Дневен ред за 38. седница закажана за 30 ноември 2022 година

Уставниот суд на 30 ноември, 9:30 часот 2022 година ќе ја одржи 38. седница со дневен ред за кој се предвидени осум предмети за оценување на уставност и законитост. Шест од предметите се со исцрпена дискусија и се во фаза на гласање бидејќи претходно не добиле мнозинство гласови. 

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Реферат У.бр.53/2021

Член 244-а став 1 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014-исправка, 41/2014-исправка, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017 и 248/2018)

Подносител на иницијативата: Елизабета Цветковска, адвокатка од Куманово

Содржина на оспорената одредба: (Бесправно градење)

Член 244-а

(1) Тој што гради или изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган, ќе се казни со затвор од три до осум години.

Oд наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата смета дека спротивно на обврската на државата да не допушта дискриминација, привилегии и повластувања, со оспорената одредба на членот од Кривичниот законик, одредена група на граѓани се ставени во нерамноправна положба пред Уставот и законите. Се наведува дека за една група на граѓани се овозможуваат привилегии и повластувања поради можноста да го остварат своето право на утврдување на правен статус на бесправно изграден објект согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти додека, за друга група на граѓани, бесправното градење претставува кривично дело за кое се предвидени строги казни. Подносителот наведува дека со сите аргументи ова е спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. 

2. Реферат У.бр.4/2022

Oспорен: Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/2021)

Подносител: Стопанска комора на Северна Македонија

Дел од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека оспорениот закон кој се однесува на уредување на работата во недела е спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Во иницијативата се наведува дека Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи го уредува користењето на неделен одмор преку воведување на забрана за работа во недела и притоа таксативно ги набројува исклучоците на одредени дејности кај кои неделниот одмор може да се користи во друг ден во неделата и се укажува дека ова законско решение не е во полза ниту на економските субјекти, ниту на работниците и директно задирало во темелните вредности на уставниот поредок на државата. Според подносителот со ова законско решение работодавачите од економските дејности на кои им се забранува работа во недела (неметалните минерални производи) и имаaт еднаква правна положба од аспект да ги намируваат данокот и другите јавни давачки кон државата кои се утврдени со закон и се ставени во нееднаква правна положба со работодавачите од економските дејности на кои им е дозволено да работат во недела, од аспект да остваруваат приходи и добивка.

3.Реферат У.бр.128/2019

Оспорен акт и одредби: Член 174 ставови 8 и 9 и член 176 став 3 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018).

Подносител на иницијативата: Ѓорѓи Илиевски 

Се оспоруваат членовите 174 ставови 8 и 9 и член 176 став 3 од Законот за високото образование како неусогласени со конкретниот член од Уставот кој бил операционализиран со членот 151 од Законот за работните односи. Подносителот на иницијативата смета дека оспорените законски одредби не се во согласност со Уставот кој во членот 89 став 5 предвидува дека функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии.

4. Реферат У.бр.266/2020

Оспорен акт: „Прв заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за координација  на политичките прашања на ресорите“ во насловот на  Глава II, членовите 5 и 6  од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2001, 98/2002, 9/2003, 47/2003, 64/2003, 67/2003, 51/2006, 5/2007, 15/2007, 26/2007, 30/2007,58/2007, 105/2007, 116/2007129/2007,157/2007,26/2007,30/2007,58/2007,105/2007,116/2007,29/2007,157/2007,29/2008,51/2008,86/2008,144/2008,42/2009,62/2009,41/2009,162/2009,40/2010,166/2010,172/2010,95/2011,151/2011,70/2011,67/2013,145/2014,62/2015,41/2016,153/2016,113/2017,228/2019 и 72/2020).

Подносител на иницијативата: Светски македонски конгрес

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека согласно член 89 став 1 со Амандманот XXIII од Уставот, Владата ја сочинуваат претседател и министри, а во ниту една одредба од Уставот не се зборува за „заменик на претседателот на Владата“  или за „прв заменик на претседателот на Владата“ или за  „заменици на министри“ или за „дополнителни заменици на министри“. 

Во иницијативата се наведува дека со функцијата „прв заменик на претседателот на Владата на Република Македонија“ се нарушува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок утврдено во член 8 став 1 алинеја 3, се крши членот 51 од Уставот  според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

5. 47/2017

Оспоренa: Одлука за избор на Претседател на Собранието на Република Македонија, бр.08-1108/1 од 2 мај 2017 година („Службен весник на Република Македонија” бр.53/2017), донесена од Собранието на Република Македонија)

Подносители: Тодор Петров од Скопје, претседател на Светски Македонски Конгрес, Васко Лазески, Богдан Илиевски и Борис Дамовски и Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе

Во иницијативата е наведено дека оспорената Одлука е потпишана од неовластено лице во својство на заменик претседавач на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија. Подносителот смета дека оспорената одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија не е во согласност со членот 63 став 1 од Уставот поради тоа што Одлуката не била донесена на седница на Собранието на која требало да претседава претседателот на Собранието од претходниот состав кој ја свикува конститутивната седница на Собранието не подоцна од 20 дена по одржаните избори на 11 и 25 декември 2016 година. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека оспорената одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија, фактички била донесена по затварање на седницата на Собранието на 27 април 2017 година, од страна на неопределен број пратеници, и со тоа биле сторени повеќе кривични дела согласно Кривичниот законик. Оспорената одлука била потпишана од пратеникот Горан Мисовски, кој не бил претседавач на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија и како таква Одлуката која воедно била и објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2017 на 8 мај 2017 година била во спротивност со Уставот, Законот за Собранието на Република Македонија и Деловникот на Собранието на Република Македонија.

6. Реферат У.бр.37/2022

Оспорена одредба: Одлука на Совет на Општина Ново Село бр.08-288/1 од 03.02.2022 година 

Подносител на инцијативата: Ѓорѓе Божинов, градоначалник на Општина Ново Село

Од наводите во иницијативата: 

Според подносителот на иницијативата, во делот на оспорувањето на законитоста e повреден членот 20-б од законот за вработените во јавниот сектор кој ја регулира постапката за донесување на Годишниот план за вработување во јавниот сектор кој важи и за општините. Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека општината се придржува кон овој член од Законот, Советот на општината дал позитивно мислење на Предлог-планот, градоначалникот го донел и како таков му било дадено позитивно мислење во законскиот рок и Годишниот План за вработување во Општина Ново Село кое за 2022 година е во сила. Имено, според подносителот на иницијативата, Законот за вработените во јавниот сектор не познава термин стопирање или запирање како и наложување на Градоначалникот на Општина Ново Село повторно да доставува план за вработување на веќе постоечки план за вработување со сите согласности, а предлогот да произлегува од друг орган освен од Градоначалникот. Ваквите незаконити одлуки се наведуваат како противуставни.

7.Реферат У.бр.53/2022

Оспорен акт: Одлука за донесување урбанистички план вон населено место Лагадин-Пештани, за Блок 3 и дел од Блок 4, КО Пештани, Општина Охрид,  Плански период 2012-2022 („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.1/2015).

Подносител на иницијативата:Наташа Шурбановска 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека со одлуката е донесен Урбанистички план вон населено место Лагадин-Пештани , општина Охрид плански период 2012-2022(Автокамп Елешец) со намена изградба на објекти за времено сместување, хотелски комплекси и комерцијално деловни објекти во заштитено подрачје на Охридското езеро. Според подносителката со донесената Одлука бр.08-689/6 со која се урбанизира простор во заштитеното подрачје на Охридскиот регион заради изградба на повеќе објекти меѓу кои и хотелски комплекс е спротивна на членовите 4, 5 и 6 од Париската Конвенција за заштита на светското културно и природно наследство, членовите 6, 8 и 9 од Законот за управување на светското природно и културно наследство, член 4 од Законот за урбанистичко планирање и Просторниот план за Охридско-Преспанскиот регион за 2005-2020, како и членот 8 од Законот за водите.

8. Реферат У.бр.64/2022

Оспорена одредба:  Последен став од Програма за дополнување на програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Делчево за 2022 година, донесена на 15.03.2022 година од Советот на Општина Делчево,  објавена во Службен гласник на Општина Делчево бр. 3 на 16.03.2022 година.

Подносител на инцијативата:ДТПУ ГЕО СОЛАР ДОО увоз-извоз Делчево, преку полномошник  адвокат Николчо Атанасовски од Делчево.

Содржина на оспорениот став од Програмата: „Оваа измена и дополна на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Делчево за 2022 година стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен гласник на Општина Делчево“.

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека е противуставен оспорениот дел бидејќи определеното со Програмата според која истата стапува во сила веднаш со нејзиното донесување на 15.03.2022 иако истата е објавена во Службен гласник на Општина Делчево на ден 16.03.2022 година. Во иницијативата се наведува дека според вака определеното програмата влегла во сила пред нејзино објавување.