Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски оствари работна средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава Н.Е. Петра Дрекслер

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски и судијата Татјана Васиќ-Бозаџиева остварија работна средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава Н.Е. Петра Дрекслер. 

На средбата беше изразено взаемно задоволство од досегашната соработка со германската амбасада, преку проектите со кои се промовира унапредување на слободите и правата на граѓаните и зајакнување на владеењето на правото. 

Претседателот Костадиновски најави дека ќе се залага за воведување на уставна тужба во Република Северна Македонија, како еден од приоритетите во неговиот мандат и искажа благодарност до амбасадорката Дрекслер за поддршката и активностите со кои во изинатиот период се промовираше потребата од воведување на инструментот уставна тужба.

Во насока на продлабочување на соработката со СР Германија, претседателот Костадиновски упати писмо и отворена покана за посета на Судот до претседателот на Федералниот уставен суд, проф. д-р Штефан Харбарт. 

Амбасадорката Дрекслер нагласи дека е задоволна од досегашните заеднички активности и најави поддршка за идна соработка со германски организации и експерти од областа на уставното право.