У.бр.94/2007

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на членот 117 став 1 во делот „пропишани од Агенцијата“ од Законот за воздухопловство („Службен весник на Република Македонија“ број 14/2006 и 24/2007) и

б) уставноста и законитоста на Правилникот за техничките услови за пловидбеност на воздухоплов, мотор, елиса и опрема на воздухоплов („Службен весник на Република Македонија“ број 42/2007).

2. Друштво за воздушен сообраќај „Ерлифт сервис“ ДОО Скопје, од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот дел од членот 117 став 1 од Законот за воздухопловство се дава овластување на Агенцијата за цивилно воздухпловство да пропишува технички услови за пловидбеност кои треба да ги исполнува секој нов тип воздухоплов, мотор, елиса, падобран и опрема на воздухоплов. Со овластувањето во оспорениот член од Законот се упатува Агенцијата со подзаконски акт да пропишува и други технички услови покрај веќе пропишаните со закон, што создава конфузија и правна несигурност. Ова особено поради тоа што со закон а не со подзаконски акт можеле да се пропишуваат права и обврски во кои спаѓале и техничките услови, а во случајов овластувањето не се однесувало со подзаконски акт на Агенцијата да се операционализираат техничките услови утрдени во Законот ниту за тоа имало критериуми, туку било дадено овластување на Агенцијата самостојно да пропишува технички услови.

Од овие причини оспорената одредба од Законот била во несогласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 кои се однесувале на владеење на правото и на поделбата на државната власт; потоа со членот 51 според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот а сите други прописи со Уставот и со закон; со членот 91 алинеи 1 и 5 кои се однесувале на надлежности на Владата на Република Македонија; и со членовите 95 и 96 кои се однесувале на органите на државната управа.

Во однос на оспорениот Правилник, во иницијативата се наведува дека тој бил донесен од директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство на што тој не бил изрично овластен со членот 117 став 1 од Законот за воздухопловство. Поради тоа што директорот на Агенцијата немал изрично законско овластување оспорениот Правилник бил во несогласност со членот 55 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Потоа, со одредбите од Правилникот не се операционализирале и разработувале одредби од Законот за цивилно воздухопловство, туку Правилникот по својата содржина е директен и непосреден извор на повикување на примена на меѓународни стандарди, што е неприфатливо и во спротивност со членот 51 став 1 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Воедно, со иницијативата се бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот дел од членот 117 став 1 од Законот и од оспорениот Правилник, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 117 од Законот за воздухопловство е предвидено:

„Новиот тип воздухоплов, мотор, елиса, падобран и опрема на воздухоплов мора да се подложи на постапка за оцена на сообразност или признавање на оцената на сообразност заради утврдување дали им одговара на техничките услови за пловидбеност пропишани од Агенцијата.

Испитување заради оцена на сообразност на новиот тип воздухоплов, мотор, елиса, падобран и опрема на воздухоплов врши правно лице кое има соодветен персонал, опрема и објекти, како и да ги исполнува другите посебни услови.

Посебните услови во поглед на персоналот, опремата, објектите и другите посебни услови што треба да ги исполнува правното лице од ставот 2 на овој член ги пропишува Агенцијата“.

Судот, исто така утврди дека Правилникот за техничките услови за пловидбеност на воздухоплов, мотор, елиса и опрема на воздухоплов („Службен весник на Република Македонија“ број 42/2007) е донесен врз основа на член 117 став 1, а во врска со член 3 од Законот за воздухопловство, од директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Во членот 1 од Правилникот е определено дека со него се пропишуват техничките услови за пловидбеност на воздухоплов, мотор, елиса и опрема на воздухоплов.

Во членот 2 од Правилникот е уредено дека техничките услови се дадени во меѓународните стандарди кои се набројани во 17 точки во овој член од Правилникот, и кои се сметаат за прифатени и се применуваат, а според членот 3 од Правилникот, покрај техничките услови од член 2, како дополнителни материјали кои се сметаат за прифатени и се применуваат, се уште две набројани во овој член.

Според членот 4, овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според членот 118 од Уставот на Република Македонија, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

На 9 јуни 2006 година во Луксембург е склучена, а на седница на Собранието на Република Македонија од 26 февруари 2007 година е ратификувана со закон мултилатералната Спогодба помеѓу Европската заедница и нејзините земји членки, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Република Хрватска, Република Македонија, Република Исланд, Република Црна Гора, Кралство Норвешка, Романија, Република Србија и Мисијата на обединетите нации за привремена администрација на Косово за основање на Европска заедничка воздухопловна област („Службен весник на Република Македонија“ број 27/2007).

Правилата на Европската заедничка воздухопловна област се засноват на соодветни прописи на Европската заедница наведени во Анекс I од оваа спогодба.

Правилата се наведени во акти донесени од Европската заедница на кои е „потребно прилагодување“, како што упатува Спогодбата.

Во делот на „Воздухопловна безбедност“ од Спогодбата е наведен актот број 3922/91 што претставува Регулатива (ЕЕЗ) на Советот од 16 декември 1991 година за усогласување на техничките услови и административните процедури во областа на цивилното воздухопловство, и измените со подоцнежни регулативи број 2176/96 од 13 ноември 1996 година и број 1069/1999 од 25 мај 1999 година.

Со оглед на тоа што мултилатералната Спогодба упатува на примена на овие правила на земјите учеснички во Европската заедничка воздухопловна област, тоа значи дека и прашањето за „техничките услови и административни процедури“ е прашање кое е веќе опфатено и уредено со актите на Европската заедница и тие се влезени во правниот поредок на Република Македонија.

Соодветно на тоа техничките услови од меѓународните стандарди се прецизно набројани во 17 точки во членот 2 од Правилникот за технички услови за пловидбеност на воздухоплов, мотор, елиса и опрема на воздухоплов донесен од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија.

Овие технички услови се продукција на мултилатералната Спогодба и значат исклучиво оперативно набројување на меѓународните стандарди кои се веќе во правниот поредок на Република Македонија со ратификацијата на Спогодбата од страна на Собранието на Република Македонија.

Оттука, според Судот со оспорениот член 17 став 1 од Законот за воздухопловство не се дава овластување Агенцијата да ги регулира техничките услови за пловидбеност, како што се наведува во иницијативата, туку претставува законско овластување Агенцијата да ги определи со подзаконски акт заради оперативна примена.

Поради тоа, термините употребени во оспорениот член 117 став 1 од Законот и во членот 1 од Правилникот, дека се „пропишуваат“ техничките услови од Агенцијата, во суштина не значи и не упатува на овластување на Агенцијата со свој подзаконски акт да ги нормира техничките услови, туку има поинакво значење, кое произлегува од Спогодбата и од одредбите на Законот за воздухопловство, односно има значење на овластување со подзаконскиот акт да се прецизираат меѓународните акти од оваа област, како што е сторено во Правилникот со нивно дирекно набројување. Тоа значи Агенцијата ниту се впуштила во нормирање ниту за тоа имала законско овластување.

Имено, во членот 3 од Законот за воздухопловство е уредено дека подзаконските прописи предвидени со овој закон се изготвуваат во согласност со меѓународните воздухопловни стандарди, препорачаните практики и легислативата на ЕУ, ИЦАО, ЕЦАЦ, ЕУРОЦОНТРОЛ и ЈАА/ЕАСА. Меѓународните стандарди, регулативи, упатства и препорачани практики на кои подзаконските прописи вршат само упатување, дирекно се сметаат за прифатени и се применуваат.

Според членот 192 став 3 од овој закон, доколку меѓународните договори кои ги ратификувала Република Македонија содржат одредби кои се разликуваат од одредбите на овој закон и подзаконските акти донесени врз основа на овој закон, тогаш се применуваат одредбите од меѓународните договори.

Судот, исто така утврди дека оспорениот Правилник е донесен од директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство кој согласно членот 49 став 2, членот 50 и членот 55 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ број 58/2000 и 44/2002) ја претставува Агенцијата, е одговорен за работата на Агенцијата и во вршењето на надлежностите донесува правилници и други акти, па согласно со тоа неможе да се доведе во прашање законитоста на Правилникот врз основа на наводите во иницијативата дека не бил донесен од надлежниот орган согласно членот 117 став 1 од Законот за воздухопловство.

Судот врз основа на изнесеново утврди дека врз основа на наводите во иницијативата не може да се доведе под сомнение уставноста на оспорената одредба од Законот и уставноста и законитоста на оспорениот Правилник.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.94/2007
19 септември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи