У.бр.186/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.186/2025
Скопје, 22.04.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 22 април 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.3/2025).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со член 47 од Законот за инспекциски надзор во животната средина (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.99/2022), е уредено дека со денот на влегување во сила на овој закон престануваат да важат повеќе членови од Законот за животна средина помеѓу кои и член 208 од овој закон, член 170 од Законот за заштита на природата и член 231 од Законот за водите.

Законот за инспекциски надзор во животната средина, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.99/2022, влегол во сила на ден 29.04.2022 година.

Според наводите, со член 34 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.3/2025), е изменет член 208 од Законот за животната средина којшто од 29.04.2022 година не е во правен промет, на начин што во ставовите 8 и 9 на овој член зборовите „Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“ се заменети со зборовите „Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и испекциски надзор во втор степен“.

Ваквата измена на одредба којашто не е дел од правниот поредок доведува до забуна во примената што е спротивно на начелото на владеење на правото, поради што се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата и истата да ја укине.

II

На седницата Судот утврди дека член 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.3/2025), гласи „Во член 208 во ставот (8) зборовите: „Државната Комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“ се заменуваат со зборовите: „Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен.“.

Во ставот (9) зборовите: „Државната Комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“ се заменуваат со зборовите: „Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен“.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 47 од Законот за инспекциски надзор во животната средина (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.99/2022 и бр.3/2025), со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат член 194 ставови 6 и 7, членовите 196, 197, 205, 205-а, 206, 207, 207-а, 208, 208-а, 209 и член 211 став 1 точки 24) и 25) од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015, 39/2016 и 99/2018), член 170 од Законот за заштита на природата („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2004, 14/2006, 84/2007, 35/2010, 47/2011, 148/2011, 59/2012, 13/2013, 163/2013, 41/2014, 146/2015, 39/2016, 63/2016 и 113/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 150/2021) и член 231 од Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2008, 6/2009, 161/2009, 83/2010, 51/2011, 44/2012, 23/2013, 163/2013, 180/2014, 146/2015 и 52/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 151/2021).

IV

Предмет на оспорување со иницијативата е член 34 од Законот означен во точка 1 од диспозитивот на ова решение, којашто Судот ја анализираше не само од аспект на нејзината содржина, туку и од аспект на нејзината јасност и предвидливост.

Со оспорената одредба се врши измена во член 208 ставови 8 и 9 од основниот текст на Законот за животната средина, поточно, законодавецот извршил замена на зборовите „Државната Комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“ со зборовите „Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен“.

Имено, Законот за инспекциски надзор во животната средина е донесен на 19 април 2022 година и објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.99 од 21.04.2022 година. Овој закон влегол во сила осмиот ден од денот на објавувањето, односно од 29.04.2022 година. Со член 47 од овој закон, законодавецот определил дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат, помеѓу другите членови, и член 208 од Законот за животната средина, што значи дека овој член не е дел од правниот поредок од 29.04.2022 година. Законодавецот, без да ја има предвид оваа околност, со член 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.3/2025), извршил измена во содржината на член 208 ставови 8 и 9 од Законот за животната средина, поточно интервенирал во одредба што не е дел од правниот поредок.

При уставно-судската анализа на член 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, се постави прашањето дали оспорената одредба може да се сведе на пропуст од страна на законодавецот или станува збор за уставно релевантен проблем во однос на правната сигурност на оваа одредба со која законодавецот извршил измена на содржината на член 208 од истиот закон. На ваков начин, законодавецот интервенирал во одредба чијашто важност претходно престанала, при што не е создаден јасен нормативен основ за нејзина повторна примена.

Имајќи предвид дека престанокот на важност на една законска одредба значи дека таа ја губи својата нормативна сила и обврзувачко дејство, иако формално може да остане дел од текстот на Законот, но од моментот на престанокот на важноста, таа одредба не произведува правни последици и не може да биде основ за уредување на права, обврски или правни односи.

Со определувањето од член 47 од Законот за инспекциски надзор во животната средина престанал да важи член 208 од Законот за животната средина, додека со член 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина се врши измена во норма којашто престанала да постои, со што се создава правна несигурност. При една ваква правна ситуација субјектите на правото не можат со сигурност да утврдат дали таа одредба е дел од правниот поредок и дали произведува правни дејства. Таквата состојба не може да се надмине со толкување, ниту пак може да се смета за обична номотехничка неусогласеност, бидејќи се работи за противречност којашто создава забуна во операционализацијата и примената на Законот.

Иако со оспорената одредба се врши измена на законска норма, којашто претходно престанала да важи со друг закон, според Судот, претставува повреда на темелната вредност владеење на правото, утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски