93/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилник за условите и начинот за издавање деловен простор под закуп со кој управува Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2003).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Имено, според подносителот на иницијативата, членот 163 разгледуван во врска со членот 179-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување не го овластувал Фондот за пензиското и инвалидското осигурување со општ акт да ги утврдува условите и начинот за издавање деловен простор под закуп, туку само да ги утврди функциите и дејноста на тие објекти, како и условите и начинот на нивното работење. Оттаму, според подносителот на иницијативата Фондот ги пречекорил законските овластувања кога го донел оспорениот акт.

Ова од причина што закупот се уредувал со членовите 570 до 602 од Законот за облигационите односи, а не со подзаконски акт, каков што бил оспорениот правилник.

Понатаму, подносителот на иницијативата го цитира чле-нот 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, за кој смета дека е повреден со донесениот правилник и воедно наведува дека со оспорениот правилник се повредувале исто така и членовите 8 став 1 алинеја 3 и 51 од Уставот, како и член 179-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 163, а во врска со член 179-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/ 1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000 и 50/2001) Управниот одбор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија на седницата одржана на 14 октомври 2003 година, го донел оспорениот правилник, кој содржи 19 членови.

Во член 1 од Правилникот е определено дека со овој правилник се утврдуваат условите и начинот за издавање на деловен простор под закуп што се наоѓа во домовите за живеење и клубовите за дневен одмор на корисниците на пензија со кои управува Фондот за пензиското и инавалидското осигурување на Македонија (во натамо-шниот текст: Фондот).

Во натамошните членови се разработува материја што се однесува на следните околности: кому може да му биде издаден просторот под закуп, забрана за издавање на просторот во подзакуп и се разработуваат околностите од кои зависи висината на почетната закупнина. Потоа во Правилникот се содржани одредби за работите што ги врши Комисијата за издавање деловен простор под закуп, како се врши огласувањето за издавање на деловниот простор и што содржи огласот, што треба да содржи понудата, кои понуди се земаат предвид при изборот на најповолниот понудувач, кој и кога го склучува договорот, кога ќе се смета дека избраниот понудувач се откажал од деловниот простор, кога престанува да важи договорот, услови за раскинување и откажување на договорот и временскиот период на важење на договорот. На крај во Правилникот е содржана одредба за престанок на важење на претходно донесениот Правилник и одредба за влегување во сила на Правилникот и тоа осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), со актите кои ги донесува директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа, односно со управна организација не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Според член 8 и 9 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. (80/ 1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2 000, 50/2001, 85/ 2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005 и 70/2006) , Фондот за пензиско и инвалидско осигурување има својство на правно лице и како такво врши дејност од јавен интерес.

Според член 163 став 1 точка 1 од Законот, Управниот одбор на Фондот донесува Статут и други општи акти на Фондот.

Според член 179-а од Законот, со домовите и становите за живеење на корисниците на пензија, објектите наменети за клубови за дневен престој, објектите наменети за одмор и рекреација на кори-сниците на пензија и други објекти што се во државна сопственост, упра-вува Фондот (став 1). Фондот со општ акт ги утврдува функцијата и дејноста на овие објекти, како и начинот и условите на нивното рабо-тење (став 2).

Тргнувајќи од содржината на членот 179-а став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување произлегува дека државата е сопственик на домови и станови за живеење на корисни-ците на пензија, објекти наменети за клубови за дневен престој, објекти наменети за одмор и рекреација на корисниците на пензија и други објекти и врз основа на оваа одредба државата го одстапила правото на управување на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, како институција со јавни овластувања. Воедно со ставот 2 од истата одредба, државата, преку Законот го овластила Фондот со општ акт да ги утврди функцијата и дејноста на овие објекти, како и начинот и условите на нивното работење.

Притоа, според Судот вака даденото овластување на Фондот во име и за сметка на државата да управува со наведените објект и воедно преставува и законско овластување за поблиско определување и на условите и начинот за издавање објектите под закуп. Ова од причина што државата како сопственик и држател на имотот што се дава под закуп има право, како и секој друг сопственик, да определи субјект кој во нејзино име и за нејзина сметка ќе управува со нејзиниот имот. Во овој случај, државата ценела дека Фондот е најповиканата институција за спроведување, реализација на постапката за давање на нејзиниот имот под закуп, а имајќи го предвид карактерот и наменатата на имотот, предмет на закуп и во таа смисла на Фондот му дала широки овластувања во управувањето со имотот, вклучувајќи го и овластувањето да ги операционализира со свој акт условите за издавање на имотот под закуп.

Според Судот, државата, како сопственик, е овластена да го определи начинот на кој ќе се врши издавањето на нејзиниот имот под закуп и со тоа да определи уредувањето на ова прашање да се направи со општ акт на Фондот, кој како институција со јавни овластувања во реалиција на вака пренесеното право, во името на државата ги определува и условите за издавање под закуп. Имено, тоа подразбира дека Фондот е овластен со оспорениот Правилник, меѓу другото да ја операционализира висината на закупнината, да склучува или раскинува договори за закуп, да води евиденција на имотот од каде произлегува дека истиот има законско овластување во целост да стопанисува со наведениот имот на Републиката.

Според тоа, Фондот во реализација на законското овластување го до нел оспорениот правилник и при тоа не се направени повреди на законските одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата. Врз основа на наведеното пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија, како и за согласноста со член 179-а од Законот за пензиското и инвалидкото осигурување и член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 93/2006
15 ноември 2006 год.
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи