92/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 мај 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 18 ставовите 3 и 4 во делот “претседателот на Комората”, член 23 став 2 втората реченица и член 24 став 1 алинеја 3 од Статутот на Лекарската комора на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/95, 30/95 и 22/96).

2. Општинскиот одбор на докторите “Чаир” – Скопје, претставуван од Велимир Јовановски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 18 ставовите 3 и 4 во делот “претседателот на Комората”, член 23 став 2 втората реченица и член 24 став 1 алинеја 3 од Статутот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби од Статутот се уредувало седниците на Собранието и на Извршниот одбор да ги свикува и со нив да раководи претседателот на Комората, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот

3. Судот на седницата утврди дека според член 18 став 3 од Статутот, Собранието на Комората го свикува претседателот на Комората по сопствена иницијатива и на предлог на Извршниот одбор или на предлог од една третина од членовите на Собранието, а според став 4 од овој член на Статут, претседателот на Комората треба да свика седница на Собранието најдоцна 30 дена од денот на добивањето на предлогот од претходниот став. Ако тоа не го стори претседателот, Собранието можат да го свикаат самите предлагачи.

Со член 23 став 2 од Статутот – се уредува дека Извршниот одбор работи на седница. Седниците на Извршниот одбор ги свикува и нив ги раководи претседателот на Комората, а според член 24 став 1 алинеја 3 од Статутот, претседателот на Комората ги свикува и ги води седниците на Собранието и на Извршниот одбор.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Тие слободно можат да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

Според член 110 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и здруженија на граѓаните.

Со Законот за здруженијата на граѓани и фондациите (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/98) се уредува начинот, условите и постапката за основање, регистрација, работење и престанок на здруженијата на граѓаните и фондациите. Според член 5 став 2 од овој закон, здруженијата на граѓани и фондациите се самостојни во организирањето и остварувањето на своите цели, интереси и активности утврдени со статутот, а според член 20 од Законот, покрај другото, со статутот на здружението на граѓани се уредуваат органите, начинот на нивниот избор и отповикување и нивниот меѓусебен однос, облиците и начинот на дејствување, како и начинот на одлучување.

Тргнувајќи од анализа на наведените уставни и законски одредби, а имајќи го предвид карактерот на Лекарската комора на Македонија како самостојно и професионално здружение на лекарите, според мислењето на Судот, оспорените одредби од Статутот според кои седниците на Собранието и на Извршниот одбор ги свикува и со нив раководи претседателот на Комората, се внатрешни организациони прашања на Комората, што се уредени со Статутот и со нив не се нарушува принципот на владеење на правото, ниту пак, тие одредби во оценката на нивната уставност можат да се подведат под член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, која темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се однесува на државната власт, а не и на здруженијата на граѓаните. Со оглед на тоа, Судот оцени дека одредбите на Статутот во оспорените делови се во согласност со Уставот, поради што не го постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.92/99
12 мај 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков