член 3 став 1 точка 5 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019), во управниот спор судот одлучува за законитоста на конечните поединечни акти со кои се одлучува за избор, именување и разрешување на носители на јавни функции донесени од Собранието на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, како и органите на единиците на локална самоуправа.

Според член 24 став 2 алинеја 3 од Законот за управните спорови, управен спор се поведува со тужба, а тужбата може да се поднесе кога во постапката којашто му претходела на актот не се постапило според правилата на постапката.

Согласно со член 69 точка 4 од Законот за управните спорови, жалбата не е дозволена против пресуда со која поединечниот управен акт е поништен или е прогласен за ништовен и предметот е вратен на повторно постапување на јавниот орган, како ни против пресуда со која судот му наложил на јавниот орган да го донесе поединечниот акт којшто не бил донесен во утврдениот рок.

Во член 34 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019) е уредено дека Управниот суд е надлежен да решава за законитоста на поединечните акти донесени во изборната постапка и на поединечните акти за избори, именувања и разрешувања на носители на јавни функции, ако тоа е определено со закон, како и за актите за именување, назначување и разрешување на раководни државни службеници, ако поинаку не е определено со закон.

III

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 39 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката биде повлечена иницијативата за оценување уставност односно уставност и законитост, а Уставниот суд не наоѓа основа да ја води постапката по сопствена иницијатива.

IV

Со поднесок, примен во Судот на ден 04.05.2026 година, подносителот ја повлече иницијативата во целост.

Врз основа на наведеното, Судот утврди дека се исполнети условите од член 39 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за запирање на постапката.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски