Укината Одлуката за донесување на ДУП на Општина Центар од 2014 година

Уставниот суд на денешната седница одлучи да ја укине Одлуката со која на 18 јули 2014-та година  Советот на општина Центар го донесе Детален урбанистички план Градска четврт Ј 07  со локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило, Цвеќара.  

Судот оцени дека Одлуката за ДУП на Општина Центар е спротивна на Законот за локална самоуправа, поточно со членот 62 став 2 од овој закон. Уставниот суд оцени дека  не било обезбедено потребното мнозинство од 12 гласа ЗА, како што предвидува законот. 

Да појаснам, согласно правното мислење на Судот, од вкупно 23 члена колку што броел Советот на Општина Центар присутни биле 12 члена, од кои  ЗА донесување на Одлука за Деталниот урбанистички план гласале 11 члена, а еден бил воздржан. 

Уставот во својот член 110 предвидува дека прописите треба да бидат во согласност со Законите, што не е случај во конкретната ситуација. Судот оцени дека со донесувањето на таа Одлука за Деталниот урбанистички план во Општина Центар е  нарушена  една од темелните вредности на уставниот поредок а тоа е владеењето на правото. 

Согласно денешната одлука на Уставниот суд, Општина Центар нема да  може да издава одобренија за градби за конкретните локации кои се опфатени со Деталниот урбанистички план, бидејќи тој ДУП не постои од денот кога ќе биде објавена одлуката на Судот во Службен весник. 

Подносител на иницијативата е Томе Симоновски, граѓанин од Скопје.