С О О П Ш Т Е Н И Е до јавноста

С О О П Ш Т Е Н И Е
до јавноста

1. Во врска со Одлуката за укинување на член 26 од Законот за
основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008),
донесена од Уставниот суд на Република Македонија на 15 април 2009 година, која
се однесува на верското образование во основните училишта, очигледна е невидена
реакција од различни субјекти, почнувајќи од триумфализмот на иницијаторот –
Либерално демократска партија изразен во изјавата на Андреј Жерновски, преку
огорченоста на ВМРО-ДПМНЕ изразена во изјавите на Влатко Ѓорчев, Илија Димески,
Светлана Јакимовска и во пишаните соопштенија на Партијата, гневот на
Македонската Православна Црква изразен во изјавите на гг. Стефан и владиката
Тимотеј, како и гневот на Исламската верска заедница изразен во изјавата на
Јакуп Селимовски, до револтот на „Унијата на студенти“, Здружението на егејците
од Прилеп . . . изразен со изјави и транспаренти и до жестокото „бранење“ на
Судот од страна на СДСМ изразено со изјави. Интензитетот на реакциите е толкав
што против уставните судии беа употребени изразите како „ленинисти“, „Јуда“,
„антихристи“, „противници на верата“, „марионети“ и слично. „Одбраната“, пак,
на уставните судии имаше реакции со толкав интензитет што беа употребени изрази
против власта како „владеење како во поранешниот Советски Сојуз и Северна
Кореја“.
2. По повод овие реакции, Судот укажува дека директна основа за
донесувањето на укинувачката одлука на Судот е Амандман VII точките 1 и 2
според кои „… верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата“ и
„…верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски
училишта …“.
Уставниот суд, пак, како орган на Републиката, ја штити уставноста и
законитоста (член 108), а неговите одлуки се конечни и извршни (член 112 став
3), што значи дека не можат да се оспоруваат и мораат да се спроведат.
3. Имајќи ја предвид уставната положба и надлежност на Судот,
изнесените реакции во врска со одлуката за верското образование во основните
училишта, како и по други одлуки на Судот (фискалните „патриотски“ сметки,
родителски додаток за второ, трето и четврто дете, …) се всушност непримерен
притисок и обид за дискредитација на Уставниот суд како највисока правна
институција во државата. Тоа понатаму значи обид за обезвреднување на уставните
определби, па и на уставното начело на владеењето на правото.
Но, и покрај тоа Уставниот суд останува непоколеблив и доследен на
својата уставна положба и надлежност да го штити Уставот на Република
Македонија.

21.04.2009 година,
С к о п ј е

Служба за информирање
на Уставниот суд на Република Македонија