Работна средба на претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати со заменик министерот за надворешни работи на Република Словачка, г. Мартин Клус

Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, г. Сали Мурати, денес оствари работна средба со заменик министерот за надворешни работи на Република Словачка, г. Мартин Клус.

Претседателот Мурати, ја презентираше уставната положба и начините преку кои се остварува самостојноста и независноста на Судот, како и надлежностите на Судот, а посебно оценувањето на уставноста и законитоста на пониските правни акти, како и заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Покрај ова, се осврна и на улогата на Судот во тековниот процес на евроинтеграција на Република Северна Македонија и можноста за размена на искуства во овој дел со словачкиот Уставен суд.

Заменик министерот за надворешни работи на Република Словачка, г. Мартин Клус, изрази благодарност за приемот и поддршка за остварување на идна соработка со Уставниот суд на Република Словачка.