Издвоено мислење по предметот БЗСП бр.17/2025

Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), по гласањето против Oдлуката БЗСП бр.17/2025  од 29 април 2026 година, со која Уставниот суд на Република Северна Македонија утврди повреда на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност на барателот Југослав Миленковиќ, го изразувам моето несогласување и го образложувам со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со должно почитување кон различните ставови изразени од мнозинството судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија, сметам дека во конкретниот случај не е настаната промена ниту во правната ниту во фактичката состојба. Имајќи ги предвид двете пресуди на надлежните граѓански судови, произлегува дека станува збор за спор од работен однос, поради што најнапред се осврнувам на формалните аспекти на предметното барање.

Имено, самиот подносител ја определил вредноста на спорот на износ од 40.000 денари, што има директни правни последици, вклучително и во однос на висината на судските такси и достапноста на одредени правни лекови. Оттука, процесните последици од ваквото определување на вредноста на спорот паѓаат на товар на самиот подносител.

Од увидот во пресудите произлегува дека не станува збор за статусен спор во кој се бара поништување на решение за отказ, туку за парично  побарување коешто произлегува од спор од работен однос. Во такви случаи, правото на ревизија е ограничено со законски утврден вредносен праг. Во таа насока, од особено значење е одредбата од член 372 став 4 од Законот за парничната постапка, која гласи:

„Ревизијата по исклучок е дозволена и против второстепена пресуда против која не може да се изјави ревизија според ставот (2) од овој член, ако второстепениот суд во изреката на пресудата што ја донел, тоа го дозволил. Второстепениот суд може така да одлучи, ако оцени дека одлуката во спорот зависи од решавање на некое материјалноправно или процесноправно прашање важно за обезбедување на единствена примена на законот и уедначување на судската практика. Во образложението на пресудата второстепениот суд е должен да наведе заради кое правно прашање ја дозволил ревизијата и да ги наведе причините поради кои смета дека ова е важно за обезбедување на единствена примена на законот и уедначување на судската практика.“

Од наведеното јасно произлегува дека законодавецот предвидел исклучок од општото правило за дозволеност на ревизијата, но истиот е условен пред сè со оценка на второстепениот суд, но и со проактивност на странката во спорот. Во конкретниот случај, без оглед на одлуката на жалбениот суд дали ќе биде прифатен или не предлогот на странката да се дозволи ревизија, сепак странката во својата жалба имала можност да му предложи на жалбениот суд доколку жалбата биде одбиена, истиот суд да дозволи ревизија согласно со неговата проценка заснована на веќе наведената одредба. Но, од увидот во списите на предметот произлегува дека таква иницијатива не била преземена. Ова упатува на тоа дека странката не ги искористила сите расположливи процесни механизми предвидени со закон, па оттука не може последователно да се повикува на повреда на право што самата не се обидела да го оствари во рамки на редовната постапка.

Во однос на материјално-правните наводи, клучно прашање е дали со донесените судски одлуки е сторена дискриминација. Сметам дека одговорот на ова прашање е негативен. Одбивањето на тужбено барање претставува легитимен и вообичаен исход на судска постапка и не може да се квалификува како дискриминаторско доколку произлегува од правна оценка заснована на закон, факти и изведени докази.

Фактот дека во други предмети, кои подносителот ги смета за слични, судовите донеле поинакви одлуки, не претставува сам по себе доказ за дискриминација. Различното одлучување е последица на судската автономија, слободата на судиското уверување и специфичностите на секој поединечен предмет. За да постои дискриминација, неопходно е да се утврди постоење на понеповолен третман заснован врз конкретно лично својство, како и причинско-последична врска меѓу тоа својство и исходот на постапката.

Во конкретниот случај, подносителот се повикува на дискриминација по основ на „социјална припадност“, но не образложува на кој начин ова својство било релевантно за постапувањето на судовите, ниту пак нуди докази што би укажале дека токму ова својство било одлучувачки фактор. Од содржината на оспорените пресуди не произлегува, ниту експлицитно ниту имплицитно, дека судовите направиле разлика меѓу странките врз ваков основ или дека социјалната припадност воопшто била земена предвид при донесувањето на одлуките.

Судовите своите одлуки ги засновале на релевантни законски одредби, оценка на фактичката состојба и изведени докази, при што не постојат индиции за произволност или пристрасност. Во таа насока, не може да се говори ниту за prima facie дискриминација, бидејќи такво тврдење мора да се темели на објективни и проверливи факти, а не на субјективно чувство на незадоволство од исходот на постапката.

Дополнително, во постапката е почитувано начелото на еднаквост на странките. Подносителот имал пристап до суд, можност да ги изнесе своите аргументи и да ги користи правните средства предвидени со закон, без да биде ставен во процесно понеповолна положба во однос на спротивната страна.

Во однос на наводите за постапувањето на Државното правобранителство, истакнувам дека овoj oрган настапува како законски застапник на државата како тужена страна во постапката, и има право да ги користи сите процесни овластувања, вклучувајќи и поднесување правни лекови. Оценката за основаноста на тие правни лекови е во надлежност на судовите и не претставува прашање на дискриминација.

Следствено на изнесеното, во конкретниот случај, сметам дека прифаќањето на барањето за заштита на слободите и правата на подносителот на барањето на забрана на дискриминација по социјален основ, е неосновано. Ова од причина што со ваквата одлука на Уставниот суд во овој случај би значело преземање на надлежностите на редовното граѓанско судство и претворање на Уставниот суд во инстанционен граѓански суд, што не е во согласност со уставната улога на овој суд. Уставниот суд не е инстанца којашто одлучува по суштината на парничните спорови, туку орган кој ја штити уставноста и законитоста во рамки на своите надлежности.

Поради наведеното, останувам на ставот дека во конкретниот случај не се исполнети условите за утврдување на дискриминација, ниту за уставно-судска интервенција.

 

Со почит,
Судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер

БЗСП бр.17/2025