89/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Слу`бен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одр`ана на 27 ноември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката бр. 07-1794/19 од 27.12.2001 год. на Советот на Општина Кичево за донесување на измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на град Кичево за населба “Карпош 1 и 2” – Општина Кичево.

2. Спироски Живко од Кичево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 од ова решение.

Имено, според наводите од иницијативата со оспорената Одлука се повредувале правото на сопственост на иницијаторот, како и принципот на владеење на правото, што не било во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот на Република Македонија и член 18 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97, 18/99 и 53/01).

До таквите повреди, според иницијаторот, дошло на начин што со направената измена на планот му биле одземени 17 м2 од дворното место и оваа површина била додадена кон парцелата на друг сопственик, иако го запазил правото да поднесе приговор по спроведената јавна анкета. По однос на истакнатиот приговор, иницијаторот наведува дека не добил соодветно законито образложение, па со оглед да поседува и прилага документација за историјатот на движење на сопственоста, предлага Судот да поведе постапка за оценување уставност и законитост на оспорената Одлука и истата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од Одлуката е определено да се донесат измени и дополнувања на ДУП за населба “Карпош 1 и 2” – Општина Кичево врз основа на предлог – планот на “ИН-ПУМА”- Скопје со подизвршител Проектантско биро “НЕИМАР”-Битола со технички број 107/2001 од ноември 2001 година, како составен дел на Одлуката. Во членот 2 е наведено кои се акти ги содржи одлуката, додека во членот 3 е регулиран начинот на заверка на планот и се определени органите на кои треба да се достави планот. Во членот 4 е определено дека планот ќе го спроведува Министерството за транспорт и врски-Подрачна единица Кичево. Понатаму, со членот 5 е определено на кои се органи треба да се достави оспорената Одлука. Во последниот член 6 е определено Одлуката да стапи во сила наредниот ден од објавувањето во “Службениот гласник на Општина Кичево”. Одлуката е донесена на 27.12.2001 година и е потпишана од Претседавачот на Општина Кичево, д-р Ѓорѓија Матески.

4. Од приложената документација Судот утврди дека градоначалникот на Општината Кичево, донел Одлука број 08 – 1422 /1 од 1.10.2001 год. за организирање на Јавна анкета по Нацрт-измените и дополнувањето на ДУП за населбата “Карпош 1 и 2” – Општина Кичево. Во Одлуката е наведено дека кон измената и дополнувањето се пристапува по претходно донесена Одлука бр.07-686/7 од 10.06.1999 година, за простор кој опфаќа 16,90 ха со точно определени мери и граници. Исто така е определено јавната анкета да се спроведе во период од 10 дена од 1.10.2001 година до 10.10.2001 година.

Со барање бр.08-1420/1-1 од 1.10.2001 год., Градоначал-никот на Општината се обратил до “Радио Кичево”, во кое е наведено дека треба да се објави соопштение за спроведување на јавна анкета на програмата на Радиото секој работен ден од 1.10.2001 година до 05.10.2001 година. Во прилог на барањето доставено е и соопштение од истиот датум под број 08-1420/1, во кое се означени повеќе урбани населби за кои е предвидена измена и дополна и е означено дека Јавната анкета ќе заврши заклучно со 11.10.2001 година.

“Радио Кичево” во соопштение без број и датум, означува дека постапило по барањето и емитувало соопштение во периодот 1.10.2001 година до 5.10.2001 година.

Од страна на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови на Република Македонија, во октомври 2001 година, направена е стручна ревизија на измената и дополната на ДУП.

Одговорот на ревизијата е направен од страна на Претпријатието “ИН-ПУМА” Д.О.О. Скопје, исто така во октомври 2001 година, во кој стои заклучок дека Нацрт-планот може да оди во натамошна процедура.

Градоначалникот на Општината донел решение бр. 08 -1517/1 од 23.10.2001 година за именување на Комисијата за изготву-вање на извешај по Јавната анкета за Нацрт-планот.

Во анкетниот лист број 8, иницијаторот ја истакнал својата забелешка на Нацрт-планот, а во насока дека дел од неговото дворно место од северната страна, според Нацрт-планот, му е доделено на друго лице, иако има уредна документација за вкупна површина од 146м2. Во прилог на анкетниот лист, иницијаторот доставил копија од катастарскиот план од 12.02.1991 година и договор за купопродажба на стан бр.03-486/79 од 26.06.1980 на име на неговиот покоен татко, од кои докази произлегува дека трајното користење на градежното земјиште се однесува токму на површината наведена во анкетниот лист.

Во извештајот број 08-1420/2-2 од 1.11.2001 година по јавната анкета, надлежната комисијата не го прифатила приговорот по анкетниот лист број 8, од причина што предметното земјиште било спроведено во катастарскиот операт и на лице место се користело онака како што се предвидувало со предметните измени.

Органот за уредување и употреба на градежно земјиште во градежниот реон на Општина Кичево, со известување број о8-1420/3-2 од 2.11.2001 год., го известил Министерството за транспорт и врски дека во целост е постапено по извештајот на јавната анкета, па од страна на ресорното министерство е дадена согласност на предлогот за изменување и дополнување на ДУП, под број 13-13279 од 10.12.2001 година.

Оспорената Одлука е донесена под број 1794/19 од 27.12.2001 година.

Покрај горе наведената документација, доносителот на оспорената Одлука достави и копие од катастарскиот план бр.03-234/2 од 20.06.2002 година, од кој документ произлегува дека иницијаторот користи дворно место со површина од 70 м2, под објект 58 м2 или се вкупно површина од 128 м2.

Од страна на иницијаторот, во поткрепа на наводите од иницијативата, освен наведените докази доставени се: решение за локација бр.08-731/2 од 14.07.1993 година, одобрение за до и надградба бр.09-863/2 од 06.08.1993, кои гласат на име на мајката на иницијаторот, Спироска Зорица од Кичево. Потоа се прилага и договор за подарок, заверен пред Општинскиот суд Кичево под Зав.Нд.бр.147/95 од 15.02.1995 година, во кој поклонопримател е иницијаторот. Од сите приложени докази произлегува дека предметната КП. бр.3747/10 е со вкупна површина од 146 м2. Инаку, Спироска Зорица е огласена за законски наследник на целокупната оставината на покојниот Спироски Тихомир, татко на иницијаторот, во кој имот припаѓа и сега спорната КП, а врз основа на решението О.бр.30/1991 од 29.02.1991 година на Општинскиот суд Кичево.

На барање од Судот, иницијаторот дополнително со поднесок од 11.11.2002 година достави: Уверение од Одделение за Премер и катастар од Кичево бр.12-17/580 од 17.10.2002 година, Копие за нумерички податоци бр.11-15/62 од 27.06.2001 година на истиот орган и Решение за доделување на градежно земјиште на користење бр.16-3547/02 од 22.04.2002 на име на иницијаторот донесено од Министерството за транспорт и врски-Сектор за документирање и управување со градежно земјиште од Скопје.

Од содржината на Уверението произлегува дека истото е издадено врз основа на списокот на промени број 293/2000, Договорот за купопродажба, Решението за наследување, Договорот за подарок, Решението за локација и Одобрението за градба. Според ова Уверение КП.бр.3747/10 трпела промени и изнесува вкупно 128 мІ или под објект 58 мІ и двор 70 мІ, а ваквата состојба е според списокот на промени од 2000 година, односно пред донесувањето на оспорената Одлука.

Од содржината на Копието на нумерички податоци произлегува дека иницијаторот предлага взаемна размена на дел од земјиштето што го користи со соседната парцела на кој начин според него би се означила новата урбанистичка линија по пат на направена компензација. Инаку според скицата на Геодетската управа, произлегува дека постои взаемно навлегување помеѓу градежните линии на катастарската парцела која ја користи иницијаторот и катастарските парцели на неговите соседи.

Од решението за доделување на земјиште на користење произлегува дека иницијаторот добил на користење 132 мІ, а ова решение станало правосилно на 5.06.2002 година односно по донесувањето на оспорената Одлука, што претставува трет различен податок по однос вкупната површина на доделеното земјиште на користење и големината на КП.3747/10.

5. Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96) влезе во сила на 3 февруари 1996 година, после што се направени повеќе измени и дополнувања и тоа со донесување на:

– Закон за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на РМ” бр.28/97), што влезе во сила на 28 јуни 1997 година;

– Закон за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на РМ” бр.18/99), што влезе во сила на 8 април 1999 година;

– Закон за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на РМ” бр.53/01), што влезе во сила на 20 јули 2001 година;

Според член 2 од Законот, просторното и урбанистичко планирање е континуиран процес што се обезбедува со изработу-вање, донесување и спроведување на просторните и урбанистичките планови кои меѓусебно се усогласуваат. Според членот 3 од Законот, изработувањето и донесувањето на просторните и урбанистичките планови се работи од јавен интерес. Самата постапка за донесување на плановите, вклучително и на урбанистичките планови е уредена со самиот закон.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува покрај другите и детален урбанистички план.

Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот, се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според содржината на став 3 од оваа одредба, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план. Во ставот 4, опрелено е, документацијата на деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој Закон.

Во член 15 од Законот, предвидено е дека за изработка на плановите од член 7 на овој закон, Владата на Република Македонија основа Јавно претпријатие кое покрај другите надлежности изработува и урбанистички планови.

Во смисла на содржината на член 16 од Законот, изработувањето на сите видови урбанистички планови се врши од правно лице овластено од министерот надлежен за работите на уредувањето на просторот.

Од содржината на член 17 од Законот, која се однесува на деталните урбанистички планови произлегува дека плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета.

Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација (член 17 став 7).

Според член 18 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфате-ните забелешки изработува општината (став 4).

Во смисла на член 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа односно јавата анкета, се врши стручна ревизија. Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.

Согласно член 20 од овој закон, измените и дополну-вањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според член 22 став 3 од Законот, општината донесува урбанистички планови од членот 7 точка 2 од овој Закон, а урбанистичките планови од ставот 3 на овој член се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот. Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата на членот 14 од овој закон ја врши правно лице кое има добиено овластување од член 16 став 1 на овој закон, што го определува градоначалникот. Изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по стручната ревизија.

Според член 22 став 6 и 7 од овој закон, урбанистичките планови можат да се спроведуваат по издавањето на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот. Плановите за кои не е издадена согласност, се сметаат дека не се донесени.

Врз основа на договорот за купопродажба бр.03-486/79 од 26.06.1980 година и копието од катастарскиот план од 12.02.1991 година се констатира дека, сега покојниот Спироски Тихомир, татко на иницијаторот, користел дворно место и земјиште под куќа во вкупна површина од 146 м2. Од оставинското решение, како и од решението за локација за доградба и надградба, произлегува дека КП.3747/10 не претрпела промени по однос на својата површина во моментот кога се евидентирала како сопоственост на сега покојната Спироска Зорица, мајка на иницијаторот. Таква промена не настанала и во моментот кога Спироска Зорица помеѓу другото на иницијаторот Спироски Живко му ја подарила и предметната парцела со судски заверениот договор од 09.02.1995 година.

Комисијата за изготвување на извештај за јавната анкета при Општината Кичево, не го прифатила барањето на иницијаторот за комплетирање на неговата парцела според договорот за купопродажба бидејќи земјиштето веќе било спроведено во катастарскиот операт и се користело на лице место, онака како што предвидувале измените. Според копието од катастарскиот план од 20.06.2002 година, КП.бр.3747/10 има под објект 58 м2 и дворно место 70 м2 или вкупна површина од 128 м2, што значи дека намалувањето на вкупната површина на парцелата, настанало во перидот помеѓу 1995 година и постапката за измена и дополна на ДУП .

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 6 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелните вредности на уставниот поредок. Во член 30 став 3 од Уставот, определено е дека никому не можат да му се бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според изложената фактичка и правна состојба на работите, по оценка на Судот, во конкретниот случај дошло до намалување на вкупната површина на катастарската парцела во период пред да биде спроведена постапка за измена и дополна на планот, па не може да се прифати наводот на иницијаторот дека оспорената Одлука е во спротивност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 6 и 30 став 3 од Уставот, како и со членот 18 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Тргнувајќи од околноста што врз основа на сета приложена документација, произлегува дека оспорената Одлука за измена на ДУП е донесена во законски предвидена постапка, од страна на законски определени органи со запазување на сите фази на постапката за изменување и дополнување на деталниот урбанистички план, Судот утврди дека во постапката не се повредени владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, како темелни вредности на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 и 6 од Уставот. По однос на правната заштита за одбележување е и моментот што на иницијаторот му стојат на располагање и други правни средства за заштита на сопственоста во друга постапка. Исто така не може да се констатира ниту одземање или ограничување на сопственоста и правата што произлегуваат од неа, па по оценка на Судот нема повреда ниту на членот 30 став 3 од Уставот.

Од друга страна, во смисла на член 18 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, извештај за стручната расправа за плановите од член 17 став 4 од овој закон, со образложение за неприфатените забелешки, изработува Министер-ството надлежно за работите на урбанизмот, што значи дека одредбата на која се темели иницијативата не се однесува на видовите на планови за кои е надлежна да одлучува Општината.

Во членот 18 став 4 од Законот е предвидено, извештај за стручната расправа и јавната анкета за плановите од член 17 став 5 на овој закон, со образложение за неприфатените забелешки, изработува општината односно Градот Скопје. Според ваквото законско решение произлегува дека Советот на Општината Кичево не сторил повреда на одредбата од Законот на која посочува иницијативата, бидејќи извештајот по јавната расправа е донесен од надлежен орган.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 89/2002
27 ноември 2002 година
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов