92/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законистоста на Решението за разрешување на Претседателот на Советот на Општина Кисела Вода број 07-1928/2 од 13.03.2008 година.

2. Горан Арсовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законистоста на Решението означено во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспореното решение било во директна спротивност со темелните вредности од член 8 став 1 алинеа 8 од Уставот на Република Македонија, членовите 37, 39, 48 од Законот за локална самоуправа, членовите 33 од Статутот на Општина Кисела Вода и членовите 25, 40, 55, 57 и 64 став 2 од Деловникот на Советот на општина Кисела Вода.

Имено, оспореното решение било спроведено на незаконит начин, бидејќи истото било донесено по иницијатива за самосостанување на членовите на Советот на Општината. Во иницијативата понатаму се наведува дека, институтот самосостанување било предвидено само во член 37 од Законот за локална самоуправа, а не било предвидено во ниту една друга одредба од Законот, ниту постоело можност за самосостанување при конституиран Совет на општината што го чинело ваквото решение противзаконито.

Оттаму, не била запазена постапката за свикување и раководење со седниците на Советот, од причини што оваа седница била водена од член на советот иако Претседателот на советот бил присутен, а одлуката не била потпишана од Претседателот на советот.

Поради наведените причини сo иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспоренато решение и истото да биде поништено.

3. Судот на седницата утврди дека во оспореното решение е утврдено разрешувањето на претседателот на Советот на Општина Кисела Вода.

Според точката 1 од оспореното Решение, Горан Арсовски се разрешува од должноста претседател на Советот на Општина Кисела Вода, а во точката 2 од истото решение е утврдено дека решението влегува во сила со денот на донесување, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Кисела Вода“.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од називот и содржината на оспореното решение неспорно произлегува дека е поединечен акт со кој се разрешува претседател на Советот на општина Кисела Вода, а не е пропис со кој на општ начин се уредуваат определени односи, односно прашања н а неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристично за секој вид на пропис.

Со оглед на тоа што оспореното решение не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија туку е поединечен, односно конкретен акт, Судот одлучи дека не е надлежен да ја оценува неговата согласност со Уставот и со закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.92/2008
21 мај 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски