94/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 октомври 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 125 став 4 и член 142-а став 2 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1997, 44/2002, 74/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со членот 125 став 4 од Законот за кривичната постапка било предвидено Судот да достави заверен препис од правосилната пресуда до органот надлежен за работите на одбраната ако со пресудата на казна бил осуден помлад офицер, офицер или воен службеник, меѓутоа оваа законска обврска требала да биде предвидена за сите лица во служба во Армијата на Република Македонија, а не само за дел од нив кои се наведени во оспорената одредба. Воедно, постоела терминолошка неусогласеност на поимите на воени лица употребени во оспорената законска одредба со воените лица кои се определени во други закони. Имено, според Кривичниот законик и Законот за служба во Армијата на Република Македонија под поимот воено лице се сметале: воени старешини – офицери и подофицери, професионални војници, војници на служење на воен рок, питомци на Воена академија, лица на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери, воени обврзници во резервниот состав на Армијата на Република Македонија додека се повикани да извршуваат права и должности од областа на одбраната во врска со извршување на воената обврска. Од наведеново произлегувало дека не постојат помлад офицер и воен службеник, кои се наведени во оспорената одредба од Законот за кривичната постапка, што значи постои пропуст во терминологијата.

Од овие причини оспорената законска одредба била во несогласност со членот 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Во однос на членот 142-а став 2 од Законот за кривичната постапка, причините поради кои оваа одредба со иницијативата се оспорува како неуставна се исклучиво поради тоа што Уставниот суд на Република Македонија имал донесено две одлуки со кои укинал одредби од еден друг закон и подзаконски акт, па поради тоа одредбата од Законот за кривичната постапка била во несогласност со членот 8 став 1 точка 3, членот 51ёи членот 112 став 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за кривичната постапка во делот “Извршување на одлуките”, во членот 125 став 4 предвидел дека ако резервен помлад офицер, офицер или воен службеник е осуден на казна, судот ќе достави заверен препис од правосилната пресуда до органот надлежен за работите на одбраната.

Во вториот дел од Законот кој се однесува на текот на постапката, според членот 142-а став 2, овластувањата што ги има Министерството за внатрешни работи во предистражната постапка и во истрагата, ги има и финансиската полиција во случаите кога работи на откривање на кривични дела и нивни сторители и на прибирање докази заради кривично гонење на сторителите за кривичните дела: даночно затајување (член 279 од КЗ); перење пари и други приноси од казниво дело (член 273 од КЗ); криумчарење (член 278 од КЗ); недозволена трговија (член 277 од КЗ) и други кривични дела кои вклучуваат поголеми и значителни износи на данок, царина или други приходи.

4. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на
законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспорува уставноста на членот 125 став 4 од Законот за кривичната постапка од аспект дека одредбата предвидувала законска обврска судот да достави до Министерството за одбрана заверен препис од правосилната пресуда со која бил осуден на казна помлад офицер, офицер или воен службеник. Меѓутоа оваа законска обврска требало да се однесува за сите останати лица во служба во Армијата, а се оспорува и од аспект дека поимите на воените лица употребени во оспорената одредба од Законот за кривичната постапка терминолошки не биле усогласени со поимите на воени лица во други закони (Кривичниот законик и Законот за служба во Армијата на Република Македонија).

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба и деловничката одредба, а во контекст на барањето во иницијативата во овој дел, со оглед на тоа што Судот одлучува за тоа што е содржано во одредбите од законот, а не за тоа што не би требало да биде содржано според подносителот на иницијативата, како и поради тоа што Судот не е надлежен да ја цени терминолошката усогласеност помеѓу законите, Судот утврди дека иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 125 став 4 од Законот за кривичната постапка треба да се отфрли.

Со иницијативата, исто така, се оспорува уставноста на членот 142-а став 2 од Законот за кривичната постапка, на начин што се бара Судот преку сопствена анализа на своите Одлуки У.бр.40/2003 и У.бр.94/2004 сам да ги констатира аргументите и причините за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведениот член од Законот.

Поаѓајќи од овој пристап во иницијативата, Судот оцени дека за уставносудска анализа на оспорениот член од Законот постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, па поради тоа иницијативата и во овој дел се отфрла.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.94/2005
5 октомври 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова