У.бр.31/2007

Не се пронајдени зборови

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 9 јануари 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 12-а став 4 и член 12-б од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2002 и 60/2006).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Филип Пејчиновски и Дијана Сеферова од Скопје, со Решение У. бр. 31/2007 од 12 септември и 26 септември 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 12-а став 4 од Законот за адвокатурата, бројот на предметите, наставните програми и оценувањето на адвокатскиот испит се утврдува со акт на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија.

Согласно член 12-б став 1 од Законот, не е достојно за вршење адвокатска дејност лицето кое е осудено со правосилана судска пресуда за кривично дело против државата со ефективна казна затвор од над шест месеци додека траат правните последици на осудата. Според ставот 2 на истиот член, не е достојно за вршење адвокатска дејност ниту лицето чие претходно однесување или дејност не гарантира дека тоа совесно ќе ја врши адвокатската дејност. Согласно став 3 на овој член, ако барањето за упис во Именикот на адвокатите е одбиено затоа што подносителот на барањето е недостоен за вршење на адвокатска дејност заради причините наведени во ставовите 1 и 2 на овој член, новото барање за упис може да се поднесе пред истекот на рокот од две години од правосилноста на одлуката со која барањето е одбиено.

5. Според член 8 став 1 али­неите 1, 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, вла­де­ењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Од содржината и значењето на наведените уставни одредби произлегува дека со утврдувањето на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, се изразува јасната определба дека правната помош дадена од стручно-квалификувана, самостојна и независна служба е основна гаранција за остварување и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во функција на операционализација на оваа уставна определба, со Законот за адвокатурата, адвокатурата е определена како самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош согласно овој и друг закон.

Според членот 5 од овој закон, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.

Согласно член 6 став 1 од истиот закон, адвокатската дејност ја вршат адвокати кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија.

Според членот 10 од овој закон, правото на вршење на адвокатска дејност согласно со овој закон се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија, по што на упишаниот адвокат ме се издава лиценца за работа.

Имајќи го предвид значењето на адвокатурата во пружањето правна помош и заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, според Уставниот суд, право е на законодавецот да создаде нормативни претпоставки со кои ќе се обезбедат оптимални предуслови за стручно и квалитетно извршување на оваа значајна јавна служба, во која смисла и да ги определи условите под кои едно лице може да стекне право да врши адвокатска дејност.

Така, законодавецот утврдил дека адвокатската дејност ја вршат адвокати, а правото на вршење адвокатска дејност се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија, по што на упишаниот адвокат му се издава лиценца за работа.

Условите за запишување во Именикот на адвокатите се утврдени во член 12 од Законот. Покрај исполнување на општите услови за засновање работен однос во органите на државната управа, за упис во Именикот на адвокатите лицето треба да ужива углед и да е достојно за вршење на адвокатската дејност. Освен наведените услови, законодавецот утврдил и други посебни услови што треба да ги исполни лицето за да може да биде запишано во Именикот на адвокатите, односно да врши адвокатска дејност. Тоа се: лицето да е државјанин на Република Македонија; да е деловно способно; да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од правен факултет во странство; најмалку две години по дипломирањето да работело на стручно оспособување и усовршување во адвокатска канцеларија или на правни работи во правосудните институции или најмалку три години на други правни работи; активно да го зборува македонскиот јазик; да има положено правосуден испит во Република Македонија; да има положено адвокатски испит; да не е правосилно осудено на казна забрана на вршење дејност, професија или должност, за време на траење на таа казна; да не е во работен однос и да не врши работи кои се неспојливи со адвокатурата.

Положениот адвокатски испит претставува еден од посебните услови за вршење на адвокатската дејност што законодавецот ги пропишал во член 12 алинеја 7 од Законот. Притоа, законодавецот, во членот 12-а од Законот, определил дека адвокатскиот испит се спроведува два пати во годината, дека се спроведува во Адвокатската комора на Република Македонија пред комисија составена од пет адвокати, дека бројот на предметите, наставните програми и оценувањето на испитот се утврдува со акт на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија, при што утврдил дека при определувањето на содржината на адвокатскиот испит, не смее да биде опфатена содржината на правосудниот испит, за да се избегне повторно полагање на правната материја која била опфатена со правосудниот испит.

Од анализата на наведените законски одредби, како и од содржината на Законот во целина, произлегува дека законодавецот определил што не треба да биде содржина на адвокатскиот испит, но не определил што треба да содржи овој испит, ниту определил поблиски критериуми за определување на содржината на испитот. Напротив, законодавецот определил дека Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија е овластен да го определи бројот на предметите, наставните програми и оценувањето на испитот, без да определи рамки во кои таа може да се раководи.

Во однос на ова прашање, Судот имаше предвид дека законодавецот, утврдувајќи го полагањето на правосудниот испит како еден од условите потребни за извршување на адвокатската дејност, со посебен Закон за правосудниот испит („Службен весник на СРМ“ бр. 26/1980 и 7/1988), го уредил правосудниот испит, неговата содржина и начинот на неговото полагање.

При вакава состојба, според Судот, законодавецот, со тоа што наместо со закон да ја утврди содржината на адвокатскиот испит, како еден од условите за вршење на адвокатската дејност, оставил содржината на адвокатскиот испит да ја определи Адвокатската комора, со единствено ограничување дека во содржината на испитот не смее да биде опфатена содржината на правосудниот испит, без определување на други критериуми за определување на содржината на испитот, ги надминал уставните рамки од член 53 од Уставот, според кој адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, а не во согласност со акт на Адвокатската комора, како што произлегува во случајов.

Поради тоа, Судот оцени дека член 12-а став 4 од Законот за адвокатурата не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 53 од Уставот на Република Македонија.

6. Достојноста за вршење на адвокатска дејност е исто така еден од условите за запишување во Именикот на адвокатите, утврден во член 12 од Законот, кој се разработува во член 12-б од Законот.

Имајќи ја предвид содржината на одредба во ставот 1 на членот 12-б, според која осуденоста за кривично дело против државата со ефективна казна затвор над шест месеци е ограничувачки фактор лицето да врши адвокатска дејност, по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, Судот оцени дека со одредбата се врши ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настапува по сила на закон.

Од овие причини, иако одредбата посебно не е оспорена со иницијативата, Судот оцени дека се исполнети условите за оценување на нејзината уставност, при што како основен критериум го имаше во вид постоењето на двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или со друг пропис. Тоа, со други зборови значи дека согласно наведените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпува на релаци­јата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Оттука, ако се има во вид фактот дека со наведената законска одредба се утврдува недостојност за вршење на адвокатска дејност поради осуда за кривично дело против државата, додека траат правните последици на осудата, а со тоа се врши ограничување на правото за вршење адвокатска дејност, според Судот, ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, однос­но казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај произлегува дека со наведениот дел од законската одредба, по сила на законот, а не како казна (по забрана) што ја изрекува судот во рамките на видовите на кривичните санкции, постои забрана за лицето да врши адвокатска дејност, Судот оцени дека одредбата од член 12-б став 1 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 25 и член 51, а во врска со член 54 од Уставот.

Определбата искажана во ставот 2 на член 12-б од Законот, според која не е достојно за вршење адвокатска дејност лицето чие претходно однесување или дејност не гарантира дека тоа совесно ќе ја врши адвокатската дејност, според Судот, претставува широко, недефинирано дискреционо право на Комората, насочено кон дигнитетот на поединецот.

Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и на угледот.

Почитувањето на достоинството и угледот на граѓанинот во себе не ја содржи само обврската луѓето во меѓусебните односи да се почитуваат, туку ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на приватноста поаѓајќи од фактот што со самото тоа што се работи за човечко суштество со него треба да се постапува со уважување на неговото достоинство и углед.

Поаѓајќи од фактот дека принципот на владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, под што треба да се подразбере доминација на објективизирана правна норма, според Судот, нужно мора да се утврдат објективни факти и услови поврзани со остварување на некое право, во која сфера влегува и правото на вршење адвокатска дејност.

Имено, Судот оцени дека оспорената одредба не содржи објективизирани мерила за тоа кој не е достоен да врши адвокатска дејност, односно кое претходно однесување или која дејност што претходно ја вршел го прави човекот недостоен за вршење адвокатска дејност. Тоа одредбата ја прави нејасна, недоволно дефинирана и определива, така што во отсуство на прецизни и јасни критериуми, остава простор за арбитрерност со што го доведува во прашање начелото на владеење на правото. Поради наведеното, Судот оцени дека член 12-б став 2 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 25 од Уставот.

Тргнувајќи од тоа дека од содржината на ставот 3 на членот 12-б од Законот произлегува дека со истиот се уредува постапката за упис во Именикот на адвокатите во случаите кога подносителот на барањето за упис бил одбиен од причини на недостојност утврдени согласно став 1 и 2 на истиот член, за кои Судот оцени дека се неуставни, според Судот, постоењето на овој став е во директна поврзаност со содржината на претходните два става, поради што ја дели судбината на истите и неговото самостојно опстојување во правниот поредок би било беспредметно и во крајна линија, би значело повреда на начелото на владеење на правото, поради што Судот оцени дека и овој став не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.31/2007
9 јануари 2008 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
Уставниот суд на на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски