
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.25/2025
Скопје, 18.02.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 18 февруари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛA иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 57-г став 2 од Законот за девизното работење („Службен весник на Република Македонија” бр.34/2001, 49/2001, 103/2001, 54/2002, 51/2003, 81/2008, 24/2011, 135/2011, 188/2013, 97/2015, 153/2015 и 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.110/2021 и 37/2025).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, оспорената е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Се наведува дека со член 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за девизното работење („Службен весник на Република Македонија” бр.81/2008) се додава член 57-г којшто содржи седум става.
Потоа, со член 12 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за девизното работење („Службен весник на Република Македонија” бр.110/2021), член 57-г став 2 од Законот е избришан, а согласно со став 3 од член 12 од истиот Закон за изменување и дополнување, ставовите 3, 4, 5 и 6 стануваат ставови 2, 3, 4 и 5.
Во овој контекст, се наведува дека оспорениот член 57-г став 2 од Законот предвидува дека предлогот за разрешување на член на Прекршочната комисија за случаите од ставот 2 точки 3 – 8 на овој член поднесува претседателот на Прекршочната комисија до министерот за финансии, односно гувернерот на Народната банка на Република Северна Македонија. Според ова, една иста одредба упатува на примена на самата себе, а според својата содржина може да доведе до забуна во примената, поради што не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото.
Поради горенаведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 57-г став 2 од Законот за девизно работење и истиот да го укине.
II
На седницата Судот утврди дека во член 57-г став 2 од Законот за девизното работење („Службен весник на Република Македонија” бр.34/2001, 49/2001, 103/2001, 54/2002, 51/2003, 81/2008, 24/2011, 135/2011, 188/2013, 97/2015, 153/2015 и 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 110/2021 и 37/2025), е предвидено дека предлогот за разрешување на член на Прекршочната комисија за случаите од ставот 2 точки 3 – 8 на овој член поднесува претседателот на Прекршочната комисија до министерот за финансии, односно гувернерот на Народната банка на Република Северна Македонија.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
IV
Со иницијативата се оспорува уставноста на член 57-г став 2 од Законот за девизно работење.
Од анализата на наводите во иницијативата и одредбите од Законот произлегува дека станува збор за номотехнички пропуст и истиот е направен со член 12 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за девизното работење („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.110/2021), со кој став 2 од член 57-г од Законот е избришан. Додека со став 3 на овој член од истиот Закон за изменување и дополнување, ставовите 3, 4, 5 и 6 на членот 57-г станале ставови 2, 3, 4 и 5.
Притоа, новата содржина на член 57-г став 2 од Законот гласи како што е утврдено во точка II на ова решение.
При ваква ситуација, врз основа на уставните надлежности, законодавецот требало со донесување на измените на Законот соодветно да интервенира во новата содржина на оспорената одредба со цел истата да не упатува на примена на самата себе.
Oд анализата на содржината на оспорената одредба, јасно произлегува дека во конкретниот случај станува збор за јазична и номотехничка неконзистентност, којашто со системско толкување на целините на законските одредби е воочлива, поради што не може да се доведе во прашање уставноста на оспорената одредба со владеењето на правото.
При ваква состојба, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата бидејќи наводите во иницијативата се сведуваат на барање за постапување на Уставниот суд, за прашање за коешто надлежен е законодавниот орган којшто ги креира, изменува и дополнува законите коишто ги донесува.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски