Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, по моето гласање против Одлуката БЗСП.бр.17/2025 од 29 април 2026 година, го образложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Вовед
Не се согласувам со оваа одлука со која се утврди повреда на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност, бидејќи сметам дека во конкретниот случај, не постоеја уставно-правни основи за да се одлучи дека со пресудите на редовните судови е сторена дискриминација по основ на социјална припадност.
Според моето мислење, во конкретниот случај останаа неразјаснети повеќе процесни и материјално-правни прашања кои се од суштинско значење за постапките за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот.
За (не)примената на процесните правила
и воспоставената практика на Судот
Во постапката по овој предмет, се поставија прашања за доследната примена на процесните стандарди и правила утврдени со Актот на Судот и неземањето предвид на воспоставената уставно-судска практика.
Имајќи предвид дека одделни наводи во барањето се со навредлив карактер, според моето мислење, Судот требаше да го отвори прашањето за примена на член 24 став 2 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.
За илустрација, оваа одредба предвидува дека на предлог на генералниот секретар, Судот меѓу другото, ќе констатира дека иницијативата не е поднесена, ако содржи навредливи наводи. Притоа, согласно член 70 од Актот, погоре цитираната норма се однесува и на барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот како еден од видовите поднесоци по кои постапува Судот.
Тоа значи дека во ваквите случаи, не само што поднесокот не се доставува до подносителот на исправка, туку во Судот воопшто не се оформува предмет и се смета дека таквиот поднесок воопшто не бил поднесен.
Притоа, оваа одредба не се однесува само на Судот и на судиите, туку е општа, при што јасна е причината зошто постои – да се штити достоинството и интегритетот на самата институција, но и на другите.
Уште повеќе што овде пак се работи за постапка за заштита на слободите и правата, каде се бара тоа да се направи со повреда на права на друг, при што има игнорирање и непреземање ништо од страна на оној кој треба да ги штити правата – Уставниот суд.
Последното можам да го поткрепам не само со фактот што и покрај очигледната повреда на одредба од Актот беше оформен предметот, ова не беше ниту адресирано во дискусијата на седницата, освен од моја страна и беше посочено на веќе заземени ставови на Судот по однос на вакви поднесоци.
На прв поглед, ова може да изгледа помалку значајно и да се даде аргумент дека нема влијание во однос на основаноста на самото барање. Но, причината поради кое го истакнувам овде, не е само повредата на Актот, туку и да се изложи целата слика за постапувањето и одлучувањето на Судот во конкретниот предмет.
Следно на коешто сакам да се осврнам е заземањето поинаков став во овој предмет, во однос на воспоставената пракса на Судот.
Имено, во неколку претходни предмети, Судот зазеде став во однос на една од процесните претпоставки за постапување по барања за заштита од дискриминација.
Така, во предметите БЗСП.бр.13/2025, БЗСП.бр.19/2025, БЗСП.бр.21/2025 и БЗСП.бр.22/2025 Судот ги ценеше прашањата поврзани со користењето на правните средства предвидени со Законот за спречување и заштита од дискриминација и зазеде став дека барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 е од супсидијарен карактер и претходно треба да се исцрпи редовното правно средство-тужба за дискриминација.
Неспорно е дека Судот има право да ја преиспитува и менува својата практика. Меѓутоа, според мое мислење, секое отстапување како што е сторено со оваа одлука, мора да биде јасно и убедливо образложено, особено кога станува збор за прашања кои се однесуваат на процесните претпоставки за постапување.
Во конкретниот случај, такво образложение нема во Одлуката, иако не беше спорно во овој предмет, дека не било користено такво правно средство.
Имајќи го предвид наведеното, се поставува прашањето, дали граѓаните чии барања беа отфрлени во претходно наведените предмети со поинаква одлука на Судот, се ставени во понеповолна положба од подносителот, а за кој очигледно важат други и поповолни правила.
Патем, одлуките во предметите на кои укажав како претходна пракса, беа донесени едногласно, односно за овој состав на Судот во тие случаи немаше никаква дилема, за да овде без никаква причина и образложение, се промени ставот во сосема друг правец.
Друго што сакам да укажам, а за што исто важи поднасловот на овој дел, е тоа што од образложението на Одлуката, не може да се утврди кои факти Судот ги ценел како основ за заклучокот дека различниот третман бил мотивиран токму од социјалната припадност на подносителот.
Кога веќе Судот утврдил постоење дискриминација, во образложението бил должен да изложи како е сторена таа дискриминација, како подносителот бил ставен во понеповолна положба и која е неговата социјална припадност поради којашто бил дискриминиран.
Тоа е всушност проблемот и кај самото барање за заштита за слободите и правата, што значи дека стандардот кој се однесува на товарот на докажување е дека истиот првин е на подносителот, кој најмалку што треба направи е да стори веројатно дека бил различно и неповолно третиран, да образложи каква социјална припадност имал и дека токму поради ова бил така третиран. Притоа, ќе посочам на тоа дека ова формално произлегува и од самиот Акт на Судот (член 53 став 5) кој ги утврдува обврските на подносителот на барањето.
Но, за прашањето дали постои дискриминација, подетално во натамошниот текст на ова мислење.
Исто така, во Одлуката не беа анализирани и земени предвид други споредливи случаи на вработени во Судот кои се релевантни за оценката дали навистина постои дискриминаторски третман.
Инаку во овие случаи, кои Судот ги занемари во својата одлука, вработените го имаат изгубено работниот спор (со исто тужбено барање) пред Врховниот суд што е факт за кој не може да се каже дека е непознат, а уште помалку нерелевантен. Впрочем тоа беше и утврдено во рамките на претходната постапка и содржано во рефератот, кој пак беше повлечен и дадена нова сосема друга верзија со нов предлог за одлучување.
(Не)основаност на тужбеното барање
Во овој дел, ќе се осврнам на поставеното тужбено барање од страна на подносителот на барањето во постапката која е окончана со пресудите од кои се бараше заштита од дискриминација.
Ова од причина што доколку се анализира тужбеното барање, произлегува дека всушност овде се работи за негова неоснованост, а не случај на постоење дискриминација.
Суштината на тужбеното барање е дека во основа се бара од редовните судови да интервенираат во самиот акт со кој се утврдени дополнителни бодови и да се вметне текст со ретроактивен карактер.
Во работен спор, судовите може само да ја испитуваат незаконитоста на самиот акт и евентуално да го поништат, но немаат надлежност, ниту овластување, со пресуда да интервенираат во самиот текст на актот и да го заменат работодавецот при донесувањето ваков вид одлуки.
Дали постои дискриминација
по основ на социјална припадност во конкретниот предмет
Суштинското прашање во конкретниот предмет е дали навистина се исполнети елементите на дискриминација по основ на социјална припадност.
Поимот „социјална припадност“ упатува на припадност кон одредена социјална група или на постоење на објективно препознатлива социјална карактеристика.
Во конкретниот случај, според мое мислење, Одлуката не утврдува ниту која е таквата група, ниту на кој начин пришадноста кон истата влијаела врз исходот на судските постапки, при што во пресудите на редовните судови нема ниту еден аргумент дека тужбеното барање на подносителот не е усвоено поради неговата социјална припадност.
Дури и да се претпостави постоење на различен третман, неопходно е да постои причинска врска помеѓу заштитениот основ и различниот третман. Таква врска, според мое мислење, не произлегува од образложението на Одлуката.
Фактот што во одделни споредливи случаи биле донесени различни судски одлуки или биле преземени различни процесни дејствија, сам по себе, не претставува доказ за дискриминација.
Имено, подносителот како компаратори наведува четири лица – административни службеници кај ист работодавач, со слично звање и со правосилни пресуди со кои им е утврдено право на додаток на плата за кариера „В“, меѓутоа, споредливоста не може да се утврдува апстрактно или формално, туку мора да се цени во однос на конкретната судска постапка и нејзиниот исход.
Не може да се зборува за релевантна споредливост доколку разликите во третманот произлегуваат од различни процесни патишта, различна процесна динамика или различна оценка на надлежен орган во конкретен случај.
Според мене, во овој предмет, Судот требаше да ги има предвид следните принципи: правото на еднаквост не значи право на идентична судска одлука, туку право на еднаков процесен третман и одлучување врз основа на релевантни правни норми; судовите имаат законско право и да одбијат тужбено барање кое треба да се образложи и да се темели на законски норми и таквото одбивање само по себе не значи дискриминирање; различните правни ставови на редовните судови, доколку се образложени и засновани врз закон, не можат сами по себе да се сметаат за повреда на начелото на еднаквост; различното решавање на слични спорови е последица на судската независност и самостојност, а не показател за дискриминаторска намера; самиот факт дека во исти или слични спорови судовите одлучиле различно, не значи само по себе дискриминација во спорови во кои тужбеното барање е одбиено; за да има дискриминација во таквите случаи, треба да постои каузална врска помеѓу неповолниот исход и дискриминаторскиот основ, односно таквиот исход исклучиво да е резултат од заштитената карактеристика кај подносителот (во случајот, социјална припадност); во случај кога таква каузална врска не постои, односно подносителот не ја сторил ниту веројатна, не е надминат прагот prima facie за постоење на дискриминација.
Тргнувајќи од наведеното, неспорно е дека секој судски спор претставува засебна правна целина, со свои фактички околности, докази, наводи на странките и правни аргументи, кои судот е должен самостојно и независно да ги цени во секој поединечен случај врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори.
Оттука, фактот дека по исто или слично правно прашање постојат различни судски одлуки, донесени од различни судии или судски состави, сам по себе не може да се поистовети со дискриминација од причина што различното одлучување е карактеристика на судскиот систем и не значи автоматски дека едно лице било третирано понеповолно поради некое негово лично својство.
Во конкретното барање, иако тужбите потекнуваат од сличен фактички контекст, исходите по предметите не се резултат на различен третман, туку на различни процесни развои, користење или некористење на правни лекови и различна судска оценка во рамките на дозволената судска дискреција.
Во предметниот работен спор почитувано е начелото на еднаквост на страните, имајќи предвид дека подносителот имал пристап до суд, имал можност да ги користи сите расположиви правни средства и не бил ставен во процесно понеповолна положба во однос на спротивната страна.
Од друга страна, подносителот на барањето се повикува на дискриминација по основ на „социјална припадност“, без притоа да образложи на кој начин токму овој основ бил релевантен за постапувањето на судовите, ниту да покаже причинско-последична врска меѓу овој основ и различниот третман.
Во оспорените пресуди, поточно, од нивната содржина не произлегува, ниту експлицитно ниту имплицитно, дека тужбеното барање е одбиено поради социјалната припадност на подносителот. Судовите, своите одлуки ги засновале на анализирани законски одредби, релевантни правни мислења и оценка на конкретната правна и фактичка состојба. Притоа, ниту од содржината на оспорените судски пресуди, ниту во изреката ниту во образложението на истите, не произлегува дека Судот извршил селекција меѓу странките по основ на социјална припадност, ниту пак дека овој основ воопшто бил релевантен за одлучувањето во конкретната постапка.
Одбивањето на тужбено барање претставува легитимен исход на секоја судска постапка, и како такво не може да се смета за дискриминаторско, доколку е резултат на правна оценка заснована на закон и аргументација.
За применливоста на праксата на Европскиот суд за човекови права во конкретниот предмет
Во образложението на Одлуката е изложена пракса на Европскиот суд за човекови права којашто се однесува на прашања поврзани со невоедначена судска практика, а не конкретно на утврдување дискриминација.
Меѓутоа, според мое мислење, ова прашање првенствено се разгледува низ призмата на правото на правично судење, правната сигурност и предвидливоста на судското одлучување.
Од друга страна, утврдувањето дискриминација претпоставува постоење на заштитен основ, понеповолен третман и причинска врска помеѓу нив.
Оттука, не секоја невоедначена судска практика претставува дискриминација. Напротив, дури и кога постојат различни судски одлуки во споредливи предмети, неопходно е дополнително да се утврди дека различниот третман бил мотивиран од некој од забранетите основи на дискриминација.
Во конкретниот случај, според мое мислење, таква поврзаност не е утврдена.
Граници на уставно-судската контрола
во овој предмет
Уставниот суд не претставува инстанционо повисок суд во однос на редовните судови. Неговата улога не е да ја преиспитува правилноста на примената на материјалното право или да оценува која од повеќе можни правни интерпретации е поприфатлива.
Постапката за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот има исклучиво уставно-правна природа и не може да се претвори во дополнителен механизам за преиспитување на правосилни судски одлуки.
Во спротивно, секој различен исход во судски постапки би можел да се трансформира во прашање на дискриминација, што не произлегува ниту од Уставот ниту од практиката на Европскиот суд за човекови права.
За правните последици од Одлуката
Според мое мислење, Одлуката отвора повеќе прашања отколку што разрешува.
Имено, доколку подносителот поведе постапка за повторување на постапката врз основа на оваа одлука, останува нејасно на кој начин редовниот суд би требало да ја отстрани утврдената дискриминација.
Од образложението на Одлуката не произлегува во што точно се состои социјалната припадност на подносителот, ниту кои факти упатуваат дека токму поради таквата припадност му бил даден понеповолен третман.
Во таква ситуација се поставува прашањето дали во евентуалната повторена постапка би било потребно повторно да се утврдува постоењето на социјална припадност и причинската врска помеѓу таквата припадност и наводниот дискриминаторски третман или, пак, овие прашања веќе би се сметале за разрешени.
Подеднакво нејасно останува дали редовниот суд и во повторената постапка би можел повторно да го одбие тужбеното барање доколку оцени дека спорот се однесува на остварување права од работен однос и примена на материјалното право, а не на различен третман заснован врз социјална припадност, а особено што и самото тужбено барање нема свој основ, за кое патем и самите редовни судови се повикуваат на став на Врховниот суд.
Оттука, според мое мислење, Одлуката не воспоставува доволно јасен и применлив уставно-правен стандард за идното постапување на редовните судови.
Во обид да се утврди што всушност произлегува од оваа одлука, мојот заклучок е дека ваквото резонирање на мнозинството, значи дека при евентуалното идно постапување и одлучување на судовите, истите треба да истражуваат дали постојат исти или слични спорови. Потоа, да ги утврдат социјалните припадности на тужителите во тие спорови и на подносителот и доколку утврдат совпаѓање, да го усвојат тужбеното барање само поради тој факт, независно од неговата неоснованост, а по однос на што судовите веќе се изјасниле и којашто е неспорна.
Поради ова, не можам да се согласам со одлученото и ставовите во Одлуката, кои според мене, се спротивни на функцијата на редовните судови којашто ја имаат, правилата на постапката пред нив, материјалното право, но и на самата правна логика.
Судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска