У.бр.162/2025

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.162/2025
Скопје, 25.03.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 25 март 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 39 став 3 во делот „нема“ од Законот за дивечот и ловството (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2023, 170/2024 и 132/2025).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Се наведува дека со оспорениот дел од Законот за дивечот и ловството, се воспоставува привилегирана состојба на концесионерот од претходниот стопански период наспрема сите оние кои треба да се впуштат во доделување на користење или доделување на концесија на дивечот, што не е во согласност со принципите на пазарната економија и еднаквоста на субјектите на пазарот, утврдени во член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот.

Станува збор за нов стопански период што подразбира нови услови и термини, ново временско важење на договорот кои услови се однесуваат на сите нови учесници при идно доделување на дивечот на користење или концесија. Со исклучок на преходниот концесионер – корисник на дивечот во ловиштето во претходниот стопански период, на кој му се дава предимство со еден единствен услов пред сите други, односно, тој е ослободен од обврската за доставување на банкарската гаранција за објектите, со што е ставен во поповолна положба во однос на останатите учесници.

Се предлага, Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата и истиот да го укине.

II

На седницата Судот утврди дека член 39 став 3 од Законот за дивечот и ловството (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2023, 170/2024 и 132/2025), предвидува дека на избраниот најповолен понудувач, по потпишување на договорот за користење на дивечот во ловиштето, банкарската гаранција од ставот (2) на овој член му се задржува и истиот е должен да ја продолжува редовно и да ја доставува до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за целиот период на важност на договорот.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 39 став 3 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 263/2023), беше предвиден исклучок од обврската утврдена во ставот 2 точка 2 од истиот член. Имено, понудувачот кој во претходниот стопански период бил корисник на дивечот во ловиштето, односно концесионер, не бил должен да достави банкарска гаранција за објектите наведени во член 9 став 4 од Законот, ниту гаранција предвидена во член 39 став 2 точка 2.

Со член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 132/2025), наведениот став 3 е изменет на начин што се утврдува обврска за избраниот најповолен понудувач, по склучувањето на договорот за користење на дивечот во ловиштето, банкарската гаранција од ставот 2 да остане задржана за времетраењето на договорот. Притоа, понудувачот е должен редовно да ја продолжува важноста на гаранцијата и истата да ја доставува до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во текот на целиот период на важност на договорот.

Според член 38 алинеја 3 од Актот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

IV

По однос на прашањата покренати со иницијативата, Судот ги анализираше измените и дополнувањата на Законот што се од влијание за утврдување на фактичката состојба и формирање на правното мислење.

Согласно член 39 став 3 од основниот текст на Законот, кој е предмет на оспорување со оваа иницијатива, се предвидува исклучок од обврската утврдена во ставот 2 точка 2 на истиот член. Имено, понудувачот кој во претходниот стопански период бил корисник на дивечот во конкретното ловиште, односно концесионер, не е должен да достави банкарска гаранција за објектите наведени во член 9 став 4 од Законот, односно не е обврзан да ја обезбеди гаранцијата пропишана во член 39 став 2 точка 2.

Со член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 132/2025), направена е измена во член 39, меѓу другите, и во став 3 на овој член, така што, ставот 3 се менува и гласи „На избраниот најповолен понудувач, по потпишување на договорот за користење на дивечот во ловиштето, банкарската гаранција од ставот 2 на овој член му се задржува и истиот е должен да ја продолжува редовно и да ја доставува до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за целиот период на важност на договорот.“

Од Собранието на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 24 јуни 2025 година, е донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за дивечот и ловството, којшто е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.132/2025 од 01.07.2025 година.

Согласно со член 13 од овој закон, истиот влегол во сила осмиот ден од денот на неговото објавување.

Во конкретниот случај, со иницијативата се оспорува одредбата од член 39 став 3 во делот „нема“ од основниот текст на Законот. Покрај тоа што во иницијативата е наведен бројот на службениот весник во кој е објавена содржината на Законот за изменување и дополнување на Законот за дивечот и ловството, не е земено предвид дека оспорената законска одредба има измена во содржината и како таква повеќе не е дел од правниот поредок, односно дека со член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за дивечот и ловството, законодавецот целосно ја променил содржината на сега оспорениот член 39 став 3 од Законот.

Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба, Судот утврди дека содржината на одредбата што е предмет на оспорување е изменета поради што постојат процесни пречки за одлучување, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски