93/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јуни 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата со која се бара поведување постапка за оценување уставната рамноправност на граѓаните државјани на Република Македонија според член 9 од Уставот на Република Македонија.

2. На Уставниот суд на Република Македонија професор д-р Владан Златановиќ му поднесе иницијатива со која се бара поведување постапка за оценување уставната рамноправност на граѓаните државјани на Република Македонија според членот 9 од Уставот на Република Македонија. Според наводите во иницијативата со Уставот на Социјалистичка Република Македонија и со Уставот на Република Македонија била загарантирана рамноправност на сите граѓани пред Уставот и законите. На тој начин голем број граѓани се стекнале со право на користење на општествени станови под исти услови. Меѓутоа, со Законот за продажба на становите во општествена сопственост на група граѓани не им било дозволено да ги откупат општествените станови, а согласно одредбата на член 3 од овој закон. Со оваа одредба законодавецот ја повредил уставната гаранција за рамноправноста затоа што се доведени во нерамноправна положба во однос на сите други граѓани кои се стекнале со исто право.

Понтаму, во иницијативата се наведува дека Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, со која е укината одредбата на членот 99 од Законот за станбени односи односно со која е укинато станарското право на станови во општествена соспственост стекнати по присилни прописи, не можела да има дејство на становите кои се уште биле во општествена сопственост и со кои управувало Јавното претпријатие, се до донесување на закон со кој ќе ја уреди сопственоста на овој вид станови.

Со оглед на тоа што носителите на станарско право на становите во општествена сопственост стекната со присилни прописи не биле во рамноправна положба со другите носители на станарско право на станови во општествена сопственост со иницијативата се бара Судот да донесе решение за уставна заштита на рамноправноста на граѓаните пред законите и укаже на законодавецот на нееднаквата правна положба на дел од граѓаните на Република Македонија и побара решавање на проблемот.

3. На седницата Судот утврди дека со иницијативата не се бара оценување на закон, друг пропис или општ акт, ниту преиспитување на решение на Уставниот суд, туку заштита на рамноправноста на граѓаните државјани на Република Македонија според членот 9 од Уставот на Република Македонија.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Судот смета дека барањето од иницијативата – заштита на рамноправноста на граѓанаите не може да се подведе под основите утврдени со наведената уставна одредба за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Од друга страна, според мислењето на Судот, заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот што ги заштитува Уставниот суд, подразбира нивна повреда со поединечен акт или дејство од што произлегува дека закон не може да биде причина за ваква заштита туку поединечни акти.

Исто така, со оглед на тоа што Судот предходно веќе одлучувал за уставноста на одредбата од член 3 став 3 од законот за продажба на општествените станови и тоа, како од аспект на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, така и од аспект на повратното дејство на оваа одредба, Судот утврди дека не постојат основи за поинакво одлучување.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.93/96)