БЗСП бр.22/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.22/2025
Скопје, 08.04.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеи 1 и 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 8 април 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА барањето од Кузман Цилков од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот коишто се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.

Образложение

I

Кузман Цилков од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.

Во барањето подносителот наведува дека со Налог за извршување И.бр.1908/24 од 15.11.2024 година, како солидарен должник му била определена забрана на 1/3 од пензијата што ја остварува од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија. Наведува и дека против Налогот за извршување поднел приговор до Основниот граѓански суд Скопје бидејќи од пензијата веќе му се запирале средства по основ на подигнат потрошувачки кредит од НЛБ Банка АД Скопје, па со дополнителното запирање на средствата од пензијата, фактички останал без парични средства. Меѓутоа, Основниот граѓански суд Скопје, го донел Решението ППНИ-317/25 од 21.07.2025 година, со кое му го одбил приговорот. Против Решението подносителот вложил жалба до Апелациониот суд Скопје, но истата со Решението ГЖ-2229/25 од 25.09.2025 година, му била одбиена, а Решението на Основниот граѓански суд, било потврдено.

Во однос на поднесеното барање за заштита на слободи и права до Уставниот суд, подносителот наведува дека барањето го поднесува поради бројни неправилности и незаконитости од страна на извршителот во постапката за извршување, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, Основниот граѓански суд Скопје, Апелациониот суд Скопје, Врховниот суд Скопје, Комората на извршители, Министерството за правда, Јавниот правобранител, вклучувајќи го и Судскиот совет, пред кои се обраќал со приговори, жалби и укажувања дека нема никаков приход од пензијата поради кредит и извршување, но дека тоа не дало никаков резултат, а најголемата вина од неуставните и незаконските дејствија ги направиле извршителот и НЛБ Банка АД Скопје.

Во барањето подносителот наведува дека Законот за извршување и Уставот јасно и прецизно укажуваат дека тој мора да има средства за живеење, и му предлага на Уставниот суд да ја задолжи спротивната страна да му ги надомести трошоците настанати по повод поднесеното барање до овој суд, и за сите претходни барања – приговори и жалби, за што во барањето приложува трошковник.

Конкретно, подносителот предлага Уставниот суд да донесе одлука за незаконски наплатени налози за извршување по И.бр.1908/24 од 15.11.2024 година на извршителот А.М. од Скопје, со цел на неговата трансакциска сметка во НЛБ Банка АД Скопје, да му се вратат запрените средства, за што Уставниот суд да ги задолжи НЛБ Банка АД Скопје и извршителот А.М, да постапуваат како солидарни должници и под присила да ги исплатат сите претходни осум месечни одземени финансиски средства од неговата пензија, и сите идни незаконски наплатени пензии од денот на настанувањето на обврската, почнувајќи од првиот ден на задолжување од овој суд согласно со закон, сето тоа со камата, како и да му се исплати и надомест на штета за сите претходни штети коишто довеле до намалување на способноста за реална заработувачка, и сите трошоци во однос на постапката.

Исто така, предлага Уставниот суд да го стави вон сила Налогот за извршување И.бр.1908/24 од 15.11.2024 година, односно истиот да го поништи, и да донесе решение за запирање на извршувањето на Налогот за извршување И.бр.1908/24, до донесување конечна одлука.

Со поднесокот од 30.12.2025 година, доставен на барање од Уставниот суд за прецизирање на претходно доставеното барање, подносителот ги изнесува истите наводи за незаконски издаден налог за извршување против него како солидарен должник. Во поднесокот се цитира член 110 од Уставот, и се наведува дека забранета е дискриминација на слободата и правото на човекот и граѓанинот по основ на социјална припадност, односно како директна и индиректна дискриминација, а на подносителот му се загрозени од аспект на непочитување на основните уставни одредби како што е правото на старосна егзистенција (пензионер на 66 години), но дека тоа не е само дискриминација поради неговата сегашна социјална припадност како пензионер, туку и дискриминација по основ на правото и слободата за социјална припадност (возраст од 66 години), а и загрозување на слободата на уверувањето, неговата совест и јавното изразување на мислата, поради омаловажување од извршителот, основниот судија, Апелациониот суд, односот на Тутунска банка Скопје и Фондот на ПИО, како и сите споменати институции како Министерството за правда, Судскиот совет, Комората на извршители и Народниот правобранител.

Во поднесокот, подносителот се повикува на Директивата 2000/78/ЕЦ, изнесува дефиниции за дискриминација, цитира одредби од Законот за извршување, го наведува Решението на Апелациониот суд Скопје ГЖ-2229/25 од 25.09.2025 година и Налогот за извршување И.бр.1908/24 од 15.11.2024 година, а како причина за барање заштита пред Уставниот суд, наведува дека тоа е поради дискриминација и егзистенција, и дека останува на предлогот во барањето до Уставниот суд за поништување на Налогот за извршување и предлогот за донесување решение за запирање на извршувањето на Налогот за извршување до донесување конечна одлука.

Со поднесокот од 18.02.2026 година, за дополнување на претходно доставениот поднесок, подносителот повторно ги изнесува истите наводи за незаконски издаден налог за извршување против него како солидарен должник со барање Уставниот суд да го поништи истиот, како и сите донесени решенија од надлежните судови.

Кон барањето и дополнително доставените поднесоци се приложени документи од водени постапки пред надлежен суд, одлуки од надлежен суд, претставки до институции и нивни одговори.

II

На седницата Судот утврди дека од страна на извршител А.М. од Скопје, со Налог за извршување врз плата и други парични побарувања (врз основа на член 141 од Законот за извршување) И.бр.1908/24, издаден на 15.11.2024 година, се определува забрана на 1/3 од пензија а доколку пензијата на должникот изнесува под просечната пензија се определува забрана на 1/5 од пензијата што должникот Кузман Цилков од Скопје ја остварува кај Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија.

Судот утврди и дека Основниот граѓански суд Скопје, го донел Решението ППНИ-317/25 од 21.07.2025 година, со кое приговорот на должникот Кузман Цилков од Скопје поднесен против Налогот за извршување врз плата и други парични побарувања (врз основа на член 141 од Законот за извршување) И.бр.1908/24 од 15.11.2024 година, на извршител А.М. од Скопје, со предлог да бидат вратени паричните средства на трансакционата сметка на должникот, се одбива.

Судот, исто така, утврди дека Апелациониот суд Скопје со Решението ГЖ-2229/25 од 25.09.2025 година, ја одбил жалбата на должникот, како неоснована, а Решението на Основниот граѓански суд Скопје ППНИ-317/25 од 21.07.2025 година, се потврдува.

III

Според член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно со член 53 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право, утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да подесе барање до Уставниот суд за нивна заштита.

Во став 3 на истиот член, се наведува дека барањето може да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни или вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.

Според член 38 алинеи 1 и 3 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со член 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 258/2020), се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа (во натамошниот текст: дискриминаторска основа).

Дискриминација, според член 6 од наведениот закон, е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација, вклучувајќи и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите.

Според член 8 став 1 од Законот, директна дискриминација постои кога со едно лице или со група се постапува, се постапувало или би се постапувало понеповолно во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, врз дискриминаторска основа. Според став 2 од истиот член и закон, индиректна дискриминација постои кога преку навидум неутрални прописи, одредби, критериуми, програми или практики, се става некое лице или група во понеповолна положба врз дискриминаторска основа во споредба со други лица или група лица, освен кога произлегува од легитимна цел, а средствата за постигнување на таа цел се пропорционални, односно се соодветни и неопходни.

Надлежноста на редовните судови за заштита од дискриминација, е утврдена во член 32 од Законот којшто во став 1 уредува дека лицето кое смета дека е дискриминирано може да поднесе тужба пред надлежен граѓански суд. Согласно со став 2 од истиот член, во постапката соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, освен ако со овој закон не е поинаку уредено, а според став 3 од истиот член, постапката е итна.

IV

Од погоре цитираните законски одредби произлегува дека концептот на дискриминација како недозволено разликување вклучува исполнување на неколку претпоставки, како што се наведување на дискриминаторскиот основ (еден или повеќе), правото загарантирано со Уставот коешто лицето не може да го оствари на еднаква основа споредбено со друго лице/лица (компаратор), докази дека бил изложен на нееднаков (понеповолен) третман или недоволен третман во споредба со друго лице во иста или слична ситуација (релевантна споредлива ситуација), како и начинот на сторување на повредата (поединечни акти или дејствија на органите на јавната власт).

Во конкретниот случај, подносителот до Уставниот суд поднесе барање за заштита од дискриминација поради издаден Налог за извршување кон него како солидарен должник, за кој смета дека е незаконски поради сторени неправилности во извршувањето од страна на извршителот, вклучително и поради исходот на судските постапки од кои тој не е задоволен, со барање Уставниот суд да го стави вон сила, односно поништи Налогот за извршување, бидејќи смета дека извршувањето не е резултат на правилна примена на материјалното право, туку претставува чин на негово дискриминирање, односно различно постапување по основ на неговата социјална припадност, односно затоа што е пензионер.

Поради нејасна и непрецизна содржина на поднесеното барање, Уставниот суд на подносителот Кузман Цилков од Скопје, му достави допис Р.бр.33/2025 од 01.12.2025 година, со укажување за потребата од дополнување, појаснување и прецизирање на барањето за заштита на слободи и права.

Со доставениот поднесок и дополнувањето кон истиот, подносителот ги повтори истите наводи за сторени неправилности во извршувањето од страна на извршителот, односно наводите за незаконски издаден Налог за извршување И.бр.1908/24 од 15.11.2024 година, како и незаконито донесено Решение на Апелациониот суд Скопје ГЖ-2229/25 од 25.09.2025 година, наведувајќи дека слободата и правото на човекот и граѓанинот по основ на социјална припадност му се загрозени од аспект на непочитување на основните уставни одредби како што е правото на старосна егзистенција (пензионер на 66 години).

Дискриминација како недозволено разликување, подразбира неможност да се оствари конкретно право или да се практикува одредена слобода, односно кога лицето објективно ги исполнува сите правни претпоставки и услови за уживање на правото и практикувањето на слободата, но лицето не може да ги оствари поради одреден негов статус, лична карактеристика или припадност. Воедно, исполнетоста на концептот на дискриминацијата, се согледува преку докази дека лицето било изложено на нееднаков (понеповолен) третман или недоволен третман во споредба со друго лице во иста или слична ситуација.

Меѓутоа, во конкретниот случај, тврдењето за сторена дискриминација, подносителот не го поткрепи со потребните релевантни факти и докази, а отсуството на потребните факти и докази кои се суштествени кај случаите на дискриминација, е процесна пречка за постапување по барањето и причина за отфрлање на барањето, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.

Од содржината на барањето и поднесоците кон истото, всушност произлегува дека целта на поднесеното барање е Уставниот суд да се впушти во преиспитување на законитоста на издадениот Налог за извршување, што не е во надлежност на Уставниот суд и дополнителна причина за отфрлање на барањето, согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд.

Во врска со барањата за заштита на слободи и права, Уставниот суд укажува дека уставно-судскиот инструмент – барање за заштита на слобода и права, не може да се користи со интенција да се издејствува инстанционо постапување пред Уставниот суд со цел да се преиспитува фактичка и правна состојба, бидејќи барањето за заштита на слободи и права не претставува ниту редовно ниту вонредно правно средство, туку посебно правно средство за заштита на слободи и права од супсидијарен карактер, што се согледува од функционалното разграничување помеѓу надлежностите на Уставниот суд и другите судови.

Дополнително, треба да се има предвид дека истакнувањето на барање за заштита на слободи и права и заштита од дискриминација, директно пред Уставниот суд, без претходно постапување на надлежни органи, се однесува на случаите кога за сторените повреди со поединечен акт или дејство на државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа, или друг субјект што врши јавни овластувања, не се предвидени или кога не постојат други ефикасни правни средства за нивна заштита. Во врска со остварувањето на човековите права и слободи, со Законот за спречување и заштита од дискриминација, е обезбедено ефикасно правно средство – тужба за заштита од дискриминација пред надлежен суд, пред кој секој може да побара заштита во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Од изнесените причини, Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеи 1 и 3 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на барањето.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски