89/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 1 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 8 јули 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Ѓорѓиевски Христо од Битола за оценување уставноста и законитоста на постапката за избор на грб, знаме и химна на Република Македонија.
2. Ѓорѓиоски Христо од Битола му поднесе иницијатива на Уставниот суд на Република Македонија за оценување уставноста и законитоста на постапката за избор на државните симболи на Републиката, затоа што сите пристигнати трудови не биле разгледани и не биле наградени најдобрите иако биле откупени.
3. Судот на седницата утврди дека според член 5 од Уставот на Република Македонија државните симболи на Република Македонија-грбот, знамето и химната, се утврдуваат со закон, кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според член 8 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, законот за грбот, знамето и химната на Република Македонија требаше да се донесе во рок од шест месеци од денот на прогласувањето на Уставот, а до донесувањето на овој закон е предвидено да се применуваат постојните симболи и химната утврдена во поранешниот устав.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека државните симболи на Републиката се утврдуваат со закон и дека Уставот не ја пропишан постапката за начинот на избор на овие симболи, ниту постапката што му претходи на донесувањето на законот.
Со оглед на тоа што со иницијативата не се бара оценка на закон или друг пропис и општ акт, како и со оглед на тоа што ниту со Уставот, ниту со закон не е пропишана постапка за избор на државните симболи, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.