Примени иницијативи за периодот од 28 февруари до 4 март 2022

Во периодот од 28 февруари до 4 март до Уставниот суд беа поднесени две иницијативи по кои беа оформени следните предмети:

У.бр.19/2022

Подносители: Весна Кочовска и Јосиф Перчинков

Се оспорува членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи („Службен весник на РСМ” бр.151), конкретно се оспоруваат зборовите „доколку со друг закон поинаку не е уредено”. Според подносителите оспорениот дел е спротивен со членот 9 од Уставот, односно е во спротивност со правото на граѓаните на еднаквост пред Уставот и законите.

Подносителите сметаат дека : „дискриминацијата што произлегува од оспорениот член создава противуставна разлика, односно законски дозволува право на работниците кои ќе наполнат 64 години возраст, 15 години пензиски стаж и врз кои се применуваат одредбите од други закони во кои е поинаку уредена оспорената одредба да ползуваат привилегија во системот и тоа не според системот на индивидуална заслуга, туку според начелото на дискриминација”

У.бр/20/2022

Подносител: Игорчо Точев од Кочани

Се оспоруваат делови од членови во  Законот за заштита од ескплозивни материи, кои според подносителот се спротивни со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Наведените членови подносителот ги оспорил како неправилно направени измени и надополнувања на оспорените одредби кои доведуваат до правна несигурност и забуна во примена на одредбите.