Дневен ред за 38. седница на Уставниот суд закажана за 25 октомври 2023 година

Уставниот суд ќе ја одржи 38. седница на 25 октомври 2023 година во 9:30 часот со дневен ред на кој се предвидени четири иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права. 

  1. У.бр.15/2023

Оспорен: Член 107 став 2 од Законот за електронски комуникации и член 13, 28 ставови 15 и 16, член 29 ставови 13, 14 и 38 во делот „односно за достигнување на вкупен износ од 3000 денари со вклучен ДДВ” од Правилникот за видот и содржината на податоците и информациите за општите услови во однос на пристапот и користењето на јавните комуникациски услуги кои ги објавуваат операторите и за видот и содржината на податоците што ќе ги објавува Агенцијата за електронски комуникации.

Подносителка: Александра Илиева Милчова адвокатка

Од наводите во иницијативата:

Подносителката на иницијативата наведува дека оспорените одредби се во спротивност со владеењето на правото, слободата на пазарот и претприемништвото. Се наведува дека дека корисниците се во нерамноправна положба во однос на операторите бидејќи се овозможува еднострана примена на условите само за операторот, а не и за граѓанинот. Според наводите претплатникот склучува договор и плаќа, а за возврат добива услуги по наведени цени во договорот иако тие услови може да се променат во секое време без знаење на претплатникот и да му  бидат доделени нови услуги по нови цени под временски обврзувачки договор, а неговото непроизнесување по такво известување значи и прифаќање.

  1. У.бр.90/2023

Оспорен: Упатство за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи; уверенија; преписи и копии врз основа на матичните книги: водење постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги од 29.05.2023 година.

Подносител на иницијативата: Политичка партија “Левица”

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата смета дека оспореното Упатство е неуставно и спротивно на меѓународните норми и стандарди за заштита на човековите права и дека во ниту една држава во Европа нема таква пракса, да во официјални документи граѓаните се обврзани да ги изразуваат личните чувства на етничка припадност. Се наведува дека националната припадност на граѓаните е емпириски непроверлив податок и нема како да се докаже, па со тоа е и непотребен податок во изводите. 

  1. У.бр.158/2023

Оспорен: Член 49-б алинеја 2 од Статутот на Град Скопје

Подносител на иницијативата: Уставен суд на Република Северна Македонија

4.У.бр.62/2023

Оспоренa:  Oдлука на Совет на Општина Македонска Каменица бр.08-400/1;

Подносител на иницијативата: Градоначалник на Општина Македонска Каменица Димчо Атанасовски

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека одлуката е незаконски донесена бидејќи во Буџетот на општината не се предвидени финансиски средства за конкретната намена, односно за одобрување на донација на книги на клонот „Крсте Петков Мисирков”- Македонска Каменица, како и одлука за одобреување на средства на граѓанин за издавање на песна. Исто така се оспорува и одлуката за одобрување на средства на граѓанка поради смрт на сопругот и тешка финансиска состојба. 

II- БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА 

У.бр.30/2023

Подносителка на барањето: Сандра Рилкова

Од наводите во барањето:

Подносителката на барањето наведува дека и е сторена дискриминација од страна на Комисијата за оцена на докторска дисертација при Филозофскиот факултет по основ на социјална и политичка припадност предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот. Се наведува дека повредата е сторена со известување од ноември 2022 година и со дејствие наведување за самостојно откажување од докторските студии со потенцирање на социјалната положба.