Костадиновски: Уставно-правната, судската и политичката култура во фокусот на соработката меѓу Уставниот суд и Правниот факултет „Јустинијан Први”-Скопје

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први,” проф.д-р Сашо Георгиевски денеска потпишаа Меморандум за соработка.

Со овој Меморандум почнува реализирањето на еден од врвните приоритети на претседателот на Уставниот суд, д-р Костадиновски, којшто при преземањето на функцијата најави дека ќе се заложи за интензивирање на соработката и интеракцијата на Уставниот суд и науката.

„За мене најважно е да ја слушнеме правната мисла за важните уставно – правни теми и дилеми, кои ни се појавуваат секој ден при работата на секој предмет, на секоја седница. Идејата е да си помогнеме едни на други – правната мисла да ни помогне нас како судии за да го подигнеме и кредибилитетот и угледот на Уставниот суд, но од друга страна и ние да му помогнеме на Правниот факултет кој е најстрар најемнинентен субјект во нашата држава, да помогнеме и на неговиот кредибилитет и углед, рече  претседателот на Уставниот суд, д-р Костадиновски.”

Деканот на Правниот факултет, проф.д-р Георгиевски го изрази своето задоволство од соработката најавувајќи силна и активна поддршка од фелата за суштински општествено-правни прашања, со акцент на темите од уставното судство.

„Не случајно Уставните судови во светот во своите редови имаат и претставници од Академијата и истакнати правници кои објавувале трудови и се занимавале со научна дејност. Ние веќе утврдивме агенда како ќе соработуваме што говори за желбата и подготвеноста за соработка, ” изјави деканот Георгиевски.”

Меѓу активностите предвидени во рамки на Меморандумот се:

– организирање посети на студенти на додипломски, постдипломски и

докторски студии, со присуство на седниците на Судот и презентација на неговата работа од страна на претставници на Службата на Судот;

– воспоставување програма за волонтирање на студенти во Судот;

– воспоставување програма за спроведување истражувања на студенти на

постдипломски и докторски студии во Судот;

– заедничко аплицирање за проекти од областа на уставното право,

уставното судство и уставната заштита на слободите и правата на човекот и

граѓанинот утврдени со Уставот пред домашни и странски донатори;

– учество на претставници на Правниот факултет при подготовка на посебните извештаи од член 13 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија;

– издавање зборници на научни и стручни трудови од областа на уставното

право, уставното судство и уставната заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени во Уставот;

– заедничко организирање работилници, конференции и слични настани за прашања од уставното право, уставното судство и на слободите и правата на

човекот и граѓанинот утврдени со Уставот;

– воспоставување соработка за ангажирање научни работници во работата на Судот

– учество на претставници на Правниот факултет на конференции.

Соработката помеѓу Судот и Правниот факултет  ќе се остварува преку редовна координација на претставници на страните која ќе се одржува најмалку еднаш на секои три месеци.