Соопштение од одлученото по т.н. Закон за ратификација на Преспански договор и прес конференција на претседателката Добрила Кацарска

Уставниот суд денеска едногласно одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817(1993) и 848(1993) на Советот за безбедност на Обединети Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните. Исто така Судот одлучи да ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на Указот со кој е прогласен овој закон и да ја отфрли иницијативата за оценување на законитоста на претходните два акти и нивната усогласеност со член 3 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори и Виенската конвенција за договорно право.

Уставниот суд оцени дека Законот за ратификација на Договорот е во согласност со Уставот, што значи останува дел од правниот поредок на државата.

За овој предмет беше спроведена темелна постапка, подготвителна седница и сеопфатна анализа на уставно-судската пракса. По завршувањето на седницата претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска одржа прес конференција на која изнесе дел од аргументите на Судот во оценувањето на оспорените акти, но и одговори на прашања кои беа поставувани во јавноста изминатите години во врска со процедурата и формата на т.н Закон за ратификација на Преспанскиот договор.

Во продолжение целосната изјава на претседателката Кацарска:

„Уставниот суд цени дека Указот не содржи правни норми, не е пропис, тој е дел од процедурата и кога Уставниот суд укинува или поништува закон, Указот не се укинува посебно. Како пример на ова што го тврдам е веќе заземениот став на Уставниот суд во предметот во кој не беше поведена постапка за Законот за јавното обвинителство. Во овој случај од мај годинава, Уставниот суд ја отфрли иницијативата со истото образложение за Указот, дека не претставува пропис.

Поголем дел од дискусијата денеска се водеше и за непотпишувањето на Указот од страна на претседателот на Републиката, односно за неговата должност согласно членот 75 став 3 од Уставот,  да го потпише Указот.

Во поширок контекст, во духот на Уставот и неговата примена,  волјата на пратениците се персонифицира со волјата на граѓаните, наспроти волјата на само еден човек.

Бидејќи системот на владението на власта во нашата држава е парламентарна демократија, а не монархија, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и Уставот и законите важат подеднакво за сите па дури и за претседателот кој според членот 51 став 2 е должен да ги почитува.

Уставот е многу јасен и не остава простор за манипулации.

Ќе споделам пример од уставно-судската пракса на овој Суд, од 1996 година кога не се поведе постапка за оценување на уставност на член 1 од Законот за ратификација на Привремената спогодба помеѓу Република Македонија и Република Грција, склучена во Њујорк 1995 година.

Следен аспект кој подлежи на анализа во овој предмет е рокот на потпишување на Указот.

Можеби некој ќе рече дека во Уставот не е предвиден рок во кој тој требал да го потпише Указот на повторно доставениот закон, но сметам дека тука нема ништо проблематично. Имено, неспорно е дека претседателот на Републиката треба да го потпише Указот во рок од 7 дена, кога прв пат му се доставува законот чијшто рок е предвиден во членот 38 од Законот за Собранието на Република Северна Македонија, а потоа е должен да го потпише. Меѓутоа, тој ја злоупотребил уставната недореченост каде не е пропишан рокот, а од друга страна Републиката презела меѓународни обврски согласно Договорот. Иако му бил оставен подолг период, тој сепак не потпишал, а Указот е објавен без негов потпис. Треба да се цени и фактот дека овој Договор се доставува и до Организацијата на Обединети Нации и потпишан од посредникот, во својство на сведок, Метју Нимиц.

Закон може еднаш да се прогласи, а во конкретниот случај истиот е прогласен. Уставот ја остварил целта, законот е прогласен.

Следен аспект по којшто Уставниот суд се произнесува е членот 110 од Уставот, а тоа е нашата надлежност за меѓународните договори. Имено, Уставниот суд нема надлежност да одлучува за согласноста на меѓународните договори со Уставот, што значи дека нема услови во впуштање во анализа на основаноста на наводите од иницијативите кои се однесуваат на содржината на Спогодбата.

Под претпоставка да се укине Законот, Договорот сепак останува. Уставниот суд нема надлежност да цени меѓународни договори како што е тоа случај во Република Србија на пример, кадешто Уставниот суд има надлежност да оценува согласност на ратификувани меѓународни договори со Уставот, предвидено во членот 167 став 2 од нивниот Устав.

Уставниот суд единствено може да цени дали Законот за ратификација е донесен во пропишана процедура и форма од страна на уставно овластено тело, а тоа е Собранието. Судот не навлегува во содржината на меѓународниот договор. Дури и да се укине или поништи Законот за ратификација на договорот, таканаречениот Преспански договор, а и секој меѓународен договор останува во сила и произведува меѓународна правна обврска за државата се додека не се измени, раскине или поништи согласно меѓународните правила за договорите меѓу државите”.