Судијата Осман Кадриу одликуван со Повелба за животно дело

Уставниот судија д-р Осман Кадриу e одликуван со Повелба за животно дело на традиционалните Пелагониски културно-научни средби. Со ова признание се стекна поради неговиот придонес во развојот на наставно-научната мисла во Републиката и нејзина промоција на меѓународно ниво. 

„Особена чест и задоволство ми е Вашето признание, затоа што вие сте гласот на граѓаните, ги застапувате нивните идеи, заложби за поквалитетно образование, и на крајот заложбите да бидат достојно претставувани преку промоцијата на научната мисла како непроценливо богатство за оваа држава. Секое признание за мене е посебно и го прифаќам со огромна почит, затоа што тоа е  мотивација за идно академско творење и преточување на научната мисла во плодна и квалитетна практика која ги држи цврсто темелите на правната држава и владеењето на правото”, кажа судијата Кадриу”.

Настанот е поддржан и реализиран во Општина Новаци и традиционално се одржува од 2001 година до денес. 

„Заслужува да се подвлече дека професорот Кадриу на факултетите за правните науки во универзитетите каде бил ангажиран изведувал настава по повеќе од десет предмети сметано од првата година па се до последната година на студиите. Професорот Кадриу изведувал настава по конкретните правни предмети од граѓанскоправната област и на македонски јазик. На универзитетот ФОН и во конкретна академска година 2010 – 2011, од страна на студентите и на референдум (што значи со тајно гласање) професорот Кадриу е избран како најдобар професор на Универзитетот,” потенцираше д-р Весна Калпаковска, претседател на Пелагонски културно – научни средби Новаци.

Пред да биде избран за судија во Уставниот суд во 2018 година, д-р Осман Кадриу е професор на Правниот факултет при Универзитетот ФОН од 2006 година. Се занимава со научно-истражувачка дејност и автор е на девет книги и повеќе од 100 библиографски единици од областите: граѓанско-правна област, уставно право и трудово право. Трудовите се објавувани и во меѓународни списанија, на македонски, албански српски и англиски јазик. Работел како судија на Општинскиот суд Кичево, член на Републичкиот судски совет, адвокат, в.д. декан на Правниот Факултет на Државниот Универзитет во Тетово, професор на Педагошкиот факултет при Универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје, претседател на Хелсиншкиот Комитет за заштита на човековите права и слободи на Република Македонија итн.